1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Србија: Изборната програма е Александар Вучиќ

Немања Рујевиќ
2 април 2022

Во Србија утре се одржуваат претседателски и парламентарни избори. Победник веројатно повторно ќе биде претседателот Александар Вучиќ. Неговата медиумска доминација е надмоќна, а во корист му оди и војната во Украина.

Serbien Präsident Aleksandar Vucic Wahlkampf
Фотографија: N. Rujevic/DW

Сеедно каде моментно настапува српскиот претседател Александар Вучиќ, присутните го поздравуваат со национални знамиња и громогласен аплауз. Тешко е да се каже колку од тоа е реално, а колку режирано. Организаторски меѓутоа ништо не е препуштено на случајот. Постојано на неговите настапи доаѓаат илјадници луѓе со автобуси. Независните српски медиуми тврдат дека за вработените во комуналната управа важи обврска за присуство.

„Сакаме појасно од било кога да победиме и да покажеме дека ја избираме српската иднина, слобода, мир и стабилност“, изјави Вучиќ неодамна на еден ваков  изборен собир. 

Србија пред супер-изборите на 03.04.2022: во западнобалканската земја се одржуваат претседателски, предвремени парламентарни, како и локални избори во Белград. Победата на властодржецот Вучиќ и неговата Српска напредна партија (СНС) за многумина се чини дека е сигурна. Една голема белградска кладилница нуди само две евра добивка наспроти сто евра влог за победа на Вучиќ.

И анкетите сугерираат победа на  Вучиќ во првиот круг на изборите. Сигурно се чини и апсолутното мнозинство за СНС. На расцепканата опозиција ѝ се даваат шанси максимално во главниот град Белград.

Како командант на логор

Двата збора „мир“ и „стабилност“ Вучиќ ги повторува секој ден во телевизиските интервјуа. Недвосмислена порака, која ја следи дополнително неговата кампања посебно по почетокот на  руската војна против Украина.

ЕУ-кандидатката Србија го осуди повредувањето на територијалниот интегритет на Украина, ама не се приклучи кон западните санкции против Москва. Не само зашто мнозинството Срби во Русија гледаат културно и историски братска држава. Србија од аспект на државното раководство актуелно има и добри причини да се држи до Москва: енергетско-политички е целосно зависна од Русија. И во поглед на Косово, се потпира на поддршка на големата сила. Ниту Белград, ни Москва не ја признаваат независноста на некогашната српска покраина.

Тоа што војната во Украина доминира во насловите, му одговара на Вучиќ. Како некој командант на логор набројува колку тони жито, пченка или конзерви риби има земјата во резерва. Тој ветува дека со него во балканското буре барут и натаму ќе има само мир.

„Пропагандата сака да им влее страв на луѓето“, смета филозофот Владимир Милутиновиќ, кој има напишано книга за реторичките техники на Вучиќ. „Булеварските весници пишуваат дека на други места претстои економски колапс, дека во Германија се заканува дури и глад. Со вакви изјави Србија се сака да се стилизира како оаза на стабилност“.

Владимир Путин и Александар Вучиќ во Белград, 2019 годинаФотографија: Reuters/G. Tomasevic

Нема работа без партиска книшка

Веќе десет години Александар Вучиќ ги држи уздите во Србија во свои раце. Неговата Напредна партија ги контролира најголемите телевизии и булеварски весници, државните фирми и комуналната управа. Политичките противници во телевизиските емисии редовно се оцрнуваат како крадци и предавници. Самиот Вучиќ својата партија ја опишува како збир, движење за сите, ослободено од секаква идеологија. СНС има околу 700.000 членови, што е една десетина од вкупното население. Од разбирлива причина: без партиска книшка е речиси незамисливо добивање работа во државна администрација, јавни служби или државни претпријатија. А партиската програма? Таа се вика Александар Вучиќ.

„Напредната партија го диктира јавното мислење“, вели Дејан Бурсаќ од белградскиот Институт за политички студии. „Така Вучиќ може да испраќа противречни пораки и да ги придобива гласачите од сите страни. Тој склучува договори со Косово, но шири остра националистичка реторика. Или се удира во гради дека Србија беше речиси прва земја која имаше доволно вакцини, за потоа брзо да ги укине сите мерки против пандемијата.“

Игра на мачка и глушец

Опозицијата напротив нема речиси никаква шанса за поентирање на изборите. Нејзината главна тема – корупцијата, уништување на животната средина и префрлањата за вплетканост на владата со мафијата, поради војната во Украина наидуваат на уште помал одек од обично.

До пред неколку месеци противниците на Вучиќ негуваа надеж за продор со нивните теми. Тогаш еколошките активисти низ цела земја блокираа автопатишта, спротиставувајќи се на изградбата на голем рудник за литиум во западна Србија. Британско-австралискиот рударски концерн  Рио Тинто  ќе ја уништи природата и ќе ѝ ги ускрати профитите на земјата, велеа критичарите на проектот.

Првпат Вучиќ мораше да се прешалтува на кризен менаџмент. Со сигурен слух дека темата може да ја загрози изборната кампања, тој ги повлече законите и дозволата за Рио Тинто. Јавниот интерес веднаш спласна. 

Протести во Србија против изградба на рудникот на литиум, декември 2021 годинаФотографија: imago images/Aleksandar Djorovic

„Режимот држи сѐ во раце“

Без истовремено вклучување на мнозинството медиуми и речиси неизмерните финансиски средства на владејачката партија, ваква политичка доминација би била неможна, пишува независниот неделник „Време“. Неодамна инвестигативните новинари открија дека Напредната партија меѓу 2015 и 2021 година потрошила околу 23 милиони евра само за изборна кампања, трипати повеќе отколку сите опозициски партии заедно. „Режимот има сѐ во свои раце и со политичките противници може да си игра мачка и глушец“, коментираше „Време.“

Откако опозицијата во голема мерка ги бојкотираше претходните парламентарни избори во 2020 година поради нефер услови, некои сојузи сепак ќе можат да влезат во парламентот. Коалицијата Обединети за победа на Србија (УС), составена од широк спектар на демократски партии од лева и десна ориентација во однос на центарот, би можела да освои меѓу 15 и 20 проценти од гласовите. Уште подобар резултат би можел да постигне нејзиниот претседателски кандидат Здравко Понош, поранешен шеф на армискиот Генералштаб. 

И новиот лево-зелен сојуз „Мораме" би можел да го помине прагот од три проценти за влез во парламентот. Доскоро речиси незамисливо во Србија, еколошките партии по битката против рудникот за литиум, добиваат полет.

Национализмот како додаток

Во многу потешка ситуација е десницата и националистичката сцена, која настапува со пет претседателски кандидати и пет листи. Точно е дека многу избирачи се приемчиви за патриотски и националистички пароли – преку 80 % од граѓаните одбиваат влез на земјата во НАТО, околу две третини во Русија гледаат најважен партнер. Сепак, десницата и националистите немаат вистински добри шанси за влез во парламентот.

Политикологот Бурсаќ има објаснување – темите како Косово во меѓувреме помалку ги интересираат луѓето отколку социјални и економски теми. Национализмот денес не е темел за популизмот, туку само додаток.

Масивни нови задолжувања

„Главните гласачи на Вучиќ се од 2012 година губитниците на економската криза – пензионери, домаќинки и работници со ниски или средни примања. Во изборната кампања претседателот ветува нови фабрики, автопатишта и болници. Пораката е јасна: постои надеж за Србија и за секој поединец“, вели Бурсаќ за Дојче веле.

Некои набљудувачи предупредуваат дека владата може да се справи со актуелната криза и да владее само со масивни нови задолжувања. По изборите се заканува скок на цените на храната и енергијата уште повеќе. Аналитичарите се убедени и дека притисокот од Брисел за приклучување на Србија кон санкциите против Русија ќе биде сѐ посилен.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми