1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов од Софија порача дека тој е фактор на стабилност

Б. Георгиевски1 јуни 2016

Македонскиот претседател од самитот на земјите од Југоисточна Европа во Бугарија порача дека институцијата која ја претставува е единствен фактор на стабилност. Софија загрижена поради кризата.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Официјална Софија е загрижена поради состојбата во Македонија и бара почитување на постигнатите договори, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов по средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов на маргините на самитот на 13 земји од Југоисточна Европа.

Репортерот на телевизија Телма во Софија пренесе дека Иванов ги уверувал своите домаќини, премиерот Борисов и претседателот Росен Плевнелиев, дека токму институцијата претседател која тој ја претставува е единствен фактор за одржување на стабилноста во Македонија.

„Како добар пријател на Република Македонија, Бугарија ги вреднува искрените релации меѓу двете земји што значи и отворена размена на загриженоста. Веруваме дека излезот од состојбата може да се најде само преку дијалог меѓу сите политички партии и преку реализација на неопходните реформи во интерес на сите граѓани и почитување на постигнатите договори“, изјави Борисов.

Иванов образложи дека делумното повлекување на аболицијата за политичарите го сторил поради реакциите во јавноста.

„Најмногу имаше реакции во јавноста дека политичарите се над законот, затоа моето повлекување се однесуваше на сите политичари кои беа опфатени. Сите останати лица можат да поднесат барање за повлекување. Јас сѐ уште ги чекам“, рече Иванов.

Бојко БорисовФотографија: picture-alliance/dpa

Борисов и Иванов повикаа и на брза завршница на разговорите за билатералниот договор за добрососедски односи и соработка меѓу двете земји, што ќе му даде нов поттик на процесот на европската интеграција на Македонија.

Според Иванов, работните групи од МНР-та на двете земји кои го изготвуваат договорот веќе нашле „решенија за некои термини во текстот“. Иванов се надева дека во текот на годинава би можел да се постигне и да се потпише договорот со Бугарија.

„Убедени сме дека иднината на сите земјите од Западниот Балкан е во ЕУ. Ја потврдуваме нашата подготвеност да разговараме и да ѝ обезбедиме експертска помош на Република Македонија за конкретни прашања за да се постигне напредок на патот кон ЕУ и НАТО“, рече Борисов.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми