1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов повторно се посрамоти

Борис Георгиевски30 мај 2016

Македонскиот претседател со низа гафови во Сараево се посрамоти и себеси и државата која ја претставува. На мака се единствено твитерџиите: што ќе твитаат доколку замине Иванов? Коментира Борис Георгиевски.

Фотографија: Screenshot Bild.de

Додека Собранието расправа за одлуката за импичмент за Иванов, социјалните мрежи одамна му пресудија на македонскиот претседател.
Неговиот последен настап на панелот во Сараево кој се одржуваше во рамките на процесот „Брдо Бриони“, за жал, не го посрамоти само него, туку и институцијата и државата кои ги претставува.

„И Исус Христос да се јави ќе го убијат. Исто важи и за Мухамед. И тој да се јави ќе го убијат“, одговори Иванов на провокацијата од модераторот на панелот: „Како Александар Македонски денеска би се снашол во бизнисот во Македонија.“

Ова не е прв, а очигледно нема да биде ни последен, гаф на Иванов. Во изминативе години, поточно уште од кампањата за претседателските избори во 2009 година, настапите на Иванов се одбележани со по некој „бисер“ кои досега се прераскажуваа повеќе како виц-анегдота за неснаодливоста на шефот на државата да го најде вистинскиот одговор во моменти кога е притиснат од ненарачано новинарско прашање.

Легендата за Паљурци, македонската космодиск-демократија, разумниот компромис под кој се подразбира разумен компромис и.т.н., беа изјави кои ја забавуваа македонската јавност, а според бројни информации и дипломатскиот кор и странските гости во земјата, но генерално не предизвикуваа некоја поголема штета на имиџот на државата или на претседателската институција.

Во војна против сите

Последниве месеци, се чини, концентрацијата на Иванов полека попушта, а неговите гафови стануваат проблематични од повеќе аспекти. Од интервјуто за германски „Билд“ во март годинава, Иванов од позиција на шеф на државата директно ја конфронтира Македонија со држави и институции кон кои, барем формално, се стремат и тој и владата која го поддржува.

„Никој не нѐ сака. Ние сме ништо. ЕУ 25 години нѐ лаже и манипулира“, грмеше „лутиот“ претседател во интервјуто за водечкиот европски таблоид.

Оттогаш Иванов е под огромен притисок. Неговата аболиција предизвика жестоки протести во земјата, а самиот претседател е редовно прозиван и отворено критикуван од ЕУ, САД, Германија... Само тој знае под каков притисок е и од раководството на ВМРО-ДПМНЕ кое го постави на функцијата.
Сето тоа остава видлива трага врз Иванов. Некои политички партии и критичари во Македонија веќе отворено ја доведуваат во прашање и неговата деловна способност.

За жал, сѐ повеќе делува дека ја поставуваат вистинската дилема. Веќе не е смешно, туку мачно да се следат настапите на шефот на државата.

Како што проникливо забележа еден твитерџија деновиве апропо неговата амнестија, проблемот не е во тоа што Исус или Мухамед денес би биле убиени во Македонија, туку што претседателот веројатно би ги помилувал нивните убијци.

Како што вели самиот Иванов, денес : „Не е неопходна сила, туку ум“. Време е за умна одлука, или од него или од Собранието.

Ајварот секако не го даваме, но Иванов...

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми