Иванов очекува ЕУ во декември да одреди датум за преговори со Македонија
20 октомври 2012Македонскиот претседател Ѓорге Иванов очекува на Самитот на ЕУ во декември европските лидери да ги уважат четирите последователни препораки на Европската комисија и да одредат датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во Унијата.
„Ние четири години располагаме со оправдани аргументи за почеток на преговори и четири години чекаме шанса за нешто кое сами го заслуживме. Се надевам дека европските лидери годинава конечно ќе ги уважат овие четири последователни препораки и ќе поддржат просперитет и развој на нашата држава, наместо да се солидаризираат со една земја членка која ни прави проблеми нам и на целиот регион“, вели македонскиот претседател во интервју за неделниот магазин „Граѓански“.
Иванов додава дека многу пати на средбите во Брисел укажувал дека почетокот на пристапните преговори со Македонија има двојна придобивка - прво, да го подобри кредибилитетот на сите вклучени страни – како на земјите кандидати, така и на земјите членки, и второ, би помогнало, како на Македонците, така и на Грците да ги остават зад себе еднаш засекогаш нерационалните несогласувања и да се фокусираат на теми од заеднички и суштински интерес за иднината.
„Убеден сум дека никому не е во интерес да се одржуваат наметнати пречки во процес кој всушност создава заеднички придобивки“, вели претседателот Иванов.
Сепак тој, како што вели, со оглед на досегашното искуство со нашиот јужен сосед, не би сакал да прејудицира каков би бил исходот во декември.
Македонскиот претседател истакнува дека ако внимателно се прочитаат препораките на Европската комисија ќе се констатира дека како никогаш досега Комисијата зазема една проактивна улога со цел да се создаде позитивна атмосфера во македонско-грчките односи и да се излезе од статус кво состојбата во која се наоѓаат македонските евоинтеграции.
За тоа кога и како државниот врв ќе одговори на грчкиот предлог-меморандум во кој се потенцираат грчките максималистички позиции, претседателот Иванов констатира дека меморандумот е всушност одговор на македонските иницијативи за интензивирање на соработката и на напорите за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за разликата околу името.
„На јужниот сосед ќе му одговориме и ќе ги изнесеме нашите видувања и ставови согласно државните интереси. Ќе повторам дека Македонија и Грција имаат склучено Времена спогодба која треба безусловно да се почитува. Што значи, за изнаоѓање на заемно прифатливо решение неопходно е Грција стриктно да се придржува до рамката во која се води процесот, до Времената спогодба и до резолуциите 817 и 845. Тоа се предусловите да се дојде до решение. Нивниот предлог претставува комбинација од Времената спогодба, но и од нивните позиции во разговорите за името, со што се излегува од рамката во која се води процесот, што се косат со меѓународно преземените обврски, истакнува Иванов и додава дека сепак е добро што процесот по подолг застој на одреден начин е повторно во колосек, а за самиот меморандум, тоа е прашање на усогласување и имаме што да кажеме на предложениот текст“, вели претседателот Иванов кој меѓу другото говори и за меѓуетничките односи и за неговата улога во смирувањето на меѓуетничките тензии.