1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Унгарија: за или против Орбан

Кено Верзек
2 април 2022

За првпат по 12 години, унгарскиот премиер се соочува со можноста да падне од власт. На парламентарните избори ќе се добие и одговор на прашањето дали за модел на владеење како оној на Орбан и натаму има место во ЕУ.

Виктор Орбан на предизборен митинг на 15 март 2022
Виктор Орбан на предизборен митинг на 15 март 2022Фотографија: Anna Szilagyi/AP Photo/picture alliance

Пред само неколку години провокативна реченица од Орбан имаше потенцијал да привлече внимание во цела Европа, како на пример кога го објави концептот на „нелиберална држава”. Голем беше стравот дека неговиот десноконзервативен националистички авторитарен стил ќе може да биде копиран и дополнително да направи раздор во ЕУ. 

Сега веќе ретко кој сериозно му придава значење. Неговата надворешнополитичка моќ речиси да е сведена само на правото на вето кое во Брисел често го злоупотребува на деструктивен начин. Европската народна партија практично ја исфрли Фидес во 2021 и од тогаш премиерот и партијата безуспешно си бараат нова политичка татковина во Европа. Со неговото играње меѓу истокот и западот и пријателскиот став кон Путин, Орбан се изолираше.

Со почетокот на нападот врз Украина и неговиот некритички став спрема Москва, се спречка дури и со досегашните сојузници како Полска и Словенија, па неделава беше присилен да ја откаже средбата на Вишеградската група (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија) бидејќи никој не сакаше да присуствува.

Средбата Путин-Орбан на 1 февруари 2022 во КремљФотографија: Mikhail Klimentyev/Russian President Press Office/dpa/picture alliance

„Демократија на фирер”

Наспроти тоа, на домашен терен Орбан е надмоќен. По повеќе од една деценија премиерот ја контролира целокупната администрација, јавните институции и најголемиот дел од правосудството и медиумите, како и големи делови од приватниот сектор. При носење одлуки често е пресуден зборот на „шефот” како што го викаат во партијата. „Демократија на фирер” го нарече моделот на Орбан австро-унгарскиот издавач Паул Лендваи.

Таквата демократија на фирер и моделот Орбан за прв пат по 12 години се под знак прашалник. Во недела (03.04.2022) се одржуваат избори во Унгарија и притоа ќе се одлучува всушност само за една работа: за или против Орбан и неговиот систем. Тоа се први избори од 2010 на кои тој би можел да изгуби. Во земјата е раширен „замор” од Орбан, особено поради клиентелизмот и корупцијата. Покрај тоа опозицијата која во изминатата деценија беше раскарана, сега настапува здружено и има шанси за победа.

Исходот на изборите не е важен само за Унгарија, туку и за Европа. Орбан беше првиот премиер на една членка на Унијата кој спроведе демонтирање на правната држава и демократијата и со тоа со години предизвикуваше заморувачки дебати и кризи. Моделот на Орбан во некои земји, пред сѐ во средна и јужна Европа, барем еден период служеше за пример. Затоа изборите решаваат и за тоа дали за моделот на Орбан и натаму има место во ЕУ

Обраќање на Обран пред Европскиот парламент во септември 2018 годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/J.F. Badias

Анкетите укажуваат на неизвесна трка

Последните анкети покажуваат изедначена трка меѓу Фидес и шесте здружени партии на опозицијата. Тоа што не се гледа во голите бројки е дека владејачката партија и опозицијата не настапуваат од иста стартна позиција, или како што би рекле критичарите во Унгарија: изборите се слободни, но не се фер.

Орбан редовно и не само пред избори спроведува анкети за владата во целото население за политички и социјални теми. Тоа се скапо платени кампањи со буџетски средства за мобилизација на гласачите. Во таквите „консултации” некогаш се подбуцнува против бегалците, некогаш против наводно мрзеливите Роми или хомосексуалци.

Изборниот законик дел по дел беше сменет во корист на Фидес и нејзините гласачи: изборните единици беа прекројувани, право на глас од листа имаат и припадници на унгарското малцинство од соседните држави кои имаат унгарско државјанство и често се симпатизери на Фидес, а дозволено им е да гласаат и преку пошта. Унгарски емигранти пак кои претежно се контра Фидес, немаат право на глас преку пошта, туку мора да патуваат до конзуларни претставништва и амбасади за да гласаат, поради што многумина не го остваруваат избирачкото право.

Кон крајот на минатата година Орбан го легализираше пријавувањето на адреси на кои лицето не живее, веројатно за да олесни изборен туризам. Тоа е една од причините поради кои ОБСЕ за прв пат на овие избори испрати долгорочна мониторинг мисија која треба да документира можни изборни нерегуларности.

Кандидатот на здружената унгарска опозиција, Петер Марки-ЗајФотографија: Laszlo Balogh/AP/picture alliance/dpa

За измама во најширока смисла на зборот зборуваше и опозицијата во предизборната кампања. Нивниот кандидат, градоначалник на едно мало место, Петер Марки-Зај и префрлаше на владата дека „е најкорумпирана во изминатите 1000 години во Унгарија” и дека премиерот има двојни аршини бидејќи буцка против мигранти, а им дава престој на богати и често сомнителни ликови од цел свет. Орбан и партијата пак сееја страв од враќање во времето на омразеното владеење на социјал-либералниот екс премиер Ференц Ѓурчани чија марионета наводно е Марки-Зај.

Ризична стратегија

Предизборните кампањи во Унгарија од секогаш биле валкани. Но, пред овогодишната да може да го допре дното, војната во Украина ја смени темата. Засега не е јасно како пријателскиот став на Орбан кон Путин може да влијае на исходот на изборите. Многумина од Унгарците се длабоко потресени од агресијата на Русија. Дури и меѓу гласачите на Фидес се враќаат спомени на инвазијата од советски сили во 1956 и крваво задушената револуција.

Уметниците на удар на власта во Унгарија

04:50

This browser does not support the video element.

Унгарската влада досега само со половина срце ја осуди војната, а провладините медиуми шират страшна проруска пропаганда. Орбан избегнува каква било критика кон Путин и го зазема ставот дека Унгарија по секоја цена мора да се држи на страна. Тоа е ризична стратегија за човекот кој како млад политичар се профилираше со антисоветски пароли и пред 2010 постојано даваша критички изјави на сметка на Путин.

Орбан на опозицијата сега и префрла дека сакала унгарски војници да прати во војната во Украина и да ја вовлече земјата во конфликтот, што е чиста измислица. Опозицијата исто така се осврна на војната и гласањето го стилизираше во одлука меѓу Путин и Западот, меѓу тиранија и демократска Европа.  

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми