1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Иднината на западниот Балкан лежи во ЕУ“

11 март 2006

Министрите за надворешни работи на земјите на ЕУ на неформалниот состанок во Салцбург го повторија ставот на Унијата во однос на Балканот

Салцбург
СалцбургФотографија: Illuscope

Европските министри, на состанокот на кој денеска присуствуваа и нивните колеги по функција од земјите на западен Балкан, изразија решеност со „практични мерки“ да продолжат да им помагаат на државите од тој регион, за да може поконкретно да се почувствува нивната европска перспектива. Во тој контекст, како што се наведува во соопштението од средбата, се охрабрува регионалната соработка, вклучително и создавање зони на слободна трговија, олеснување на визниот режим и финансиска помош.

Но, се истакнува и дека напредокот на секоја држава на патот кон Европа и натаму зависи од „нејзините сопствени заслуги“ во исполнувањето на условите и барањата од критериумите од Копенхаген и процесот на стабилизација и асоцијација, што подразбира и целосна сорабиотка со Хашкиот трибунал. При новото проширување мора да се земе предвид и „способноста на Унијата да апсорбира“ нови членки, се вели во соопштението од средбата.

Оценето е дека „земјите од Западен Балкан постигнаа значителен напредок во подрачјата стабилност, демократија и економско опоравување“ и дека сите земји во текот на минатата година направиле значајни чекори на патот кон ЕУ. „Земјите од Западен Балкан сега мораат уште повеќе да се концентрираат на усвојување и примена на европски стандарди и создавање услови за одржлива стабилност и просперитет во регионот“. Во заедничкото сопштение од министерската средба во Салцбург е нагласено дека „зачувувањето на мирот, регионалната стабилност и безбедност на Западен Балкан останува заеднички европски интерес и суштински услов за спроведување на нужните реформи“.

Министрите им упатија „силен повик“ на Белград и Приштина да работат врз постигнување трајно решение за Косово, кое ќе обезбеди мултиетничко и демократско општество и добрососедски односи во регионот. „Мораат да бидат вложени сите напори преку преговори за статусот на Косово да се постигне решение прифатливо за сите страни“ – сметаат европските министри и ја нагласуваат нужноста од реализација на поставените стандарди за покраината.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми