1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов ќе чуе многу услови од опозицијата

6 февруари 2011

Во Македонија продолжуваат партиските консултации за утрешната лидерска средба кај претседателот Иванов.Состанок одржува раководството на Нова Демократија а ИК на ВМРО- ДПМНЕ ќе заседава утре по средбата кај Иванов.

Целта на лидерската средба е враќање на опозицијата во парламентотФотографија: Petr Stojanovski

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како што велат најновите информации на ДВ наместо вечерва (06.02) како што претходно беше најавено седницата на Извршниот комитет ќе ја одржи утре по средбата на лидерите на парламентарните партии кај претседателот Ѓорге Иванов, на која главна тема ќе биде бојкотот на опозициските партии на работата на Собранието. Претставници на владејачката партија велат дека е добро дијалогот да се практикува и оти ќе направат се' од своја страна да се надминат одредени проблеми.

Предуслови и услови од СДСМ

Раководствата на опозициските партии СДСМ и НСДП консултации одржаа во текот на вчерашниот ден. Тие ја потврдија одлуката за учество на нивните лидери Бранко Црвенковски и Тито Петковски на средбата кај Иванов. Притоа, СДСМ побара како предуслов за почнување политички дијалог, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да обезбедат и да гарантираат непречено функционирање на сите медиуми, а особено на „А1“, „А2“, „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“.
Доколку овие предуслови бидат исполнети, тогаш СДСМ поставува уште неколку услови за враќање во Собранието. Нивни партиски извори за ДВ велат дека на власта и нудат „заеднички работни групи што ќе ги подготват законските измени во изборниот закон, уставните промени со кој конечно министерот за правда нема да биде член на Републичкиот Судски Совет, а ќе се разговара и за пописот чие пролонгирање за лето го бара Нова демократија. СДСМ нема да се врати во парламентот се додека работните или експертски групи од власта-опозицијата не ги подготват сите законски измени, вклучувајќи и прочистување на изборниот закон од таканаречените мртви души, но со мониторинг на посебна парлементарна Анкетна комисија“, вели висок партиски функционер на опозицијата. И НСДП истакна свои барања за враќање на нејзините пратеници во Парламент, кои лидерот Петковски ќе ги пренесе и на средбата на политичките партии со претседателот Ѓорѓе Иванов во понеделник.

Претседателот на РМ, Ѓорге ИвановФотографија: Macedonian Information Agency

Тачи повторно нема да учествува на лидерската средба

Седница на Управниот совет на Нова Демократија се одржува денеска во Скопје, на која ќе се усогласуваат ставовите за утрешната лидерска средба кај претседателот Ѓорге Иванов. Лидерот на Нова Демократија Имер Селмани вчера соопшти дека ќе учествува на лидерската средба. „Се надеваме дека и Претседателот на државата и парламентарното мнозинство овојпат ќе бидат повеќе заинтересирани за суштествен дијалог кој би ја вратил демократијата и еднаквоста во нашата земја“, велат од Нова Демократија.Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, порача дека и овојпат ќе го бојкотира состанокот на лидерите кај претседателот Иванов и го повтори барањето за предвремени избори.„Иванов нема мандат од Албанците. Да не се сфати ова лично. Второ, Иванов едноставно е никој од аспект на политичка моќ, во однос на политичката сила, во коректна политика. Никола Груевски е вистинската сила, вистинското мнозинство во оваа земја од кого зависат одлуките и извршувањата на оваа Влада. Јас сум подготвен да присуствувам на лидерска средба на четирите главни политички сили и на таа средба сакам да се одреди агендата за која ќе зборуваме“, додаде Тачи.

Автор:СН/ЕМФ/АЧ/миа/алсат/макфакс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска









Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми