1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборниот компромис изгубен во преводот!?

Катерина Блажевска2 март 2013

Враќањето на опозицијата во Собранието на Македонија и нејзиното учество на локалните избори падна во сенка на прашањето – постигнат ли е „датум за датум“ за предвремени парламентарни избори.

Фотографија: DW

Власта и опозицијата создадоа конфузија во јавноста околу точките на доворот за излез од кризата. Премиерот Никола Груевски во синоќешното обраќање до јавноста изјави дека „е постигнат договор за враќање на опозицијата во парламентот и за настап на локалните избори, без условувања за организирање предвремени парламентарни избори или за одложување на локалните“.

На оваа изјава, дијаметрално спротивна од најавата на опозицијата дека е договорен „датум за датум“ за предвремени парламентарни избори, од СДСМ реплицираат дека некој намерно го прави нејасен преводот на договорот од англиски јазик.

Во дипломатски ракавици

Според генералниот секретар на СДСМ, Андреј Петров, најден е дипломатски начин како без спомнување на зборот 'предвремени' да се договорат предвремени избори.

„Зошто би било потребно да се дефинира тајмингот на следните парламентарни избори, освен ако тие не се предвремени, со оглед дека редовниот термин на парламентарните избори е познат. Се работи за дискусија само за предвремени избори и нивното одржување е во корелација со наодот на Комисијата за истраги за 24 декември. Ако Комисијата утврди дека се прекршени Уставот, законите и деловникот, предвремени избори ќе бидат нужно решение. Резултатите од дискусијата треба да бидат вклучени во есенскиот извештај на ЕК, кој мора да биде готов до септември. Тоа е временската рамка за 'датум за датум' или 'договор за договор’“, вели Петров.

Според СДСМ, Груевски мора и натаму да инвестира во митот за неговата наводна непопустливост, бидејќи на членството само до вчера му тврдел дека нема што да се договара со Црвенковски.

Никола Груевски тврди дека е постигнат договор без условувањеФотографија: MIA

Универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски, кој ги поддржуваше опозициските методи за улична демократија, вели дека договорот е добар штом опозицијата добила датум за датум за предвремени парламентарни избори.

„И известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Ричард Хауит вчера потврди дека договорот вклучува и предвремени парламентарни избори, но засега без договорен тајминг. Ако Комисијата утврди кршење на Уставот и деловникот, предвремените избори веројатно ќе се случат во пакет со претседателските“, прогнозира Фрчкоски.

Како партиите ќе го толкуваат договорот пред нивното членство, е нивно легитимно право и ние не се мешаме во тоа, вели портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

„ДУИ ја поздравува одлуката за враќање на опозицијата во изборниот процес и во Собранието, но најважно од се‘ е враќањето на европскиот пат. Изразуваме голема благодарност до еврокомесарот Филе и европратениците, кои вложија максимални напори за да се постигне компромис. Нашиот единствен услов беше да не се поместува датумот за локални избори, бидејќи подготовките се направени и тоа ќе предизвикаше непотребни трошоци“, објаснува Османи.

Јакимовски ни ваму ни таму

Засега во недефинирана позиција останува Стевчо Јакимовски, кој преку Српска напредна странка на Македонија (СНСМ) се кандидираше за градоначалник на Карпош, по што беше исклучен од членство од СДСМ.

„Драго ми е што опозицијата ќе учествува на локални избори, а жал ми е што тоа решение не го донесе пред 15 дена. Политичкото искуство ми кажуваше што очекува меѓународната заедница од нас и што е добро за Македонија. Јас на 16 февруари донесов исправна одлука и се радувам што и СДСМ сега се приклучува на таа борба. Подготвен ги дочекав овие избори без разлика кој ќе ми биде противкандидат. Притоа не мислам на опозицијата, бидејќи јас сум кандидат на една од партите на опозицискиот фронт“, вели Јакимовски.

Стевчо ЈакимовскиФотографија: DW/P. Stojanovski

И лидерот на СНСМ, Драгиша Милетиќ, не знае од кого да очекува поддршка на изборите „неговиот кандидат“ Јакимовски.

„Не сум компетентен да одговарам на ова прашање. Јакимовски е кандидат на мојата партија, а таа и‘ припаѓа на опозицискиот фронт. И јас поднесов советнички листи во одредени општини, но не во сите, па за другите дополнително ќе разговарам со СДСМ. Сите изборни резултати од тие листи ќе одат на контото на опозицискиот фронт. Црвенковски направи одличен потег, го сврте вниманието на ЕУ кон проблемите и со овој договор влегува во битка против опасноста од инсталирање еднопартиски систем“, објаснува Милетиќ.

Во СДСМ деновиве ќе решат кој ќе биде нивниот градоначалнички кандидат за Карпош. Синоќа пред седиштето на СДСМ се собраа околу 1.500 членови и приврзаници на партијата за да ја поздрават одлуката за нејзино учество на локалните избори.

„Договорот, за кој гарант е ЕУ, покажа дека тогаш кога сме доследни и упорни, кога сме цврсти, кога сме заедно, кога сме сплотени, и што е најважно, кога правдата и вистината се на наша страна, се‘ може да се постигне. Веднаш по локалните избори почнуваат преговорите за предвремени парламентарни избори. Почитувани граѓани, ви благодарам на поддршката што ни ја дававте и што ни ја давате. Оваа битка ја почнавме заедно, оваа битка ќе ја продолжиме заедно, се‘ до крај, до конечната победа!“, изјави лидерот на СДСМ, пред почетокот на седницата на Централниот одбор на паријата.

Опозицијата уште денеска попладне се враќа во пратеничките клупи и ќе гласа за пролонгирање на рокот за доставување кандидатски листи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми