Иванов: Предолго земјите од Југоисточна Европа живееја во минатото
15 јуни 2012Шефот на македонската држава Ѓорге Иванов на самитот на шефови на држави и влади во рамки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што се одржува денеска (15.06.2012) во Белград го презеде претседавањето со процесот. Македонското претседавање со иницијативата ќе трае една година. Полноправни држави-учеснички во ПСЈИЕ се Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Романија, Србија, Турција, Хрватска, Молдавија, Црна Гора и Словенија.
Во обраќањето по повод преземањето на претседавањето со процесот Иванов истакна дека Македонија останува посветена на промоција на принципите на добрососедство и помирување во регионот, преку европските и евроатлантските интеграции.
Иванов уште посочи дека меѓу приоритетите на македонското претседателство ќе биде соработката во областа на економијата и земјоделството, културата и туризмот, науката и образованието, прекуграничната соработка и заштитата на животната средина.
Претседателот Иванов порача дека потребни се дополнителни напори од сите со цел развој на регионалната соработка.
„Само така ќе ги надминеме предрасудите во регионот и ќе ги интегрираме
нашите земји во Европската унија. Предрасуди кои го оптоваруваа минатото, кои ја ограничуваат способноста да се живее сегашноста и се уште можат да бидат закана за иднината“, рече Иванов.
„Нашите земји премногу долго живееја во минатото. Дозволивме минатото да ни ја украде сегашноста и да ни ја одложи иднината. Процесот за соработка во Југоисточна Европа ни помогна да го вратиме нашиот фокус на приоритетите што се пред нас. На европските и евроатлантските интеграции“, рече Иванов, кој порача дека потребни се помалку декларации, а повеќе работа.