1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОБСЕ/ОДИХР не сака да шпекулира за избори по 5 јули

БГ
14 јуни 2020

Организацијата и одржувањето на изборите во Северна Македонија влегува во нова фаза на политичка и правна кармакаша. Од ОБСЕ за ДВ велат дека не сакаат да ги коментираат политичките недоразбирања.

Nord-Mazedonien Skopje | Treffen der Parteiführer bei dem Präsidenten Stevo Pendarovski
Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР не сака да навлегува во политичките превирања во Северна Македонија кои го доведуваат во прашање одржувањето на изборите на 5 јули. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска го одби 5 јули како термин за изборите и бара присуство на набљудувачката мисија на првиот ден од кампањата. Дополнително денеска се отвори и нова правна дилема околу важноста на владините уредби и по завршувањето на вонредната состојба и улогата на ДИК и претседателот на Собранието Талат Џафери во изборниот процес.
ОБСЕ во Северна Македонија ќе испрати тим експерти чија база ќе биде во Скопје и тие ќе ги следат сите аспекти на изборниот процес, велат за Дојче веле од Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) при ОБСЕ.
„Специјалната мисија за оценка на изборите е составена од тим од експерти, вклучително и политички, правни и медиумски аналитичари“, вели за ДВ портпаролката на ОБСЕ/ОДИХР Катја Андруш. Таа објаснува дека во првично планираната Мисија за набљудување на изборите дополнително би членувале и долгорочни и кусорочни набљудувачи кои ги испраќаат другите земји членки на ОБСЕ. Поради пандемијата на коронавирусот, тоа сега не е можно. Иста мисија како за Северна Македонија, ОДИХР планира и за изборите во Србија следниот викенд.
ОДИХР објави конкурс со кој бара тим на експерти од различни области кои треба да ги следат вонредните парламентарни избори во земјата на 5 јули. Меѓународните набљудувачи се очекуваат во земјата по 19 јуни.
Мицкоски не сака избори на 5 јули
Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР доаѓа на покана на владата. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека нема намера да учествува на избори на 5 или 8 јули, и инсистира тие да се случат на 15 јули.
„Тоа значи дека првиот ден кога набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР ќе бидат во Македонија, веднаш по одржаната нивна прва прес конференција, следниот ден нека биде првиот ден од нашата кампања и од тој прв ден да го утврдиме датумот кога ќе бидат одржани овие избори“, изјави денеска Христијан Мицкоски. Тој инсистира за изборите да се договорат нови протоколи за заштита на граѓаните и присуство на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.
Од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР одбиваат да коментираат што ќе се случи доколку изборите сепак не се одржат на 5 јули.
„ОДИХР ќе соработува со властите низ целиот изборен процес, ние не можеме да шпекулираме за идниот политички развој во кој не учествуваме“, вели Андруш. Таа дополнува дека ОДИХР ќе објави извештај со оценка за целиот изборен процес ден по завршувањето на изборите.
По барањето на Мицкоски за свикување нова вонредна состојба од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски му одговорија дека најпрво политичките лидери треба да договорат термин за одржување на изборите.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, не отстапува од 5 јули.
„Сите законски и уставни услови за одржување на изборите се исполнети. ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и устав се на 5 јули. За непостапување по законите следува одговорност“, порача Заев преку Фејсбук.

Деркоски го чека Џафери, а Џафери чека консензус

Но ДИК денеска не успеа да се состане, откако претседателот на Комисијата Оливер Деркоски попладнево најави дека нема намера да ја почитува владината уредба за почеток на изборните активности, прогласувајќи ја за неважечка. Според Деркоски, сега претседателот на Собранието Талат Џафери треба да потпише ново решение за изборите.
Џафери вечерва изјави дека чека консензус од партиите за да потпише решение.
Но самиот Џафери во интервју за Телма на 7 мај годинава рече дека веднаш по завршувањето на вонредната состојба ДИК треба да почне со подготовка на изборите.
„Не може Државната изборна комисија да условува. Таа е обврзана според решение на претседател на Собранието, а во случајов и според уредбата е должна да постапи по роковите како што застанала“, рече тогаш Џафери. 
Вечерва за „360 степени“, Џафери вели дека тој треба одново да распише избори.
„Се знае според Уставот кој распишува избори. Јас како претседател на парламентот ги распишав изборите на 12 април, кога ме информираа дека има консензус. Нека постигнат консензус и ќе ја исполнам својата уставна обврска“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми