1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Битка за придобивање на неопределните гласачи

24 септември 2021

Кратко пред изборите за Бундестаг, носителите на партиски листи ја имаа последната ТВ дебата, која протече изненадувачки мирно. Седумте политичари правеа напори за привлекување на сѐуште неопределните гласачи.

ARD Schlussrunde I Wahlen 2021
Фотографија: Tobias Schwarz/POOL/AFP/Getty Images

Шесте носители на изборните листи на политичките партии застапени во Бундестагот синоќа на германскиот јавен телевизиски сервис го имаа последното соочување пред изборите, кои ќе се одржат в недела. Заедно со нив беше и баварскиот премиер Маркус Зедер и претседател на ЦСУ, кој самиот не се кандидира за Бундестагот.

Нивната главна цел беше привлекување на сѐуште неодлучените гласачи, какви според проценките на експертите, има меѓу 20 и 30 проценти од граѓанитесо право на глас.

Шокираност од насилноста на корона-негатор

На почеток најголем дел од говорниците искажаа шокираност од убиството на млад човек вработен во бензинска станица во Идар-Оберштајн во Рајнланд Фалц, кој го загуби животот поради тоа што од муштерија побарал да стави заштитна маска на лицето, по што тој стрелал во него. Канцеларскиот кандидат на ЦДУ/ЦСУ, Армин Лашет изјави: „Радикализацијата почнува на интернет, станува сѐ поагресивна, сѐ погласна“. Мнозинството од другите политичари беа на мислење дека човекот бил подбуцнуван на интернет, истакнувајќи дека мора да се стопира ваквата омраза и да се преиспита правото на ноосење оружје, на што посебно инсистираат Зелените. Само кандидатката на деснопопулистичката Алтернатива за Германија, Алис Вајдел, предупреди од стигматизирање на „цело протестно движење“, односно на корона-негаторите и движењето „Кверденкер“ кое се противат на мерките против коронавирусот.

Маркус Зедер од ЦСУ и Армина Лашет од ЦДУФотографија: Tobias Schwarz/Pool/picture alliance

Фактичкиот дуел ќе биде Шолц против Лашет

Од пред извесно време кандидатот на СПД, Олаф Шолц, актуелен министер за финансии, води во анкетите на јавното мислење. Шефот на ЦДУ, Армин Лашет успеа да ја намали предноста на СПД пред ЦДУ/ЦСУ, но таа сепак изнесува три до четири проценти разлика. Затоа Шолц е фокусиран на тоа да не направи грешки во финишот и да демонстрира доверливост и мир. Лашет се обидува да поентира со предупредување од свртување кон лево, односно коалиција од СПД, Зелените и Левица.

Но, во синоќешната дебата, во која брзо и компактно беа обработувани теми како недостигот и високите цени на становите во Германија, даночната политика и државните финансии, високата задолженост поради пандемијата на коронавирус, на Лашет не му остана многу простор за напад врз Шолц. Многу време беше посветено на надворешнополитички теми, што во досегашната изборна кампања играа мала улога.

Дебати за Кина и за НАТО

Шолц на пример изјави: „Ќе мора да се погрижиме за тоа Европа да биде што поединствена, да може да зборува повеќе во еден глас“. Кандидатите страстно дебатираа околу односот кон Кина. Бербок од Зелените и Линднер од ФДП инсистираат во иднина почесто да стане збор за сотојбата на човековите права во Кина, двајцата се против планираниот договор за инвестиции на ЕУ со Пекинг. Маркус Зедер пак во тој поглед предупреди од подучувачко догматски однос кон Кина, со која Германија и натаму ја врзуваат економски интереси. Жанин Вислер од Левица повторно го бранеше спорниот став на својата партија - Германија на долг рок да излезе од НАТО, со што останатите не се сложуваат.

Аналена Бербок од Зелените, Олаф Шолц од СПД и Жанин Вислер од ЛевицаФотографија: Tobias Schwarz/POOL/picture alliance

На крајот прашање за идни коалиции

На крајот на дебатата беше поставено за многумина гласачи веројатно најважното прашање: кој со кого би коалицирал по изборите? Маркус Зедер изјави дека сѐ повеќе луѓе забележуваат приближување меѓу СПД, Зелените и Левица, токму затоа Армин Лашет добива засилена поддршка според анкетите. Во однос на можност од јасна победа на Унијата, Зедер рече:„Кога ги гледам анкетите од последните денови, тоа е можно“. Лашет како клучно прашање го постави спречувањето на создавање влада од СПД, Зелените и Левица. 

Шолц ѝ откажа на Левица

Канцеларскиот кандидат на СПД настапи со јасен став: ако тој стане канцелар, мора да останат важните темели на германската политика: „Во тоа спаѓа дека нема да менуваме ништо во основните функции на државата. Кажувам сосема јасно: нам ни е потребна Службата за заштита на уставот, нам ни е потребна соработка со НАТО“. А Левица ги отфрла целосно овие две институции.

Мора да се истакне дека синоќешната дебата, сосема кратко пред изборите, беше изненадувачки мирна и суштинска. Притоа, сѐ појасно станува дека главната трка ќе се води меѓу Лашет и Шолц, кој има мала предност. Аналена Бербок, која пролетоска водеше во анкетите на јавното мислење, истакна дека е важно „Зелените да станат што појаки“, канцеларско место не спомена. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми