Иванов: Спорот за името може да има решение
12 мај 2013Република Македонија и покрај сите блокади останува на цврстата определба за членство во ЕУ и НАТО. Прашањето за името што не‘ оптоварува две децении може да има завршница, ако се остане во рамките на резолуциите на ОН, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Ако се излегува од тие рамки и се навлегува во прашања за идентитетот, достоинството и човековите права, решение нема. Ова го истакнува македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за Македонската информативна агенција - МИА.
Македонија, вели Иванов е конструктивна и со помош на медијаторот Метју Нимиц бара решение, бидејќи, како што наведува, „ние сме тие што ги трпиме последиците од однесувањето на јужниот сосед, кој не трпи никакви последици и може да не‘ блокира уште 100 години“.
Претседателот Иванов очекува на јунскиот Самит на ЕУ, европските лидери конечно да ја донесат заслужената одлука за почеток на пристапните преговори со Македонија. Се надева дека ќе се најде решение и за формирање на Комисијата за настаните од 24 декември.
Шефот на македонската држава оценува и дека меѓународната позиција на Македонија денес е многу подобра од пред неколку години.
„Република Македонија станува се‘ повидлива на меѓународната мапа и попочитувана на меѓународната политичка сцена. Доколку го споредиме периодот пред 2009-та и денес, и го погледнеме бројот на остварените средби и контакти, учество на меѓународни настани, конкретни активности, нема да биде нескромно доколку се заклучи дека меѓународната позиција на Република Македонија во голема мера е подобрена...
Денес Македонија има многу повеќе пријатели во светот, од пред 4 години, вели Иванов.