1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Хрватска: претстои смена на власта, но дали и промена на насоката?

Коментар на Бетина Буркарт24 ноември 2003

Како што досега стојат работите, веројатно претседателот на Хрватската демократска заедница - ХДЗ, Иво Санадер, ќе биде овластен од претседателот на Хрватска Стипе Месиќ да формира влада, иако чисто математички се' уште се можни и други коалициони модели. Во Хрватска можеби ќе дојде до смена на власта, а допрва ќе се покаже дали ќе дојде и до позначајна промена на насоката. Допрва треба да се види колку се сериозни определбите на победникот Санадер за европски пат на Хрватска. Зашто, кој повнимателно ја следеше предизборната кампања, мораше да му падне в очи дека неговата дикција во разговорите со странските, пред се' европските партнери, значително се разликува од онаа на предизборните манифестации. Таму од многу кандидати на ХДЗ можеше да се слушнат старите, националистички обоени тонови, се поднесуваа и потпишуваа петиции за генерал Анте Готовина, кого го бара Хашкиот трибунал. Германските набљудувачи мора да се прашуваа дали ова им е јасно или им е сеедно на госпоѓа Ангела Меркел и господин Едмунд Штојбер, кои во хрватските радиоспотови со пофални зборови го поддржуваа Санадер и неговата партија ХДЗ во предизборната кампања. Може само да се претпоставува што ги наведе избирачите да се свртат кон ХДЗ. Сосем десна алтернатива овој пат беше понудена од повеќе и порадикални партии. Бидејќи и тие остварија зголемен прилив на гласови, тогаш мора ХДЗ да добила многу гласови и од другиот табор. Тоа, пак, остава простор за претпоставка дека избирачите го изразиле незадоволството од колебливата работа на владата на Рачан. Во Германија тоа го нарекуваат опомена и, ако е така, тогаш ова би бил чекор во насока кон таканаречени народни партии, кон консолидирање на партискиот пејсаж во Хрватска.

Прилично е јасно дека и пред новата влада се поставува истиот рид од задачи како и пред старата. Иако во Загреб и другите поголеми градови тоа не се забележува, економската ситуација е тешка, странските инвеститори и натаму се воздржуваат поради непрегледната и бесконечно бавна бирократија, судството не предизвикува доверба, сопственичките односи се неразјаснети. Покрај ова, враќањето на бегалците се одвива крајно бавно. Секоја влада мора да го надомести пропуштеното во последните години. Тоа се болни зафати кои населението ги прима како значително влошување на неговата положба. Но, без консеквентно спроведување на реформи компатибилни со ЕУ, веќе толку јасно почувствуваната близина до Унијата ќе остане само "потемкиново село". Националистичка, изолационистичка политика или хедонистички борби за власт на секогаш исти играчи нудат малку перспектива, посебно за младите за да останат во земјата. Хрватска се' уште има шанса да ја оствари високата цел за брз пристап кон ЕУ. Но, за тоа сега мора високо да се завратат ракавите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми