Изборите под будно око на Советот на Европа
11 април 2011„Бирото на ПС на СЕ изутринава одлучи да испрати ад хок комисија за набљудување на изборите. Комисијата ќе брои дваесет членови на ПС на СЕ. Оваа одлука ја донесовме бидејќи нема други состаноци на бирото до 5 јуни, кој се споменува како можен датум за одржување на изборите“, истакна Чавушоглу за Дојче веле.
„Ќе испратиме и предизборна мисија, еден месец пред изборите, бидејќи кога ги набљудуваме изборите, не се задоволуваме само со присутсвото на денот на гласањето. Ние се обидуваме да ги набљудуваме и условите за да тие бидат праведни и демократски избори.“
Според претседателот на ПС на СЕ, тоа не се применува само во случајот со Македонија, туку тоа важи и за другите земји членки на СЕ, меѓу кои и неговата земја Турција. Стразбур сега чека покана да испрати мониторинг-делегација за да ги следи изборите во Македонија.
„Се разбира ние чекаме една покана, бидејќи земјата се наоѓа во процес на постмониторинг дијалог со ПС на СЕ“, нагласи Чавошоглу.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Трајче Тосев