1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Идниот министер за култура најавува стопирање на Скопје 2014

БГ
29 мај 2017

Заштита на културното наследство и стопирање на налудничавиот проект „Скопје 2014“ се приоритетите на идниот министер за култура Роберт Алаѓозовски. Во интервју за Макфакс тој најавува и поголема транспарентност.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Запирање на проектот „Скопје 201“ и негова целосна ревизија и поголема заштита на културното наследство во земјата преку утврдување на приоритетна листа, најавува идниот министер за култура во владата предводена од СДСМ, Роберт Алаѓозовски.

„Скопје 2014 мораме веднаш да го запреме затоа што како од Пандорина кутија, секојдневно, во глуво доба и во црн мрак излегуваат нови кичести споменици, скулптури, пасажи, колонади коишто никому не му требаат, а кои прескапо ни ги наплаќаат“, вели Алаѓозовски за агенцијата Макфакс.

Алаѓозовски влегува во владата на Зоран Заев како непартиски кадар и вели дека приоритет во неговата работа ќе биде заштитата на културното наследство и поголема транспарентност на министерството кое ќе го предводи. Во таа смисла, освен Листа на споменици на кои им е потребна итна заштита, Алаѓозовски ветува и реформа на Годишната програма за остварување на националниот интерес.

Роберт Алаѓозовски (фото архива)Фотографија: DW

Во однос на проектот „Скопје 2014“, идниот министер најавува негова ревизија во првите шест месеци.

„Ќе направиме сериозна анализа на тоа што е изградено, што е вградено, колкава му е вредноста, колку ќе чини одржувањето на тие згради и обележја. Ќе направиме меѓународна конференција за проектот со развој на идни сценарија што со него. Ќе бидеме внимателни со решенијата. Десетпати ќе мериме, еднаш ќе сечеме, по сеопфатна граѓанска дебата“.

„Она што секако веднаш ќе го направиме е да извршиме деконтаминација на македонскиот дух од квазиидеологијата што овој проект ја еманираше и што сè уште ја држи земјата заробена како зла клетва на некој лош маѓепсник“, вели Алаѓозовски.

Најави и барања за ревизија на контроверзниот проект веќе дојдоа и од архитектите во Македонија. Проектот, според истражувањата на Призма, досега чинеше речиси 700 милиони евра.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми