1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори мора да има

26 март 2020

Пандемијата ја исцрта важноста на професиите од кои зависат нашите животи и нашата секојдневна нормалност. Предводат лекарите, додека пак последни на таа листа на неопходност се политичарите. Пишува Арсим Зеколи

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Покажи ја другата страна, онаа која ги тера луѓето да станат од кревет, ги тера да се чешаат и гребат и да се борат за сопствените животи, бидејќи некој ќе им каже дека ќе бидат океј.” ― Макс Брукс, World War Z

Кога се околу тебе е замрзнато, во состојба на присилна хибернација, размислите за иднината се инстинктивен импулс на воља за живот среде сивилото на пандемијата. Токму денес, како ретко кога, зборувањето за иднината е утехата на која имаме и човечко право и хуманистичка обврска. И на чуден начин, беседите за иднината на изборите е мала, периферна а сепак битна манифестација на вољата за живот. Во ваква состојба каква што е денес, беседењето за избори е неспорно најспоредната битност на часот. Со единствена позитивна функција на бивање некаков светилник според кој ќе препознаеме дека кризата е помината, пандемијата скротена, нормалноста вратена, жарчето за борба спасено. Резултатот на тие избори ќе биде најпрецизниот индикатор за промените кои ни се имаат случено како последица на колективната траума низ која имаме поминато. Како луѓе, пред сѐ. Помалку како општества. Онака како што Алфред В. Крозби ќе ја дефинира шпанската грозница од 1918 како фактор кој „остави трајно влијание не врз колективитетите, туку врз атомите на човештвото - луѓето”.

Ќе дојде часот кога емоциите неминовно ќе мораат да отстапат пред објективните факти - Макс Брукс, World War 

Ефектот на пандемија веќе почнува да ја менува нашата природа. Колективното емоционално соочување со смртноста на човештвото и желбата за преживување на себе и најблиските се манифестира со тивка супресија на сите останати емоции. Во екстремни примери стравот дегенерира во еугенизам и бесчувствително сведување на човечкото битие на економско орудие. Солидарноста сепак преживува, помалку како  романитизиран идеал и повеќе како одбрана од лизгањето надолу низ скалилата на човечката еволуција.

Повеќе:

-Коронавирусот и Македонците: Ни треба медијатор!

-Лажни вести во коалиција со корoнавирусот

-Спасовски: Воведуваме полициски час

Во таа економизација со чувствата, луѓето ќе имаат помалку желба за следење на политичките наратори на прогресот и се повеќе наклонетост кон конкретните изведувачи на работите. Пандемијата ја исцрта пред нас важноста на професиите од кои зависат нашите животи и нашата секојдневна нормалност. Во тој листинг на важност предводат лекарите, социјалните работници, фурнаџиите, санитарните работници, полицијата, додека пак последни на листата на неопходност се политичарите. Ним, по сите доживеани стресови, ќе им биде сѐ потешко да манипулираат со нашите стравови и емоции, и онака изедени од соочувањето со вирусот на болеста и немоќта на политиката.    

Не знам дали големите времиња раѓаат големи луѓе, но знам дека можат да ги убијат.” ― Макс Брукс, World War Z

Зарем е случајно што во сета хистерија околу пандемијата, единствениот кој релативно отскокна од политиканскиот просек е лекарот на привремена работа во политиката, Министерот за здравство? Во сета парадерска патрдија на просечни политичари со многу ЕПП имиџ  и нула суштинска конкретност, определбата на јавноста единствено да слуша некого за кого мисли дека знае што зборува е хроника на колапсот на политичката каста. Ма секако, ни поголема пандемија од оваа нема да ги спречи политичарите како црева да водат зад себе фоторепортери по криволачки дупки, да испуштаат патетични издувни гасови на загриженост за незаштитените лекари, да бараат панагирикии за измислени успеси и недатирани датуми. Но тоа не менува ништо во нивна корист, не нуди спас за финишот на нивната еволуција. Нивната натпросечна аморалност и потпросечна интелигенција не им дозволува да ги разберат последиците на социјалниот крах кој се одвива пред нивни очи и ќе води кон пад на општествената доверба во политиката.

На тој даден ден дигнавме раце од нашите слободи. Од тој час живеевме во вистинска слобода, слобода да впериме прст кон некого друг и кажеме тие се виновни, не јас'"  - Макс Брукс, World War Z

Денови  пред да почне полицискиот час, пустината на улиците и сокаците потврдно потсетуваше дека ниеден закон немаше да го постигне она што исконската желба за преживување го наметна како бесусловна покорност. Никакви црни наредби на Оливер и Наќе, никакви жални пренемагања на Бујар и Рада, ниедна патетична итроштина на Заев и Али немаа ниту приближно убедлив импакт врз нашата свест колку една единствена двесетсекундна снимка од болницата во Бергамо. Ние се откажавме од сопствените слободи – по сопствен егзистенцијален избор, изнуден како горка поука од децении верување во фингирани слободи на политиката (и свеста дека немаме вентилатори за да фатиме здив).

Нашата самоизолација е избор на слободата и отклон од логиката на политиката за константно, безмилосно префрлање на одговорноста врз оној, овој, оној, оние, тие, тие, тие другите клетници! Барем еднаш видовме ќар од општата згаденост од културата на неказнливоста на политиката која дури и во нашата болест и смрт ќе најдеше материјал за некој беден пропаганден спот. Се затворивме доброволно, по своја слободна воља за да не бидеме материјал на вечно неодговорните одговорни. Во таа слобода никнува новиот пресврт во желба за избор на реално претставништво, растеретено од манипулацијата со страв.

Разбираш економија? Мислам, големиот, предкризeн капитализам? Знаеш како функционирал? Јас не знам. И секој кој ќе ти каже дека знае е полн со лепешки.” - Макс Брукс, World War Z

Еден ден, наскоро, ќе заздравиме. Телесно. Но доколку сакаме за оздравиме во ум, уште сега да запаметиме дека првото постпандемично и предизборно прашање до големите партии нема да биде колкава е економската штета и социјалната дупка. Туку да ни објаснат зошто било толку лесно на Катица и Фатица им да се даваат енормни хонорари и луксузни возила и зошто било толку тешко, море невозможно на лекарите да им се обезбедат доволни количини заштитна опрема, хазмати, респиратори итн? 

Други колумни од авторот:

-Светот повторно остаре, драг Адсо

-Егзорцизмот на Карнеги

-Детулето на Манданата

И притоа да инсистираме Мицкоски стриктно да одговара за времевладеењето на неговата партија, а Заев строго за сопствената одговорност сега и овде, последните три години без да го спомне „режимот”. Ете, можат да го викнат и Али како консултантна константа. Второто прашање би било упатено до нашите големи економисти, дали би умееле да ни ја објаснат простата економија на економизирање, без притоа да вртат баснословни бројки во воздух и да не забегаат во флоскулно цитирање на полезноста на капитализмот или социјалистичкиот рај на планска економија. Ох, колку ли ќе уживаме во тишината на нивните одговори. 

Не можам да ти кажам дали е ова вистинскиот пат. Иднината е премногу планинеста за да се гледа толку далеку. Единствено боговите' знаат што не чека на крај.” ― Макс Брукс, World War Z

Како ли ќе звучи Бетовеновата Ода на Радоста на 9 мај годинава, со стиховите на Шилер животот сонува ново сонце / а луѓето стануваат збратимени / со горки солзи на осаменост”? На платото пред Илинденска таа секако ќе биде солемно весело испеана, со вообичаен соцреалистички декор и пионирски дух прикладен на внуците и внуките на Јосип Броз и Роберт Шуман. Но во Бергамо, Барселона и Рим изведбата ќе биде камерно адаџио, сред празниот Piazza del Popollo. Од другата страна на Атлантикот, короната е фантастично добра закрила за изведување државни удари низ Балканите во име на демократијата. По примерот во Приштина и егзекуцијата на „анти-Американецот” Курти. Претставничката демократија и онака е веќе митолошки феномен на Балканите, семинарска бајка за нови рунди млади наивни. Насилно заменета со делегирана демократија на психолошки профилирани, карактерно кастрирани и уценето контролирани пратеници однапред избрани за победници на избори.

„'Ни треба стабилна влада, итно! Изборите се супер, во принцип, но сега не е време за високи идеали', реков. Но претседателот беше кул, многу по кул од мене. Ми одговори: ‘Ова е единственото време за високи идеали, бидејќи тие идеали се се што имаме.― Макс Брукс, World War Z

Па тогаш што ќе ни се избори кога сѐ е однапред решено!?  Точно, но поради нивните местенки не смееме да ја отфрлиме самата убавина на натпреварот, туку ја сочуваме смислата на изборите за следната од нас помудра и похрабра генерација. Изборите се битни, гласањето – не толку, барем не сега, не вака. Ние не можеме, нам не ни е дозволено да избереме достојност која ќе не краси, но барем можеме да ги искористиме изборите да им напакостиме ним, ја пренесеме слободата на избор како вирус кој ќе ги нервира, иритира, вади од кожа. Со неизлезност или со глас за мали расипувачи на забави, сеедно.   

„Неговите последни зборови: "On ne passé pas!” ― Макс Брукс, World War Z

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми