Изборниот колеџ потврди: Џо Бајден е нов претседател на САД
БГ /АП
14 декември 2020
Победникот на претседателските избори, демократот Џо Бајден вечерва доби и формална потврда за својот избор преку гласањето на ткн. Изборен колеџ во САД. Со тоа завршуваат сите напори на Трамп да ја оспори победата
Реклама
Кампањата на Доналд Трамп да ги поништи резултатите од претседателските избори во САД денеска и формално заврши со неуспех. Сите американски сојузни држави ги потврдија резултатите од изборите преку ткн. Изборен колеџ, и покрај тоа што во неколку држави се соочуваа со голем притисок и закани по живот.
Клучно беше гласањето во Калифорнија од каде вечерва пристигнаа потребните 55 електорски гласови, со што Бајден го надмина прагот од 270 потребни гласови за и формално да му биде потврдена победата. Инаку, според резултатите од изборите на 3 ноември, Бајден освои 306 електорски гласови наспроти 232 за Трамп, но конечниот број сега е само формалност.
Следниот чекор е преземањето на функцијата на 20 јануари следната година со положување заклетва.
Иако традиционално гласањето на Изборниот колеџ е само формалност, годинава тој имаше посебно значење поради обидите на Трамп да ги оспори резултатите од изборите.
Комплицираниот американски изборен систем датира од 1780 година, и според него, еден кандидат станува претседател преку Изборниот колеџ, а не со освојување мнозинство од дадените гласови.
Кампањата на Бајден најави дека претседателот денеска (15.12) ќе одржи говор од својот дом во Делавер, во кој ќе порача дека „демократијата надвладеала“.
„Доколку некој досега не знаеше, сега знаеме. Она што чука длабоко во срцата на американскиот народ е ова: Демократија. Правото да бидеш слушнат. Твојот глас да се брои. Да ги одбереш лидерите на оваа држава. Да владееш самиот“, ќе порача Бајден.
Кои се избраниците за новиот кабинет на Џо Бајден?
Избраниот претседател на САД Џо Бајден почна да го екипира својот кабинет подготвувајќи се за влез во Белата куќа. Многумина од неговите кандидати беа во администрацијата на Барак Обама, а изборот го потврдува Сенатот.
Фотографија: Mike Coppola/Getty Images
Ентони Блинкен, министер за надворешни работи
Блинкен е долгогодишен близок соработник на новоизбраниот претседател Џо Бајден. Тој работел во администрацијата на двајца демократски претседатели и бил истакнат советник во Комисијата за надворешни работи на Сенатот. Извршувал и функција заменик – национален советник за безбедност, како и заменик државен секретар во втората влада на Обама, кога Бајден беше вицепретседател.
Фотографија: Mike Coppola/Getty Images
Џон Кери, специјален претседателски пратеник за клима
Поранешниот министер за надворешни работи ќе биде специјален претставник на Бајден за прашања поврзани со климата. Кери од 1983 до 2013 година беше сенатор во Масачусец, пред да ја преземе највисоката функција во надворешната дипломатија во втората влада на Обама. Кери во името на САД во 2015 година го потпиша Парискиот договор за климата, а две години подоцна Трамп ја повлече земјата од него.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen
Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во ОН
Линда Томас-Гринфилд од 2013 до 2017 година беше на важни позиции во Министерството за надворешни работи. За време на епидемијата на ебола, таа ја раководеше американската политика во Африка јужно од Сахара. Бајден планира да ѝ ја довери важната функција за Белата куќа, амбасадор во ОН.
Фотографија: DW/S. Broll
Алехандро Мајоркас, министер за внатрешна безбедност
Адвокатот со кубанско потекло за време на претседателот Обама беше заменик-шеф за внатрешна безбедност и раководеше со реализација на програмата ДАЦА, која на т.н. „сонувачи“, како деца илегално донесени во САД, им овозможуваше останување во земјата. Доколку биде потврден неговиот избор, тој би бил прв доселеник и латино кој ќе го води секторот за внатрешна безбедност.
Фотографија: Thilo Rückeis/picture-alliance
Џејк Саливан, советник за национална безбедност
Саливан од 2013 до 2014 беше советник на Џо Бајден за национална безбедност, додека тој беше потпретседател. Тој беше и заменик на Хилари Клинтон на функцијата министер за надворешни работи. Подоцна Саливан беше нејзин највисок советник за надворешнополитички прашања за време на нејзината претседателска кандидатура во 2016 година.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Аврил Хаинс, директор за национално разузнавање
Хаинс беше прва жена заменик директор на ЦИА, во периодот од 2013 до 2015 година. Таа го наследи Ентони Блинкен на позицијата заменик-советник за национална безбедност кога тој во 2015 година замина во Министерството за надворешни работи. Ако се потврди нејзиниот избор, таа ќе биде прва жена која ќе раководи со американските тајни служби.