Изборот на Чеку нема да се одрази врз преговарачкиот процес за иднината на Косово
11 март 2006Собранието на Косово вчера го избра некогашниот командант на Ослободителната војска на Косово и досегашен командант на таканаречениот Косовски заштитен корпус Агим Чеку за шеф на владата. Српската влада, пак, го обвинува Чеку за кршење на човековите права за време на косовската војна и без успех се обиде да го спречи неговото номинирање за премиерската функција.
Изборот на некогашниот командант на ОВК испраќа јасен, но и непомирлив сигнал кон Белград: со тоа косовските Албанци од една страна го подвлекуваат легитимирањето на оружениот отпор, а од друга му даваат поткрепа на стремежот кон независност на регионот во сегашните преговори за статусот на покраината што е под управа на ОН. Сите албански политички партии на Косово недвосмислено стојат зад таа политика, но ликот на омилениот воен ветеран и’ дава посилна нагласка на нивната решеност и да ја остварат таа цел. Белград, напротив, во изборот на Чеку гледа провокација и тоа би можел да го земе како повод и самиот да следи побескомпромисна преговарачка стратегија.
Но, тоа не значи дека е неизбежен неуспех на преговорите. Позициите на двете страни ионака се толку противречни, што можеби меѓународното посредништво само ќе го утврди статусот, против волјата на едната или другата страна. Не може да се исклучи ни дека Србите од Косово ќе соработуваат во владата на Чеку. Веќе сега помалата српска Граѓанска листа го даде министерот за враќање на бегалците, додека поголемата Српска листа за Косово и Метохија нејзиното учество уште го условува со подобрување на животната ситуација на Србите.
Владината коалиција ја смени водечката фигура пред преговорите за статусот, но го задржува курсот. Чеку не го смени тимот на неговиот претходник Косуми: сите министри ги задржаа функциите, за прв пат се именувани министри за внатрешни работи и за правда, а министерот за локална самоуправата Лутфи Хазири стана заменик-премиер. Тој ја водеше првата рунда од преговорите во Виена за децентрализацијата. Позицијата сега му е засилена и секако ќе опстои врз досегашната стратегија во преговорите што треба да продолжат на 17-ти март во Виена.
Чеку внатрешно-политички би можел да форсира консолидација на институциите. Со паритетно екипирање на министерствата за внатрешни работи и за правда со претставници на двата големи коалициони партнера, парламентот сега постави свртници што овозможуваат реформи кон повеќе правна држава и безбедност.
Војникот Чеку, кој на почетокот на 90-тите години војуваше и во Хрватска за нејзина независност, сега како цивил треба да учи од таа земја и да се стреми за сите граѓани – Срби и Албанци, Роми, Турци и словенски муслимани, Косово да стане безбедна татковина во која ќе владее правото.