Избори во САД: на крајот ќе има само губитници
7 ноември 2016
Светот со нелагодност го очекува вторникот во САД. Тогаш се бира новиот претседател. А можноста Доналд Трамп со сопругата Меланија и другите членови на семејното претпријатие да се вселат во Белата Куќа останува до крај отворена. Веќе и самата можност за такво нешто е вознемирувачка. Како можеше тоа да се случи? Што се случува со Американците кога, на се уште најмоќната политичка функција во светот би избрале човек без никакво политичко искуство.
Но, без разлика кој ќе излезе како победник од дуелот меѓу Трамп и Клинтон, јасно е дека на крајот на овој срамен спектакл ќе постојат само губитници. Изминативе месеци САД се претворија во земја која е одбележана од теоретичари на заговори и демагози. Тоа има голема врска со Доналд Трамп. Човекот кој нема никаква врска од политика. Но поседува реторичка способност грижите да ги претвори во омраза, стравот во непријателство кон странците, а несигурноста во фантазии за семоќност. И притоа да се постави себеси на сцената како единствен спасител. Тоа е класичен рецепт за успех кој го користат демагозите.
Трамп не е виновникот
Во согласност со тоа, луѓето ширум светот својата фрустрација и очај поради состојбата во која се наоѓаат САД ја фокусираат на Трамп, тие во него гледаат виновник поради тоа што земјата е на најдобар пат да стане држава во која е невозможно да се владее. Но, тоа не е точно. Барем не во политички смисол. Бидејќи Трамп не е политичар кој се ангажирал за општо добро и кој треба да се обвинува затоа што не го прави тоа. Трамп е бизнисмен. Аналогно на тоа, него го интересира единствено профит. На тој начин го создаде својот бизнис, стигна до претседателската номинација во Републиканската партија, и на крајот можеби и ќе влезе во Белата Куќа.
Оттука, дали се Американците виновни затоа што се лесно заводливи, или се премногу глупави за да ги разберат вистинските интереси на Доналд Трамп? И тоа е погрешно. Оној кој во изминатите месеци имал можност да патува низ земјата, можел да слушне бројни симпатизери на Доналд Трамп кои имаат добри причини за својот избор. Доколку ги напуштите големите метрополи, ќе доживеете многу јад во оваа земја на неограничени можности. Тој се среќава со луѓе кои живеат во пропаднати сиромашни квартови. Стари и болни кои стравуваат за својот живот. Деца кои уште од раѓање ги губат сите шанси во овој двокласен систем.
И тоа не е сѐ. Објавувањето на хакираните податоци од електронската пошта во изминативе недели покажува точно зошто Трамп со месеци постигнува успеси. Тоа покажува колку е корумпирана Демократската партија, колку е тесно поврзана со Клинтонови кои со својата моќ успеаја да ги сопрат кандидатите кои се залагаа за вистинска демократска обнова.
Одвојување од базата
Во оваа судбоносна година, се одмаздува тоа што политичкиот естаблишмент е арогантно ориентиран кон самиот самиот себе. Републиканците се заглавија во својата политика на блокади и им стана сеедно дали итните одлуки можат да бидат донесени или не. Во својата одвоеност од базата тие долго време не го земаа сериозно Доналд Трамп и мораат на крајот да номинираат кандидат кој би можел и да ја подели партијата. Бидејќи, дури и Доналд Трамп на крајот да загуби, милионите негови симпатизери нема да исчезнат.Тие ќе го спречуваат секој обид за склопување на компромиси со владата на Клинтон- вон партијата, но и во самите политички институции. Притоа, во Републиканската партија нема на видикот личности која би била лидер и која е доволно силна за да ги канализира разочарувањето и бесот. Целосно е отворено прашањето на кој начин републиканците планираат да останат способни за политичко делување.
Според тоа, Хилари Клинтон во случај на победа, и покрај својот политички талент и искуство, тешко дека ќе има можност за управување. И поради тоа што, спротивно на нејзините надежи, во двата дома на Конгресот нема да освои мнозинство за навистина да може да владее. Се е тоа катастрофа. За луѓето тука во САД, но и за остатокот на светот кому му е потребна функционална Америка.