Очите на цел свет денеска се вперени во САД, бидејќи Трамп ги претвори конгресните избори во гласање за него. Исходот е неизвесен, но јасно е дека тој веќе во голема мера ја промени неговата земја, смета Инес Пол.
Реклама
Има облози, кои вушност не сакате да ги добиете. По една година интензивни патувања низ САД во кои пишував репортажи за земјата, моите прогнози за последните претседателски избори во голема мера отстапуваа од ставот кој преовладуваше. Мене тогаш ми беше јасно дека Доналд Трамп има многу добри шанси да се всели во Белата куќа. И тоа се случи. За тоа добив шише виски.
Пријател и непријател
Но, две години подоцна, денеска, 6.11.2018. повторно ќе се гласа во САД. Всушност не се избира претседател, туку регионални пратеници, кои ќе седнат во двата дома на Парламентот. Но, во Америка на Доналд Трамп нема ништо на политичката сцена ако не е поврзано со него. Соодветно на ова, тој интензивно се вклучи во изборната кампања и во изминативе недели уште поинтензивно работеше на неговата агенда светот да го подели на пријатели и непријатели. Со тоа што, на пример, испрати повеќе војници на границата со Мексико отколку што се стационирани во Ирак.
Притоа, овој претседател им олесни на своите противници. Неговиот несмасен, агресивен стил, и неговите лаги провоцираат, а оние кои ги напаѓа речиси и да не му останале должни без одговор. Тоа го држи во центарот на внимание, но од друга страна ги оттргна Демократите од тоа да се фокусираат на себе и на нивните лични и програмски активности. Додека се возбудуваат околу секој твит на Трамп, тие не сфаќаат дека треба да се фокусираат околу еден кандидат кој за две години со харизма и вистински одлуки ќе го спречи Трамп да освои уште еден мандат.
Ова е особено опасно во еден двопартиски систем, кој е поларизиран и не се потпира на коалиции кои наметнуваат одреден степен на подготвеност на компромиси. Во основа е штетно за Демократите кога двата кампа се толку поделени поради што луѓето не се ни слушаат меѓу себе. А има случаи кога спротивната страна е во право.
Нема дебата за подобар аргумент
Но, најзначајниот проблем што Доналд Трамп ќе го остави зад себе е уништување на способноста да се дебатира за аргументи, а не за убедување. Бидејќи мајсторот за Твитер пораки и поларизирање успеа во тоа: луѓето сакаат да веруваат во она што тој го кажува. Тие сакаат да веруваат дека тој ќе ѝ помогне на земјата повторно да ја врати својата големина. И тие сакаат да веруваат дека еден силен претседател се справува со предизвиците на овој комплексен, глобализиран свет и ќе ги реши сите проблеми.
Но верувањето не е знаење. Фактите кои ја прават разликата меѓу вистината и лагата се во втор план. Тоа е горчливата вистина по една година претседателска кампања на Трамп и по две години од неговото претседателствување. Кога сопственото ехо од Фејсбук или Фокс њуз ќе им се врати како бумеранг и кога и најголемиот негов фан ќе сфати дека Трамп лажел, тогаш тоа речиси нема да има некаков ефект. Бидејќи фактите веќе нема да имаат никакво значење. Всушност тоа е вистинскиот проблем на Америка.
Бидејќи ако вистината и фактите не играат никаква улога, а лагите се сметаат за тривијални престапи, тогаш развој на демократско мислењето повеќе не е возможен. На крајот тоа не значи ништо помалку од поткопување на фундаментот на нашето разбирање на државата и демократијата, како и тоа дека автократите не само што ја преземаат моќта туку можат и да си ја обезбедат на долг рок.
Овластувањата на најмоќниот државник во светот
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.