1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: народот го отфрли Преспанскиот договор

БГ
1 октомври 2018

Македонскиот претседател оцени дека референдумот не успеал и ги повика одговорните од владејачката коалиција да си понесат одговорност за неуспехот на референдумот

Mazedonien Präsident Gorge Ivanov
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„На вчерашниот референдум народот го отфрли Преспанскиот договор. Со негласање, народот јасно се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус“, порача вечерва претседателот Ѓорге Иванов во обраќање до нацијата.
Тој предупреди дека „таа реалност не смее да се измени“ и дека не смее да се „потценува  суверената волја на македонскиот народ“. Според Иванов, на референдумот одлучило „тивкото мнозинство“. Иванов директно, „како граѓанин“, побара од владејачкото мнозинство да понесе одговорност за неуспешниот референдум. „Не може да се зборува за волја на мнозинството во услови кога не е исполнет законскиот цензус за референдум. 36,9% излезност не е волја на народот, туку 63,1% кои не излегоа“, рече Иванов.
„Време е за одговорност пред македонскиот народ“.

Македонскиот претседател на една недела пред гласањето, за време на средбите со дијаспората во САД, соопшти дека ќе го бојкотира референдумот.
Вечерва, Иванов искажа серија обвинувања на сметка на владата, меѓудругото и дека со „непопуларниот референдум“ ја направиле „колатерална штета поддршката на граѓаните за ЕУ и НАТО“.
„Поддршката за ЕУ и НАТО од над 80% ја сведовте на само 36,9%. Ги манипулирате и нашите граѓани, а на нашите европски и евроатлантски партнери им пласирате лажни претстави и перцепции“.
Иванов испрати предупредување и до дипломатскиот кор и странските претставници кои, како што рече, „се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија и непринципиелно заземаат страна“.
Во одбрана на своите тези, Иванов се повика и на говорите на американскиот претседател Доналд Трамп пред ОН и на францускиот претседател Емануел Макрон.
Следните чекори за државата, според Иванов, треба да бидат „сериозни и темелни реформи во сите сегменти“, и изградба на нов „национален консензус“ во однос на државните интереси и остварувањето на стратешките цели.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми