1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите догодина- нов „бенчмарк“ и за НАТО

Борис Георгиевски2 декември 2015

НАТО ја продолжува политиката на отворени врати. Поканата за Македонија и натаму условена со решение за спорот за името, но и со одржување фер и слободни избори следната година

Фотографија: Reuters/J. Thys

Македонија и натаму ја задржува условената покана за членство во НАТО, но доби и дополнителен услов кој се однесува на изборите догодина.

Министрите за надворешни работи на Алијансата денеска во Брисел и упатија покана на Црна Гора да се приклучи кон воениот сојуз, додека останатите кандидати- Македонија, Грузија и Босна и Хрцеговина добија охрабрување за исполнување на условите и спроведување реформи.

Во заклучоците од состанокот на Северно-атлантскиот совет се наведува „посветеноста на НАТО кон евро-атлантската интеграција на БЈР Македонија“ и се поздравува нејзиниот придонес во операциите на алијансата и посветеноста кон процесот на придружување.

Членството на Македонија останува условено со изнаоѓање на заеднички прифатливо решение со Грција околу спорот за името, и се бараат засилени напори во тој правец.

Она што е ново, е што НАТО-министрите овојпат изразуваат загриженост поради случувањата во државата, и освен почитување на јунскиот и јулскиот политички договор, како нов „бенчмарк“ за земјата ги наведуваат и парламентарните избори закажани за април следната година.

„Одржувањето на фер и слободни избори следната година ќе биде важен бенчмарк за процесот, кој го следиме одблизу. Охрабруваме засилени напори за политички компромис и реформи, особено во обезбедувањето на ефективен демократски дијалог, владеење на правото, слобода на медиумите и независност на судството“.

Јенс СтолтенбергФотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

Лесни и тешки одлуки

НАТО од Македонија очекува да продолжат и напорите за изградба на целосно функционално мултиетничко општество врз база на целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор. Се бараат и натамошни напори за подобрување на односите со соседните држави.

Водечките светски агенции најмногу внимание денеска посветуваат на одобрената покана за Црна Гора, додека проценките за останатите земји во чекалната не се многу оптимистички. Германската ДПА оценува дека трите земји кандидати, Македонија, БиХ и Грузија не направиле доволен напредок за да добијат покана.

„Министрите за надворешни работи сигнализираа поддршка за Македонија и БиХ, но ниту една од овие две земји не се очекува да се приклучи набрзо“, јавува Ројтерс.

Франс Прес цитира западен дипломат кој вели дека за разлика од одлуката за Црна Гора која била „лесна“, позицијата на останатите три земји, особено на Грузија, е далеку потешка. Се цитира и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој ги охрабрува земјите-кандидати да продолжат со реформите.
„Ќе сториме сѐ што можеме да им помогнеме да ги исполнат целите“, вели Столтенберг.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми