1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реизбор на Путин: Жените пресудни

Роман Гончаренко
15 март 2018

На претседателските избори во Кремљ силно се потпира на една посебна гласачка група: жените. Дали Русинките ќе помогнат да се зголеми одзивот и со тоа Путин да извојува голема победа?

Wladimir Putin
Фотографија: picture-alliance/dpa/A.Zemlianichenko

Во основа претседателските избори во Русија на 18 март се веќе решени. Актуелниот претседател Владимир Путин, кој се кандидира по четвртти пат, неприкосновено води во сите анкети. Но, неофицијално поставената цел на Кремљ за изборна победа  „од 70% плус Х" –може да биде загрозена од ниската излезност. Реномираниот Институт за испитување на јавното мислење Левада проценува дека на гласање ќе излезат меѓу 52% и 54% од избирачите што би било историски најниска излезност досега. Институтите блиски до власта секако прогнозираат повисока излезност.

Факт е дека изборната излезност во Русија во последно време е драматично опадната. Само во густо населената Москва на парламентарните избори во 2016 година излезноста беше 35%. Притоа лидерот на опозицијата Алексеј Навални кому не му беше дозволено да се кандидира како противкандидат повика на бојкот. Поради овие причини Кремљ се потпира на една од најголемите и највлијателни гласачки групи: жените.

Како се освојуваат женските гласови

Освен неочекуваната презентација на новото нуклеарно оружје за време на говорот за ситуацијата во државата на почетокот на март, многу набљудувачи ја опишаа изборната кампања на Путин како невообичаено бледа. Една од малкуте иницијативи кои остануваат забележани е воведувањето на детски додаток. Путин ја најави оваа мерка кон крајот на ноември, само неколку дена пред да ја објави кандидатурата. Оваа мерка од која профитираа стотици илјади семејства стапи во сила веќе во јануари, во истовреме со почетокот на најжешката фаза во изборната кампања.

Фотографија: picture-alliance/dpa/TASS/M. Klimentyev

Повеќе:

-Путин се пофали дека има непобедливо оружје

-Руски вирални видеа ги врбуваат гласачите

-Претседателски избори во Русија: Путин и седумте џуџиња

Исто така постојат и други индикации за особено важната улога на жените на овие избори. И централната изборна комисија изработи посебен спот за жените. Во видеото кое трае половина минута жените се претставени дека се „приврзани но сепак силни", но и дека се оние кои "обединуваат и водат". Главната порака на крајот гласи: „Дојдете на гласање со целото семејство".

Во спотот наменет за машкото гласачко тело нема ваква порака. Во други, делумно анонимни видеа, кое пред се се шират по социјалните мрежи и се однесуваат на младата популација, жените се портретирани како одговорни лидери кои апсолутно сакаат да гласаат на претседателските избори. Во еден од најпопуларните спотови една жена си мести будилник од вечер за да не се успие утредента да оди на гласање. Мажот и се смее и потоа – по кошмарот што го има – сепак оди да гласа.

Најверните гласачи на Путин

И статистиката го оправдува пристапот на владата. На почетокот на 2017 година во Русија е регистрирано дека живеат околу 10 милиони жени повеќе од мажи. Една третина од вкупното население се жени пензионерки, два пати повеќе од мажи во истата старосна група. Старите Русинки важат за особено дисциплинирани во однос на гласање и избори и најчесто гласаат за Путин. Според анкета на државниот институт за испитување на јавното мислење ВЗИОМ, спроведена на средина на фебруари, околу 76% од испитаните жени изјавиле дека повторно ќе гласаат за Путин. Кај мажите поддршката за Кремљ е 62%.

Сликата за Путин како спортски тип, здрав и силен маж се гради со години. Во ова спаѓаат и слики со полуголо торзо. Во сред кампања, 65 годишниот Путин повторно се појави со голи гради, овојпат додека гњури во екстремно студена вода по повод празникот Водици на 19 јануари.

Фотографија: Reuters/M. Shemetov

Кандидат без „прва дама"

Наклонетоста на руските жени се чини е непрекината со години. Тоа не го промени ниту војна, како на пример во Сирија, ниту промени на законот со кој се намали казната за семејно насилство. И спорните изјави како да немаа влијание. „Јас не сум жена и немам проблематични денови," алузијата на Путин за женската психологија во еден документарен филм на американскиот режисер Оливер Стоун пред една година предизвика бура реакции на социјалните мрежи. Тој тогаш изјави дека не сакал никого да навреди, туку дека тоа си е „природна работа".

Но, на овие избори едно нашто е различно: Путин за првпат на претседателски избори се кандира без прва дама до себе. Тој и неговата долгодишна сопруга Људмила пред пет години се разделија. Се чини ни разводот не ја разниша поддршката од женската база. Се шпекулира дека има нова жена, но не е потврдено.

Ниска застапеност на жените во политиката

Непосредно пред почетокот на изборната кампања, Путин не ја отфрли опцијата дека една жена може да стане претседател на Русија. Со години има критики дека најголемата група во населението е недоволно застапена во руската политика. Во долниот дом на рускиот парламент само 15% се жени, што е малку повеќе од порано.

Пролетта 2011 година во Москва се основа движење за женски права „Отличници“, кое во дел од медиумите беше опишано како наклонето кон Кремљ. Една од зацртаните цели гласеше: на изборите во 2018 одина во Русија да биде избрана жена за претседател. Иницијативата доби поддршка меѓу другото од Људмила Нарушова, сенатор во Советот на федерацијата, Горниот дом на парламентот. Нарушова е вдовица на поранешниот градоначалник Анатолиј Собчак, кој во 1990 му беше заменик на Путин.

„Отличници“ брзо исчезна од насловните страни и се чини дека е неактивно. Ќерката на Нарушова, новинарката Ксенија Собчак, денес е единствената жена кандидат за претседател. Таа нема никакви шанси и нејзината улога е контроверзна. Според некои аналитичари, една од целите на 36-годишната Собчак е да го стимулира одзивот на гласачите што е во согласност со плановите на Кремљ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми