Анкетите укажуваат на тесна трка меѓу партиите за независност и оние кои сакаат да останат во Шпанија. Неизвесноста околу исходот - и жолтата боја - го одбележуваат денот на предвремените избори во Каталонија.
Реклама
Жолтата несомнено стана боја на сезоната меѓу каталонските сепаратисти. Абел Перез, инженер, носи жолта лента закачена на грбот. Тој го поддржува ослободувањето на каталонските лидери, кои беа затворени по спорниот референдум за независност на Каталонија од Шпанија, кој се одржа на 1 октомври годинава. Абел е на страната на оние кои се наоѓаат во затвор како „политички затвореници" и кои се „за одбрана на мандатот што е даден од народот".
Националното собрание на Каталонија (АНК), една од водечките граѓански организации за независност, ги повика своите поддржувачи да носат жолти ленти како симбол на протест со кој се бара ослободување на затворените лидери на сепаратистите. „Ние никогаш не сме продале толку многу облека во жолта боја", вели Лола, сопственичка на продавница за шиење текстил во центарот на Барселона.
Меѓутоа, откако жолтата боја стана симбол на политичките сили за независност, Шпанската изборна комисија на јавните места во близина на гласачките места на денот на изборите забрани плакати во оваа боја. Изборната комисија, исто така, им забрани на вработените на избирачките места да носат ленти и марами во жолта боја, бидејќи мора да се обезбеди „апсолутна неутралност" во текот на гласањето.
Поделен електорат
Доминантна тема на изборната кампања на 21 декември е борбата помеѓу патот кон независноста и одржувањето на националното единство во Шпанија. Шпанскиот премиер Маријано Рахој распиша регионални избори, откако го активираше членот 155 од Уставот на Шпанија, распуштајќи ја владата на Каталонија и преземајќи директна контрола врз овој шпански регион со висока автономија. Прво, многу каталонски сецесионисти ги нарекоа изборите „нелегитимни" - наметнување од Мадрид. Но сега, како што вели студентката по физика Марта Сервело, „на овие избори мора повторно да покажеме дека ја сакаме нашата Република и дека го отфрламе членот 155."
Спротивно на тоа, шпанските унионисти изборите ги гледаат како „начин за конечно враќање на стабилноста", како што истакнува барменот Мигел Форес. Денешните избори се четврти регионални избори во Каталонија од 2010 година наваму.
Последните анкети предвидуваат тесен исход меѓу политичкиот табор за независност и таборот на унионистичките сили. Унионистичката партија Граѓани (Сиудаданос) и сецесионистичката Републиканска левица (Ескера републикана), најверојатно, ќе освојат најголем број места во регионалниот парламент. Некои анкети дури и предвидуваат тробој на врвот со Заедно за Каталонија, партијата на разрешениот каталонски премиер Карлес Пуџдемон.
Историјата на каталонското движење за независност
Стремежот на Каталонците за независност има долга историја. А во текот на таа историја имало подеми и падови, засилување на автономното право и угнетување. Ова се некои од најзначајните случувања.
Фотографија: Reuters/A.Gea
Богато античко наследство
Каталонија рано ја населиле Фениќаните, а потоа Етрурците, па Грците. Грците ги населиле пред сѐ Росас и Ампуриас (на сликата). Римјаните продолжиле со изградба на населби и инфрастукура. Каталонија остана дел од Римското царство сѐ додека не ја освоија Визиготите во 507 година по Христос.
Фотографија: Caos30
Грофовства и самостојност
Во 711 година Каталонија ја освоија Арапите. Карло Велики го запре нивниот продор во 732 година кај Тур на Лоара, а веќе во 759 година северот на Каталонија стана повторно христијански. Во 1137 година каталонските грофовства влегоа во сојуз со кралството Арагон. Во 13. и почетокот на 14. век Арагонското кралство владее со западното Средоземје и ги освои Мајорка (на сликата) и Валенсија.
Фотографија: picture-alliance/Prisma Archiv
Автономија до војната за престоли
Во 13. век се создаваат институции на каталонска самоуправа, наречени „Generalidad de Catalunya". По обединувањето на земјите под круната на Арагон со кралството Кастиља во 1476 година, Арагон можеше да ги задржи своите автономни иституции сѐ до завршувањето на шпанската војна за престоли (1714 година) - со пауза за време на селската буна (на сликата) од 1640 до 1659 година.
Фотографија: picture-alliance/Prisma Archivo
Годишнина на еден пораз
Откако Барселона на 11 септември 1714 година ја освои бурбонскиот крал Филип V каталонските институции се распуштени и ѝ е ставен крај на самоуправата. Секој 11 септември Каталонците се потсетуваат на укинувањето на нивните автономни права (на сликата се демострациите од 2015 година во Барселона).
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gene
Федерални идеи и прва шпанска република
Откако абдицираше Амадео I на 10 фебруари 1873 година е прогласена првата Шпанска Република, која траела помалку од една година. Симпатизерите на републиката се неединствени. Едните сакаа централистичка република, другите федерален систем. Симпатизер на федерализмот бил и Франциско Пи и Марагал (на сликата), еден од петте претседатели на краткотрајната република.
Фотографија: picture-alliance/Prisma Archivo
Неуспешен обид во 19 век
Обидот Каталонија во Шпанската република да создаде сопствена држава дополнително го заостри конфликтот меѓу републиканците. Во 1874 година повторно е воспоставена монархија на чело со Алфонсо XII (на сликата) од династијата Бурбон.
Во периодот меѓу 1923 и 1930 година, генералот Примо де Ривера воспоставува во Шпанија диктатура, со помош на кралот Алфонсо XII, војската и свештенството. Каталонија станува центар на опозицијата и отпорот. Политичарот Франческ Масиа (на сликата) успева да избори за Каталонија важни автономни права по крајот на диктатурата.
Самоуправа во втората Шпанска Република
За време на втората Шпанска Република, каталонските пратеници го изработија Статусот на автономија од Нурија, кој во 1932 година го прифати и шпанскиот парламент. Франческ Масиа по изборите за каталонскиот парламент беше избран и за претседател на самоуправата на Каталонија. Победата на генералот Франко во шпанската граѓанска војна (1936-1939),меѓутоа значеше крај на втората Шпанска Република.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Крај на сите слободи под Франко
Режимот на Франко (1939-1975) за Каталонија значеше и укинување на демократските слободи: забрана на сите политички партии и прогон на нивните активисти, укинување на автономниот статус и потиснување на каталонскиот јазик и култура.
Фотографија: picture alliance/AP Photo
Повторно воспоставување на автономијата со нов статут
По првите слободни избори по падот на Франковата диктатура „Generalidad de Catalunya“, во 1977 година е привремено повторно воспоставена. Врз основа на шпанскиот демократски устав од 1978 година, Каталонија наредната година доби нов статус на автономија.
Жорди Пујол, долгогодишен претседател на владата на Каталонија
Првиот статус за автономија по времето на Франко ги признава самостојноста на Каталонија и каталонскиот како самостоен јазик. Во споредба со статусот од 1932, проширени се овластувањата на Каталонија во областа на образованието и културата, но се ограничени во областа на правосудството, финансиската управа и јавниот поредок. Жорди Пујол беше претседател на каталонската влада од 1980 до 2013 год.
Фотографија: Jose Gayarre
Јакнење на самосвеста
Стремежот на Каталонците за независност повторно се засили во последниве години. Во 2006 Каталонија доби нов статус на автономија со проширени овластувања. Но, по тужбата на конзервативаната партија ПП, шпанскиот Уставен суд ги укина проширените овластувања.
Фотографија: Reuters/A.Gea
Прв обид за референдум
Референдум за незвависност на Каталонија беше предвиден за 9 ноември 2014 година. Неговото прво прашање гласеше: „Сакате ли Каталонија да биде држава?“ Кој ќе се изјаснеше „За“ требаше потоа да одговори на прашањето „Сакате ли таа држава да биде независна?“. Но, Уставниот суд го стави гласањето надвор од сила.
Фотографија: Reuters/G. Nacarino
Двобој на двајца премиери
Од јануари 2016 година Карлес Пуџдемон е претседател на каталонската влада. Тој го продолжува националистичкиот курс на својот претходник Артур Мас и и покрај сите напори и полициско насилство на 1 октомври 2017 година го спроведе референдумот за независност, кој шпанскиот премиер Маријано Рахој го отфрла како противуставен.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Lago
14 фотографии1 | 14
Неизвесност околу идната влада
Анкетите предвидоа визока излезност на денешниот изборен ден. Агенцијата ГЕСОП соопшти дека одзивот на изборите би можел да надмине 80 проценти. Тоа би била најголема излезност во историјата на каталонските избори, кои започнаа во 1980 година. Досегашниот рекорд е 77 проценти од септемвриските избори во 2015 година.
И додека сецесионистите и унионистите се соочуваат со трка рамо до рамо на изборниот ден, расте и неизвесноста околу новата влада. Ни за сепаратистичките, ниту за унионистичките сили не е прогнозирано мнозинство во регионалниот парламент. Блокот за независност, од друга страна, во изминатите месеци дополнително се расцепка. Давид Лопез, економист од Барселона не очекува дека овие избори навистина ќе ја деблокираат актуелната криза.
Многумина, слично како него, сметаат дека денешните избори нема да водат никаде. „Се плашам дека по овие избори ќе се вратиме назад на самиот почеток“, вели Марта.