1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов од Мечкин Камен повика на „жртвување“

БГ
2 август 2018

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов прославата на Илинден на Мечкин Камен ја искористи за говор во кој жестоко се пресмета со актуелната влада и уште еднаш го отфрли договорот со Грција.

Mazedonien - Gjorge Ivanov - Albanisch zweite Amtssprache
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

„За да се живее живот во светлина потребна е пожртвуваност“, порача Иванов денеска од Мечкин Камен, повикувајќи ги граѓаните да се спротивстават на промената на името и на договорот со Грција.

„Како што Илинденците со својата жртва го подготвија патот за партизаните, и како што партизаните со својата жртва го отворија патот за нашата генерација во Република Македонија, така и нашата жртва е некогаш неопходна за да опстои тој дух на републиката“.

Во говор кој изобилуваше со критики и обвинувања на сметка на владата, Иванов го спореди договорот со Грција со признавањето на Тајван од страна на владата на Љубчо Георгиевски во 1998 година. Тајванската авантура, според Иванов, била резултат на „среброљубие“, додека договорот со Грција е „резултат на славољубие“.

„Ако Тајванскиот договор беше резултат на среброљубие, Грчкиот договор е резултат на славољубие. Заслепени од рефлекторите, на некои наши политичари како личната слава да им е помила од достоинството и судбината на цел еден народ. Ако со тајванскиот договор се направи обид да се редефинира позицијата на Република Македонија на меѓународен план, со грчкиот договор се редефинира самата наша држава“, порача Иванов.

Во говорот тој се повикуваше на ставови на историски дејци и револуционери, но и на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров, додека од публиката скандираа „Иванов, Иванов“.

Шефот на државата обвини дека е „лага дека со грчкиот договор се менува само името“. Според него, се менуваат и „македонскиот државен и институционален идентитет“. 

„Се брише државно-правниот континуитет на идеалот на македонскиот народ да има своја држава. (...)

Лага е дека се гарантира членството во ЕУ и НАТО. (...) Правно се укинува македонскиот народ. (...) 

Нѐ убедуваат сами себе да се укинеме, народот да изврши правно и историско самоубиство“, гласеа дел од оценките на Иванов. Вината за тоа, според него, не е ни кај „нашиот јужен сосед“ ниту кај „евроатлантските партнери“, туку во нас самите.

„Републиката е на народот бидејќи од него излегува сувереноста. Република Македонија не е приватна сопственост за некој да тргува со неа. Не е личен имот за некој да ја распродава. Република Македонија му припаѓа на народот кој ја создал“, рече Иванов, а говорот го заврши со став дека нема да дозволи да го поколебаат никакви притисоци.

Заев: Да направиме историја

Од Пелинце, премиерот Зоран Заев претходно испрати спротивна порака. Тој ги повика граѓаните да гласаат на референдумот на 30 септември за земјата „да направи историја и забрзано да продолжи на патот кон посветла иднина“.

Заев од Пелинце порача дека договорот со Грција е патриотскиФотографија: Reuters/D. Zammit Lupi

Заев рече дека Договорот со Грција е патриотски и оти со него се зачувувале македонскиот идентитет, јазик и државјанство и повика на единство, наместо на поделби.

„Да ги запреме сите поделби, да се обединиме внатре и со европското семејство за да имаме утре. Пред неколку дена го потврдивме датумот за референдумот – 30 септември. Тоа е денот на нашата нова историска одредница, денот кога ќе донесеме одлука за нашата иднина како дел од семејството на ЕУ и на најсилниот сојуз НАТО“, рече Заев.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Ташмаруништа ја критикуваше актуелната влада и најави дека на референдумот граѓаните ќе им кажат „не“.

„И затоа, колку и да се удираат во гради дека биле за 'да', толку повеќе луѓето во Македонија ќе им кажат големо 'не', доста е!“, рече Мицкоски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми