Иванов: Каква Македонија ќе создадеме, таква и ќе имаме
23 септември 2012„Од бројните врски кои ги поврзуваат татковината и дијаспората, најголема е љубовта кон нашата заедничка татковина. Верувам дека токму таа љубов е причина повеќе да бидеме единствени, сплотени и сложни во заложбите за напредна, богата и просперитетна Република Македонија“, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов, дополнувајќи: „Желбата за европска и евроатланска Македонија ги обединува не само граѓаните на Република Македонија, туку и нашите браќа и сестри од целиот свет. Само така ќе го исполниме сонот на нашите предци за слобода, правда и човечко достоинство. Да се обединиме околу мотото – каква Македонија ќе создадеме, таква и ќе имаме. А сакаме да имаме богата, напредна, европска и просперитетна Македонија“
На средбата во Њу Џерси, покрај голем број Македонци, присуствуваа и политичари од оваа американска сојузна држава. Конгресменот Бил Паскрел, долгогодишен поддржувач на Македонија, одржа говор во кој се заложи за македонското членство во НАТО.
„Ние како држава немаме право, и Обединетите нации немаат право да ви кажуваат вам, ниту на било која друга нација, како да се нарекувате самите себеси. Многупати сум зборувал со државниот секретар Хилари Клинтон, мојата добра пријателка, за ова. Сум зборувал со поранешни претседатели, и демократи и републиканци, и не попуштаме од тоа Македонија да биде суверена и независна држава засекогаш и дека нема никаква причина никој да го попречува членството во НАТО. Нашата борба не е да се уништи непријателот, туку непријателот да стане пријател“, изјави конгресменот Паскрел.
Претседателот Иванов утре патува во Бостон, каде ќе одржи предавање на елитниот универзитет „Харвард“, на тема „Македонските интеграции, и почитувањето на различностите во Република Македонија“. Иванов ќе се обрати на генералното Собрание на ОН во четврток (27.09). Во рамките на посетата, тој ќе оствари средба со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун, кој неодамна ја посети Македонија и се информираше за текот на разговорите со Грција за спорот за името.
Македонската делегација, во која е и министерот за надворешни работи Никола Попоски, ќе се сретне со посредникот во разговорите за името амбасадорот Метју Нимиц, а министерот Попоски ќе оствари средба и со шефот на грчката дипломатија Димитрис Аврамопулос.