1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Србија: цементирање на моќта

Немања Рујевиќ/бг19 јануари 2016

И покрај огромното владејачко мнозинство, ЕУ кандидатот Србија се одлучи за предвремени парламентарни избори. Со тоа, премиерот Вучиќ сака да ја прошири и продолжи својата моќ.

Фотографија: Reuters

За меѓународните новински агенции веста беше изненадувачка: во Србија ќе има вонредни избори. Многу набљудувачи се прашуваат кој премиер, кој има комотно дво-третинско мнозинство и здрав разум, ќе се одлучи на предвремени избори? Но во Србија, математиките се поинакви. На владата и е потребен цел мандат за до 2020 година да ги заврши сите започнати реформи, вели премиерот Александар Вучиќ.

Неостварени ветувања

Со 208 пратеници во 250-члениот парламент, владата може да го претвори денот во ноќ, вели политичкиот аналитичар Ѓорѓе Вукадиновиќ. Сепак, Вучиќ има добри причини да смета дека неговата популарност нема да трае вечно. „Наскоро ќе излезат на виделина неисполнетите ветувања“, вели аналитичарот потсетувајќи на ветувањата за намалување на невработеноста, зголемување на платите и пензиите и борба против корупцијата. „Старите ветувања ќе бидат заборавени кога ќе дојде новиот циклус: нови избори, нови ветувања, нови рокови“, вели Вукадиновиќ. Според анкетите, само околу 10 проценти од испитаниците велат дека денес живеат подобро отколку пред три години. Над 40 проценти сметаат дека актуелната влада е подобра од претходната.
Објаснувањето за таквото расположение кон владата, аналитичарите го наоѓаат во владината контрола врз медиумите и блокадата на критичните новинари. ОБСЕ повеќепати предупреди на тоа. Во розево креираната паралелна реалност, Вучиќ е неуморниот реформатор.

На Вучиќ можете да му префрлите многу работи, вели Зоран Стоиљковиќ од белградскиот факултет за политички науки, но едно нешто не можете да му оспорите: тој е одличен политички тактичар.
„Зад одлуката за избори стои математиката дека ова е оптимален момент за уште еден изборен круг и на тој начин да се добијат уште две дополнителни години мандат. Не очекува тешка економска состојба со нови отпуштања во јавниот сектор и во државната управа, но владејачката партија има контрола врз медиумите и може да мобилизира ресурси за изборната кампања“.

Според српските медиуми, изборите може да се очекуваат на 24 април.Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Cukic

Војводина како изборна круна

Со изборите Вучиќ сака да го освои и последниот бастион на опозициската Демократска партија. Расцепканата опозициска партија во 2014 година падна на поддршка од само 6 проценти, но и натаму владее во северната покраина Војводина. Таму и онака беа закажани покраински избори, а на овој начин конзервативците на Вучиќ сакаат да си ги засилат позициите. „Затоа Вучиќ ги поврзува покраинските избори во националните. На тој начин локалните теми ќе останат во позадина“, вели Вукадиновиќ.
Политичките аналитичари сметаат дека Вучиќ бара нов мандат пред преговорите со ЕУ за членство да влезат во полна брзина. Затоа што во Брисел од Србија се очекуваат натамошни отстапки во однос на Косово. Иако Вучиќ, како и другите водечки политичари во Белград, го смета за нераскинлив дел од Србија, сепак тој потпиша серија договори со поранешната јужна покраина, што за набљудувачите е де-факто признавање на косовската независност.

На опозицијата никој не и дава никаква шанса на изборите. „Опозиционерите ќе мораат да се здружат во коалиција доколку воопшто сакаат да го минат прагот од пет проценти“, вели Стоиљковиќ. Разочарувањето во овие партии е преголемо, поради начинот на кој владееја во минатото. На Србија, според Стоиљковиќ, итно и се потребни нови лица во политиката кои ќе донесат промени. Но такво нешто овојпат не може да се очекува, затоа што изборите доаѓаат прерано. Веќе на 24 април.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми