1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите станаа табу тема

29 април 2020

Поради страв да не биде сфатено како недостиг на интерес за здравјето на граѓаните, никој не зборува за избори. Сето тоа во време кога парламентот не заседава, а техничката влада функционира во вонредна состојба.

Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Кога Северна Македонија ќе оди на избори?Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Ако јуни/јули не е соодветен за избори, а епидемиолозите стравуваат дека наесен може има нов бран на Ковид-19 кој ќе стане сезонска болест, тогаш станува неизвесно - кога Северна Македонија ќе оди на избори? На стравувањето од есенскиот бран му претходи и неизвесност по прашањето како ќе се одвива внатрешниот, но и надворешниот туризам, откако соседните земјите веќе најавија планови за старт на туристичката сезона. Доколку летните одмори и есента донесат непосакувани епидемиолошки трендови, а со тоа и потреба од втор круг на битка со вирусот, тоа би го зацементирало мандатот на техничката влада на многу подолг рок, но во истите неповолни услови - со распуштено Собрание.

Заради опасноста од есенски бран на Ковид-19, а по пролетното ставање на вирусот по контрола, можноста да одат на избори во јуни/јули најверојатно ќе ја искористат земјите во соседството. Во Србија, каде парламентарните избори беа закажани за 26-ти април, а беа одложени поради епидемијата, според неофицијални информации тие би можеле да се одржат меѓу 5-ти и 19-ти јули, доколку здравствените биланси укажат дека вирусот е ставен под контрола. Поради константно подобрување на епидемиолошката состојба, и властите во Хрватска планираат да распишат парламентарни избори кои би се одржале во средината на јули. 

Во Северна Македонија спомнувањето на избори во моментов се третира како табу тема, поради страв дека може да биде сфатено како недостиг на интерес за здравјето на граѓаните. Сето тоа, во време кога парламентот не заседава, а техничката влада функционира во услови на вонредна состојба.

Техничката влада функционира во вонредна состојба - до кога? Фотографија: DW/P. Stojanovski

Лидерска средба

Аналитичари со кои разговараше ДВ сметаат дека за ова прашање партиските лидери треба да разговараат на лидерска средба кај претседателот на државата, каде ќе бидат ставени на маса сите епидемиолошки податоци за состојбата со Ковид-19 и стручни оценки дали претстојниот период овозможува безбедно спроведување на изборен процес.

Од Кабинетот на претседателот лидерска средба најавија за првата половина од мај, што се совпаѓа и со периодот во кој треба да завршат 30-те дена од второто прогласување на вонредна состојба.

„Претседателот Пендаровски планира да организира таква средба во првата половина на следниот месец. Во овој период сите напори и државни ресурси треба да бидат насочени кон справување со пандемијата на коронавирусот. На средбата во мај ќе се разговара за натамошниот тек на политичкиот процес во земјата, како и за можните термини за одржување на следните парламентарни избори“, изјавија од кабинетот на Пендаровски.

Повеќе:

Изборите како прво, или последно гајле

Политиката се врати

Избори мора да има

Иако партиските лидери изјавуваат дека „во прв план е здравјето на граѓаните, а не изборите“, според нашите соговорници, постои впечаток дека и таа изјава не е ослободена од партиски калкулации: едни сакаат избори летово, други што подоцна, за да книжат „поени“ од економските последици на здравствената криза.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, смета дека треба да се донесе решение за избори, на датум кој нема да претставува здравствен ризик за граѓаните во земјава.

„Доколку некој смета дека е политички опортуно да организира избори во јуни, треба добро да размисли дека со тоа создава доплнителен здравствен ризик. Во време кога сѐ уште владее и вознемиреност, но гледаме, за жал и здравствени последици за граѓаните, некои за жал починати, некои заразени, а голем дел претпазливи, сметам дека секое брзање во ваква ситуација значи свесно туркање на партискиот интерес пред здравствениот интерес на граѓаните“, рече Милошоски.

Од партијата засега предлагаат на претстојната лидерска средба, „покрај за состојбата со здравствената и економска криза, како приоритет број еден да се разговара и усогласи заедничка стратегија и документ како одговор на условувањата на Бугарија".

ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржаа иницијатива на пратениците од СДСМ за состанување на парламентотФотографија: DW/P. Stojanovski

Потребен е чист мандат

Од ВМРО-ДПМНЕ претходно не ја поддржаа иницијативата на пратениците од СДСМ за состанување на парламентот.

„Оние кои се противат на свикување на Собранието, треба да знаат дека со тоа, одлуката за изборите ја оставаат во рацете на Владата“, оцени аланалитичарот Петар Арсовски.

Според него, доколку епидемиолошките состојби тоа го дозволат, животот треба да се враќа во нормала. Ако тоа важи за бизнисот, за општеството, за фирмите и за граѓаните, треба да важи и за другите политички процеси, вклучително изборите. 

„Ова особено доколку постои епидемиолошки ризик за некакво повторно разгорување на пандемијата наесен. Со ваков ризик, мислам дека изборите треба да се спроведат штом тоа ќе го дозволи здравствената состојба, токму за да избегнеме вакви правни недоречености и празнини подоцна. Што побрзо го расчистиме политичкиот терен, без оглед на исходот на изборите, тоа побрзо власта (која и да биде таа) ќе може да се фокусира на справување со медицинските и економските последици од пандемијата. Дотолку повеќе што, доколку се покаже точно (а тоа е најверојатното сценарио), идната власт можеби ќе мора да воведе дополнителни мерки за штедење, или специјални економски или здравствени механизми. За тоа ќе биде потребен чист мандат и јасна правна рамка“, смета Арсовски.  

Пред истекот на вонредната состојба (16-ти мај), ќе има многу појасна слика - дали опаѓа силата на инфекцијата. Според епидемиолозите, тој тренд е започнат, поради што Владата веќе најави дека по првомајските празници може да има олабавување на некои мерки со кои животот и работните активности постепено ќе се враќаат во нормала.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми