Избор на спикер или панаѓур на опструкции?
27 март 2017Kонститутивнатa седница на Собранието која беше прекината на 30 декември минатата година, денеска напладне ќе продолжи по застој од 87 дена. На дневен ред се две точки: избор на претседател и членови на Комисијата за избори и именувања, и избор на претседател на Собранието. Партиите минатата недела постигнаа договор Комисијата за избори и именувања да има шест членови од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и по еден член од ДУИ и „Беса“, а претседател да биде Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ очекуваат денеска да биде денот Д за деблокада на демократските процеси.
„Очекуваме сериозно и одговорно државничко однесување од страна на институциите, кои мора да ја почитуваат волјата на мнозинството граѓани и да овозможат избор на нов претседател и составување на новата Влада! Ова е единствениот начин земјата да се врати на патот на евроинтеграциите“, порачаа социјалдемократите.
Талат Џафери - еден од најсериозните кандидати!
Претседател на Собранието според Уставот и Деловникот се избира со мнозинство од 61 глас од пратениците. Од ДУИ веќе соопштија дека нивниот пратеник Талат Џафери ќе биде кандидат за претседател на Собранието и дека има поддршка од парламентарното мнозинство. Но, раководството на „Беса“ се изјасни дека нема да го поддржи Џафери и дека ќе предложи свој кандидат. Лидерот на СДСМ синоќа во интервју за ТВ „Канал 5“ изјави дека и неговата партија ќе има кандидати за спикерската функција, но потврди дека Талат Џафери е еден од посериозните претенденти за таа функција.
„Ние имаме свои кандидати, 'Беса' има кандидат, и господинот Талат Џафери е кандидат, секако, еден од посериозните. Зошто? Затоа што во работењето на парламентот поседува најголемо искуство во однос на другите кандидати, и верувам дека има одлични шанси тој да биде. Нам и на коалицијата ни е важно претседателот да биде капацитетен човек кој ја знае парламентарната демократија и кој има искуство. Имаме амбиции да го вратиме сјајот на парламентот, тој да биде коректор на власта, да има разбирање за идната опозиција, да го почитува нејзиното право, да прифаќа предлози од нив и да даде инклузивност во процесот, бидејќи демократијата значи и толеранција и разбирање“, рече Заев.
Процедурални лавиринти
Но, тонови на разбирање и толеранција не стигнуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Илија Димовски уште минатата недела најави дека единствена точка по која Собранието ќе одлучува денеска - е изборот на Комисијата за за избори и именувања.
„Потоа, според процедурата, треба да се свика седница на Комисијата за избори и и именувања, таму да се разгледаат еден, два, три, десет или сто предлози за претседател на Собранието, и утврдениот предлог од Комисијата да се достави до претседавачот на конститутивната седница. Тогаш тој ќе може да свика седница за избор на претседател на Собранието“, изјави Димовски.
Процедурата за избор на Комисија, а потоа и на нов претседател на парламентот, во досегашната собраниска практика не траела повеќе од три до четири часа. Но, ваквите изјави навестуваат дека постапката овојпат може да биде соочена со обиди за нејзино одолговлекување, преку разни процедурални алатки. Имајќи ја предвид можноста од опструкции, заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, рече дека поради однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ може да бидат принудени да го напуштат принципот на претходен компромис и договор за претседател на Комисијата.
„Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ така се поставува, и ние како парламентарно мнозинство така ќе се поставиме во иднина. Утре парламентарното мнозинство може ќе одлучи дека некои комисии ќе имаат и нов состав. Можеби ќе се случи Илија Димовски да го следи примерот на Оливер Андонов, кој беше министер за внатрешни работи со најкус мандат. Може Димовски сака да му се приближи со рекорд“, изјави Шекеринска.
Кој ја федерализира Македонија?
Еден ден пред продолжувањето на пленарната седница на парламентот, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ сака по секоја цена да формира власт и да ја спроведува платформата од Тирана, а со нејзина реализација Заев го прави првиот чекор кон федерализација на Македонија. Партијата на Груевски бара нови избори или нуди поддршка до СДСМ за формирање малцинска влада, под услов Заев да ја отфрли декларацијата на албанските партии.
„Токму таквиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ води кон федерализација“, изјави Зијадин Села од Алијанса за Албанците.
„Предлогот на Никола Груевски кон СДСМ, да се направи малцинска влада поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, со што заедно би имале 100 пратеници, ќе значи федерализација на Македонија. Што тоа ќе им значи на Албанците да учествуваат на избори и во Собранието, кога владата ќе биде составена само од Македонци“, рече Села.
Вчера на Фејсбук се огласи и Никола Груевски, со став дека „Влада која ќе ја спроведува Тиранската платформа направена и оформена во друга држава, не може да биде реформска, туку е антидржавна“.
„Недозволиво е да не се праша народот за најклучните прашања во оваа држава поврзани со нејзините суштински обележја, и да се носат одлуки кои се предмет на неколкумина кои прават меѓупартиски договор, а не се базирани на изборна програма одобрена од граѓаните на избори. Тоа се вика изборна измама (...) Единствениот реален и логичен излез од целокупната политичка криза се брзи избори. Тоа ќе биде референдум на граѓаните за иднината на државата. Тие нема да се никаков нов трошок или губење време, бидејќи и онака треба веднаш да се одржат редовните локални избори“, порача Груевски.
Дипломатски извори упатени во разговорите за излез од кризата, минатата недела за ДВ изразија разочарување што процесите во Собранието останаа беа неопходната динамика и не завршија со избор на претседател до крајот на неделата. Велат дека со внимание ќе го следат натамошниот процес, бидејќи во овој момент е важно точно да се идентификува кои партии пред себе го имаат интересот на државата и нејзината демократска парспектива, а кои - најтесните партиски интереси.