1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија– бројот на неопределени гласачи најголем досега

Марк Халам
23 септември 2021

Според една анкета четири од десет германски избирачи не знаат кому ќе му го дадат гласот на изборите за Бундестагот во недела. Тоа го прави сосем неизвесен исходот од гласањето.

Изборни плакати на тројцата канцеларски кандидати, Шолц, Лашет и Бербок (од лево кон десно) на претстојните избори во Германија
Изборни плакати на тројцата канцеларски кандидати, Шолц, Лашет и Бербок (од лево кон десно) на претстојните избори во ГерманијаФотографија: Arne Dedert/dpa/picture alliance

„Овојпат е особено тешко,“ вели Харди Вент. Тој на претходните избори секогаш знаел како ќе гласа. Овој шеесет годишен Германец вели дека сега ниту еден од кандидатите не го убедил да гласа баш за него. Кому да му го даде другиот глас, кој блок треба да биде посилен во парламентот? На крајот, пратениците го бираат идниот канцелар. Кој е достоен наследник на Ангела Меркел? Кандидатката на Зелените, Аналена Бербок, социјалдемократот Олаф Шолц или демохристијанскиот кандидат Армин Лашет? „Ниту еден од тројцата не ми се допаѓа“, вели Вент кој го сретнавме пред продавница во градот Бон.

Многу непознати

Голем број Германци размислуваат како Вент. Институтот Аленсбах за дневниот весник „Франкфуртер Алгеманјне Цајтунг“ минатата недела спроведе анкета според која 40% од граѓаните кои сакаат да излезат на гласање се уште не знаат кому ќе му го дадат својот глас. Тоа е највисок процент на неопределени досега. Политикологот Томас Гшвенд од Универзитетот во Мајнхајм не е изненаден од ваквиот тренд. Според него ова е последица на „новата ситуација“ – заминување на Ангела Меркел од политичката сцена. „Немаме актуелен канцелар меѓу кандидатите. Три партии, а не две како досега, се борат за канцеларското место. Сосем можам да разберам дека сега е многу потешко гласачот да се реши за кого ќе гласа.“

Предизборна кампања на два блока е минато

Германско – британската историчарка Катја Хојер вели дека ниту една партија не нуди нови и креативни решенија. Таа објаснува дека клучните теми не биле покренати ниту за време на владеењето на Ангела Меркел – „квалитетот на живот, можноста да се плати социјална грижа или социјална мобилност.“ Катја Хојер додава: „Покрај тоа ниту кандидатите не се особено инспиративни, што доведува до тоа многу избирачи да се неопределени бидејќи не им се допаѓа ниту еден од нив.“

Од основањето на Сојузна Република Германија во 1949 година секогаш во трката за канцелар биле само два блока – конзервативците и социјалдемократите. Само во 2002 година либералот Гидо Вестервеле се обиде да им ја растури играта со својата кандидатура, но не постигна поголем успех. Во натпреварот меѓу конзервативниот и прогресивниот блок, германските либерали од осумдесеттите секогаш биле на страната на конзервативните демохристијани, додека еколошката партија на Зелените била на страна на социјалдемократите. А граѓаните кои им ги даваат своите гласови на социјалистичката Левица или десно-популистичката Алтернатива за Германија знаат дека партијата која ја бираат ќе биде во опозиција.

Сите германски канцелари од 1949 година навамуФотографија: AP Photo/picture alliance

„Вртоглави разлики и промени на резултатите од анкетите "

Но, годинава старите пресметки не важат. Трите партии се борат за местото шеф на владата. Можно е ниту една од нив да не добие мнозинство во Бундестагот со само еден коалициски партнер.

„Секоја од овие три партии во одреден момент за време на предизборната кампања беше во водство и тоа не е нешто вообичаено,“ вели политикологот Томас Гшвенд. Тој додава и дека резултатите од анкетите покажуваат незадоволство и несигурност кај гласачите поради предизборната кампања и кандидатите. „Луѓето не се задоволни од суштината на предизборната кампања. Кога ќе ги видите резултатите од анкетите од почетокот на годинава до сега ќе видите дека тоа се вртоглави разлики и промени нагоре-надоле.“

Кој држи континуитет?

Гшвенд смета дека било „голема грешка“ тоа што демохристијаните сметале оти Армин Лашет автоматски ќе се претвори во кандидат за канцелар кој претставува континуитет на ерата на Ангела Меркел. Додуша, неговата политика во добар дел се поклопува со политиката на четирикратната победничка на изборите Ангела Меркел. Но, многу набљудувачи во него гледаат нешто сосем спротивно споредено со мирниот стил на владеење на Ангела Меркел.

Гшвенд нагласува дека не секој симпатизер на досегашната германска канцеларка значи дека е и поддржувач на ЦДУ. Ангела Меркел мобилизираше многу гласови и надвор од партијата, особено кај жените. „Јас ги нарекувам избирачи на Ангела Меркел или нејзини демохристијани, слично како што беа Регановите демократи во САД“.

Како се гласа во Германија?

01:28

This browser does not support the video element.

Одлука во последен момент

Кандидатот на социјалдемократите Олаф Шолцсе претставува како политичар кој одржува континуитет. Тој води во актуелните анкети. „Можеби самиот не нуди нешто возбудливо, но барем нема радикално да се разликува од сегашната ситуација, која иако не е идеална, на луѓето им се чини стабилна,“ смета Катја Хојер. „Но тешко дека тој ќе освои поголема поддршка од сегашниот процент во анкетите бидејќи неговата партија и понатаму не е популарна“.

Тогаш кој ќе победи? „Јас не би се обложил на никого“, вели Гшвенд.

Може да пројде и повеќе време по изборите додека не се оформи коалициската влада. Како и да биде, оние кои ќе излезат на гласање ќе мора да ја донесат одлуката до недела навечер.

И Харди Венти од Бон сака да си го искористи своето право на глас. „Да ќе одам таму на гласање“, вели овој поранешен таксист покажувајќи на училиштето во близина каде што ќе биде гласачкото место. Таму во училишниот двор сега си играат деца, но, на 26 септември во таа зграда ќе бидат поставени гласачки кутии. Вент до тогаш сигурно ќе реши кому ќе му го даде својот глас.

 

  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми