1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори на Видовден

12 мај 2020

Датумот за пресметка на двете македонски партиски војски заедно со своите вазали не е битен, оти кога и да биде ќе биде Видовден. Пишува Ерол Ризаов

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Кога и да се одржат парламентарните  избори, тоа во секој случај, ќе биде Видовден. Битката меѓу Македонците патриоти и Македонците предавници има големи шанси да се случи на 28 јуни, на Видовден. Точно 631 година по прочуената битка меѓу османлиската и српската војска на Косово Поле. Квасецот на омразата е толку нараснат што веќе прекипува. Датумот за пресметка на двете македонски партиски војски заедно со своите вазали не е битен, оти кога и да биде ќе биде Видовден, па макар, среде лето, или среде зима. Кој ќе преживее секако ќе настрада.

Ова е добар начин да дознаеме зошто и е тешко на Европа да одреди датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, кога ние не можеме да одредиме датум за избори на кои веќевојсководителите прогласија победа. Сите историски битки во Македонија завршуваат со победа, иако се пораз. Освен  единствената победа, таа над фашистичкиот окупатор, за време на Втората светска војна, која во повеќе обиди се прогласува за пораз, или поблаго кажано за нецелосно ослободување, или потпаѓање под владеење на Југославија.

Кога поразите се победи, а победите порази

Кај нас такви се обичаите, или како што сега е тренд да се каже таков ни е наративот, поразите се победи, а победите се порази. Фактот, цврст и голем како планина, не е уште совладан во главите на многу луѓе, да се разбере без грам сомневање, дека ако не беше таа победа во Втората светска војна ќе ја немаше ни федерална, ни народна, ни социјалистичка, ни ПЈРМ, ни северна, ни Република Македонија. Зошто би се замарале со едноставноста на вистината дека во сите шест случаи на променето име, останува иста територија со името Македонија, со исти народи и народности, со исти јазици, истите јанѕи и премрежија, истите омрази кои лесно се откопуваат под пепелта каде вечно тлее жарот и кога се чини дека е угаснат. Договорите за добрососедство со Грција и со Бугарија, исто така, се претставуваат како големи порази. Можеби не се големи победи како НОБ, како што мене ми се чини, но сигурно дека не се ни порази.

Народите кои имаат кратко памтење, тоа е поради големата опседнатост со омразата и постојаната потрага по непријатели, предавници, светски завери и по пославно минато кое ни го украле други. Сегашноста и иднината не се толку битни како минатото, кое е главно јадење на сиромашните, редовно сервирано од политиката. Што повеќе беда, непросветеност, неизвесност и страв, толку полесно се измислува се пославно и пославно минато се до македонскиот палеолит и неолит.

Претходни колумни од авторот:

Заедничката историја и заедничките лаги и митови

Изборите како прво, или последно гајле

Денот потоа, или враќање во иднината

Мала прослава за своја душа

Знаеме ли да го требиме каколот од пченицата

Да се вратиме во иднината, на нашиот Видовден во третата декада на 21 век. Каква обнова на минатото, или на сегашноста ќе ни донесат изборите? Ако го пренесеме истиот товар под кој сега стенкаме, нити обнова ќе се види, ниту светла иднина. Должни сме за ова малку да размислиме со студени глави.

Кои се карактеристичните зборови што ни ја матат главата: вируси, пандемија, заразени, починати, карантин, изолација, маски, респиратори,бомби, страв, лоши комшии, Грци, Бугари, Срби, Албанци, криминал, мито, корупција, вонредна состојба, распуштен парламент, техничка влада, технички премиер, технички министри и заменици, лаги, манипулации, популизам, лажни вести, НАТО, Европска Унија, солидарност, отстапки, компромиси, владеење на правото... Можеме ли и знаеме ли да го требиме каколот од пченицата, можеме ли да ги препознаеме зрнцата кои ни ги кршат забите и не се за човечка употреба. Тешко. Многу тешко, оти претпочитаме таа работа некој друг да ја заврши наместо нас.

На кавга кај претседателот

Затоа денеска кај претседателот на државата Стево Пендаровски  ќе се состанат нашите политички водачи да изразат колективна загриженост за здравјето на сите нас, за здравјето на економијата, за јазикот наш насушен, за идентитетот, за објавата на војна од Бугарија и да повикаат на мобилизација, за предавствата, за патриотизмот, за криминалот и корупцијата, да ја потврдат грижата за луѓето кои останале без работа и без егзистенција, за на крајот на денот да ни приопштат дека не се договориле ама баш за ништо.

Ќе му остават великодушно на претседателот сам да одлучи, ама по нивна нарачка, дали ќе ја продолжи вонредната состојба, ќе му остават на Уставниот суд да одлучи според партиската припадност на судиите, дека нема одлука, или дека не се надлежни, ќе му препуштат на ДИК да одлучи дека не може да одлучи колку дена му требаат да ги подготви изборите, оти едните се за 30, другите за 60 дена подготовки. Како да не се подготвуваат 30 години постојано за избори.

Откако за сето тоа нема да се договорат ќе се согласат до вчера господинот, денес веќе претседателот на парламентот знаменитиот Талат Џафери, кој е час претседател, а час не е, во зависност од тоа каков му е ќефот, да прогласи уште едно распуштање на распуштениот парламент. И пак одново и процедурално по деловникот на Собранието и по Уставот да покажеме колку ни е голем инаетот и суетата.

Драмата е нужна за да се поделиме

А, последиците, тие не се важни бидејќи за нив секогаш е виновен другиот. Оваа драма е неопходна за да се поделиме уште повеќе сите во партиските табори и да ги наполниме трибините со навивачи. Што ќе мисли светот што сака да ни помогне, тоа никогаш не било нешто многу значајно. И онака секогаш се сомневаме во нивната помош. Ние ги знаеме добро нивните мотиви.

Не ги сакаме странците кои постојано коваат завера против Македонија. Да сакаа да ни помогнат колку што ние не сакаме да си помогнеме, ќе удреа силно со тупаницата по маса и ќе ни кажеа: ајде какви сте такви сте влезете во семејството, па потоа ќе си ја чукаме главата што ќе правиме со вас. Демек така направија со комшиите, ги внесоа во Европа и во НАТО на врат на нос, а нас не оставија сираци на Балканите, без идентитет, безимени, без јазик и без името на државата, без минато и славна историја и без достоинство. Страшно.

Во хаос тешко се гледа едноставноста на решението

Во една ваква какафонија и оркестриран хаос тешко е да се види едноставноста на решението, кое веќе е добро познато и применето во сите земји кои го изодеа патот до Европа и прогресот. Прво лидерите на сите релевантни политички партии кај земјите кандидати за ЕУ, интелектуалните и деловни елити, институциите на системот, се договорија цврсто дека реформите и стандардите што ги бара Европа нема да се проблематизираат и нема да бидат предемет на меѓусебна политичка пресметка. Во јавноста создадоа амбиент дека е тоа за доброто на граѓаните и стратегиски приоритет број еден  на државата. Секое попречување на тој пат, јавноста кај нив го препозна оти никој не му ја матеше главата за тие прашања.

Македонија е веќе членка на НАТО со одлука да ги почне преговорите за членство и во ЕУ со усвоени договори во парламентот за односите со соседите со што е отстранета главната пречка.

Годинава преговорите ќе почнат, таа одлука никој не ја оспорува, освен, се разбира, во Македонија. Според тоа, веќе одамна прифатениот меѓупартиски конснзус за главните државни приоритети треба да се применува и во практиката. Европските аспираци не смее да се предмет ни на партиски, ни на предизборни  кампањи, освен во натпреварот кој побрзо и подобро тоа ќе го постигне, без ветувања дека нешто ќе се промени, или подобри во веќе склучените договори. Проблематизирањето на веќе склучените и усвоени договори е само штетна и лажна пропагнда.

Ако пак здравјето на граѓаните во време на пандемија им е најважно и најголема грижа на партиските лидери како што постојано на секој јавен настап нагласуваат, тогаш, таа одговорност нека ја препуштат на стручните луѓе и на здравствените комисии кои по многу домашни и меѓународни оценки добро си ја вршат работата. Дури изненадувачки добро со ресурсите со кои располагаат. Тие нека одлучат кога се безбедни изборите.

Предвидувањата искажани со внимателност дека од наредната недела ќе почне нормализација на животот со постепени укинувања на ограничувањата ги прават релевантни двата датума што ги кажаа јавно лидерите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски прифатени и од нивните коалициони партнери изборите да се одржат на 14 јуни, или во половината на јули. Компромисот би бил на половина пат. На 28 јуни е недела Видовден.

Голиот датум за избори нема да значи ништо без претходните услови за консензус околу европските интеграции, без нивно попречување и проблематизирање и целосно почитување на одлуките на здравствената комисија. Без таков амбиент не можат да  се очекуваат фер избори кога и да се одржат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми