1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов пак ја отвори Пандорината кутија, кој ќе ја затвори?

13 јуни 2018

Повикот на Иванов „народот да не се плаши“ ги разбуди сеќавањата на деновите пред крвавиот 27 април. Еврокомесарот Хан го потсети Иванов дека има одговорност, а правници сметаат дека треба да биде повикан на одговорност.

Mazedonien - Staatschef Gjorge Ivanov
Фотографија: picture alliance/PIXSELL/HaloPix

Бројни критики од компетентната јавност уследија по обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов, кој договорот со Грција го нарече „штетен", најави дека нема да го потпише и дека „нема да го поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани". Особено внимание привлече повикот што тој го упати на крајот од обраќањето. 

„Го повикувам македонскиот народ каде и да се наоѓа да не се плаши. Не ја губете вербата во себе. Чувајте го и негувајте го нашиот многувековен идеал на непокорот", повика Иванов.
Ваквиот повик до народот, во јавноста ги разбуди сеќавањата на деновите пред крвавиот 27-ми април 2017 година, кога еден поранешен премиер го повикуваше народот „да не седи дома во влечки".   

„Ќе се заострат состојбите во државата ако остане Иванов на ваков став", вели поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов.

„Проблем е што во нашиот Устав има повеќе слабости. Една од нив е позицијата на претседателот на државата. Практично, ние немаме чиста парламентарна демократија, туку поделена, претседателско-парламентарна, и тоа создава вакви тензии. Проблемот би можел да се реши со импичмент за претседателот кога би имало двотретинско мнозинство во парламентот, бидејќи само така може да се спречи ситуација ако претседателот ги пречекори своите овластувања. Но, такво мнозинство сега нема и не гледам што може да се направи", вели Андов.

Повеќе:

-Иванов нема да го потпише договорот за името со Грција

-Иванов, Заев и Димитров се разделија по две минути

Дел од граѓаните „охрабрени" од претседателското вето на договорот, но и повикот да го бранат името, три часа по обраќањето на Иванов организираа протест пред парламентот, на кој беа употребени пиротехнички средства и испратени недолични повици. Зад протестот како организатор стои „група граѓани", а повиците се шират на социјалните мрежи од лица кои се декларирани противници на македонските интеграции.

Стеснета слика

Иванов не понуди одговор како ќе се реализираат интеграциските процеси без решавање на билатералниот спор со Грција. Неподносливата леснотија на мижењето пред овој проблем, и отпорот кон решението кое е на масата, предизвика бројни коментари. Професорот и поранешен министер, Ненад Новковски, смета дека Иванов како функционер со стаж од околу една деценија, непосредно и преку мрежите што ги користи, има најголема количина релевантни информации во врска со активностите поврзани со долгогодишниот спор за името.
„Тој го доби и целосниот документ подготвен помеѓу претставнците на Македонија и Грција. Со тоа има на располагање полна слика на предложените решенија, и со своите лични и институционални капацитети е во состојба да обезбеди изразено длабока анализа на состојбата. И покрај тоа што располага со неспоредливо поголем обем на инфомрации од кој било аналитичар, во првичното обраќање тој претстави една изразено стеснета слика, во која воопшто не беа опфатени голем број од димензиите на овој значаен проблем. Со оглед дека се работи за изразено комплексен проблем третиран речиси три децении од разни учесници на различни начини, во овој клучен момент кога се прави одлучен обид за конечно разрешување на проблемот, од Иванов се очекува да се јави набргу со детална грижливо спроведена анализа и да даде свој конструктивен прилог во донесувањето на конечната одлука", вели Новковски. Очeкува дека тоа ќе се случи набрзо на средба со министерот Димитров и премиерот Заев, и дека приказот ќе биде максимално објективен и рамномерен, а предлозите насочени кон постигнување на најдобриот можен исход.

Хан: Иванов има одговорност

Таква можност Иванов имаше утрово, но ја отфрли. Ја фрапираше јавноста со неговиот однос кон премиерот и министерот за надворешни работи, на кои денеска им посвети две минути. Ваквиот однос предизвика реакции и во Брисел. Еврокомесарот за проширување Jоханес Хан го повика Иванов да преземе одговорност во процесот за договорот со Грција.

„Не е соодветно за претседател на држава, да одбие да разговара со премиер, со министер за надворешни, за да добие информации од прва рака. Мислам дека премиерот и министерот за надворешни целосно ги почитуваа уставните насоки и можам само да го повикам итно претседателот да преземе одговорност. Ова не е прашање на прифаќање, но во демократија може да очекуваме да се слушаат луѓето меѓусебно и да дискутираат и не треба да се заборави дека шеф на држава е на некој начин модел за многу луѓе во една земја. Претседателот како директно избран има специјална позиција и одговорност и треба да е свесен за тоа, инаку и наштетува на функцијата", изјави Хан за МИА.

„Претседателот Иванов нема чувство на одговорност и презема дејства на недозволива манипулација, со што им штети на државата, на граѓаните и директно дејствува против јакнењето на македонскиот идентитет", реагираше Владата.

„Наместо да ја кочи македонската иднина и да ја турка нашата земја во изолација, најдобро е Иванов сам себеси да се изолира од политичката сцена. Свои сме на своето и тоа конечно e признаено од сите наши соседи, од Република Грција и од меѓународната заедница. Со овој договор се потврдува и зајакнува македонскиот етнички и културен идентитет, еднаш засекогаш", се вели во владиното соопштение.

По неговиот однос кон премиерот и шефот на дипломатијата, професорката Мирјана Најчевска потенцира дека Уставниот суд треба да делува по службена дожност врз основа на член 82 од Уставот на Република Македонија, односно да ги разгледа условите за поведување постапка за одземање на деловната способност. 

„Постапките на Ѓорѓе веќе ја загрозија безбедноста на државата, беа причина за насилство од големи размери, ги девалвираа законодавната и судската власт, и континуирано се извор на правна нестабилност во државата", реагира Најчевска.

Самоконтрола и култура на комуникација

Поранешната судијка во Уставниот суд, Наташа Габер Дамјановска, потенцира дека вршењето на јавна функција од кое било лице подразбира меѓу другото и самоконтрола, подготвеност да се сослуша соговорникот колку и да се разликуваат неговите ставови, но и определена култура на однесување.

„Претседателот на Републиката особено мора да умее да комуницира со другите претставници на јавната власт, токму затоа што неговата должност е да ја претставува Републиката и да се грижи за неа во рамките на неговите уставни права и должности. Затоа, несфатливо е неприфаќањето да ги добие сите релевантни информации кои би можеле да донесат до негово покомплетно согледување на состојбите и соодветно поставување кон проблемот, особено бидејќи постоеја поплаки дека не бил информиран. Несериозното однесување и преовладувањето на емоциите во однесувањето, сигурно дека не се луксуз кој тој може да си го дозволи во оваа состојба. Срамно е и што меѓународни политички претставници чувствуваат потреба културно да поучуваат или да даваат лекции за тоа како тој треба соодветно на задачата да се однесува после толку години од вршењето на таа функција", укажува Габер Дамјановска.

Таа потенцира дека Уставот ги определува рамките според кои и Претседателот на Републиката треба да работи и делува.

„Работењето единствено според сопствените уверувања кои очигледно се резултат на личните емоции и волја, без почитување на уставната рамка која го уредува неговото обврзно постапување во определени ситуации, сериозно го става под знак прашање почитувањето на словото на Уставот. По однос за евентуалната негова одговорност, Деловникот на Уставниот суд определува три ситуации и тоа одземање на неговиот имунитет (во случаи на кривична постапка пред надлежен суд), постапка за утврдување на одговорноста за кршење на уставот и законот (оваа постапка почнува со поднесување на предлогот од страна на Собранието) или во случаи на трајна спреченост Претседателот да ја обавува својата функција", објаснува поранешната уставна судијка.

Во минатото постоеле граѓански иницијативи во однос на третонаведената основа кои биле доставени до Уставниот суд, но воопшто не стигнале за разгледување на Судскиот колегиум за да тој се произнесе по барањето.

„Не сум сигурна дека постои самосвест за степенот на револтираност и сомнежи кои постојат во јавноста во однос на самиот начин на досегашно вршење на функцијата. Последниот манир на однесување е само еден во низата постапки кои кумулативно се таложат во прилог на идеите за повикување на одговорност, кое можеби и не е толку неостварливо колку што се мисли", вели Габер Дамјановска.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми