1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов не прифаќа да биде фуснота во Законот за јазици

15 јануари 2019

Претседателот на државата попладнево со писмена изјава реагира на објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Преспанскиот договор во Службен весник. Иванов смета дека потегот е противуставен.

Mazedonien Präsident Gorge Ivanov
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Објавувањето на двата закона во Службен весник е противуставно и противзаконско, оценува македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на договорот меѓу Македонија и Грција во спорот за името се најдоа во Службен весник без потпис од претседателот на државата. Законот за употреба на јазиците беше донесен по вторпат во Собранието во март минатата година, откако Иванов одби да го потпише, иако имаше обврска за такво нешто.

Собранискиот спикер Талат Џафери синоќа соопшти дека го испратил Законот на објава во Службен весник. Во него, одлуката на Иванов да не го потпишува Законот е ставена во фуснота.

Според Иванов, „објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни“.

„Со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење“.

Шефот на државата во изјавата ги повикува Уставниот суд, обвинителството, и судството да реагираат на ваквиот потег и се прашува дали „постои владеење на правото“.

Собранискиот спикер Талат Џафери вели дека објавувањето на законот е во согласност со УставотФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

„Се прашувам, дали високите претставници на меѓународната заедница, кои ја поддржуваат оваа владина коалиција, ќе се јават и ќе го поддржат овој начин на донесување на закони?

Дали ќе ги поддржат овие преседани, што носат несогледливи последици и штета по правото и правната држава и дали вакви преседани применуваат во сопствените држави?“, се наведува во изјавата на Иванов.

Високите функционери на ДУИ од синоќа, преку социјалните мрежи, го прославуваат објавувањето на Законот за јазици со кој, Албанците во Македонија ќе добијат проширена употреба на својот мајчин јазик.

Собранискиот спикер Талат Џафери за СДК.мк изјави дека објавувањето на Законот во Службен весник е „уставно“.

„Член 51 став 2 од Уставот вели дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Член 52 вели дека законите се објавуваат во Службен весник. Зошто господинот Иванов не го потпишал Законот за јазиците и зошто одлучил да ја попречува работата на Собранието, прашајте го него“, вели Џафери за порталот Сакам да кажам.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми