1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Известувањето за тероризмот создава тероризам?

Јулија Вергин
18 септември 2017

Една нова студија покажува: колку повеќе известуваме за тероризмот, се случуваат повеќе терористички напади. Што се крие зад тоа? Рационално планирање на терористичките организации или психолошки феномен- Вертеров ефект?

Deutschland Tageszeitungen zu Anschlägen in Paris
Фотографија: DW/K. Symeonidis

Резултатите од студијата се повеќе од јасни: ние новинарите имаме моќ со своето известување да одлучуваме за човечките животи. Поточно, нашите извештаи можат да убијат. И тоа кога се известува за терористички напади, со слики од жртви и сторители, шпекулации за мотивите и позадината на нападот, емотивен избор на зборови, а најдобро е ако е сето тоа на насловната страница или во жив телевизиски пренос.

Мајкл Џетер, експерт за медиуми од Универзитетот на западна Австралија во Перт, со години ги истражува симбиотичките врски на медиумите и тероризмот. За својата неодамна објавена студија анализирал 61 илјада терористички напади од 1970 до 2012 година во преку 200 земји и ги поставил во врска со обемот на известување во американскиот Њујорк Тајмс. Резултатите од истражувањето ја поткрепиле хипотезата дека бројот на терористички напади е во корелација со интензивните медиумски текстови.

Секој дополнителен извештај за терористички напад го зголемува бројот на напади во следната за 1,4. Дали е тоа навистина така? Џетер направил тест: „Во деновите кога се известува за ураган, а не за Ал Каеда, следната недела има помалку напади“, вели тој. Една можна причина е едноставна психологија.

Да се умре како Гетеовиот „Вертер“

Тоа би можел да биде т. н. Вертеров ефект кој води од еден во друг напад. Социологот Дејвид Филипс овој поим го вовел во 1970 година инспириран од романот на Гете „Страдањата на младиот Вертер“. Главниот протагонист си го одзема животот поради неостварена љубов и уште тогаш, во 18. век, многумина го следат неговиот пример. „Под Вертеров ефект се мисли на феноменот во кој бројот на самоубиства меѓу населението фрапантно расте доколку во медиумите проминентно и сензационалистички се известува за самоубиства“, вели Бенедикт Тил, психолог од Медицинскиот факултет во Виена.

Тоа особено важи кога самоубиството детално се опишува. Или мотивите на самиот чин (самоубиство поради развод или долгови) кои стануваат предмет на најлоши шпекулации. „Сето тоа има голем потенцијал за идентификација“, вели научникот Тил кој ги истражува самоубиствата. Дури и фотографии најблиските кои жалат за оној кој извршил самоубиство можат да поттикнат одредени „имитатори“.

Секако дека сензационалистички текст нема да ги натера луѓето кои не се во криза да извршат самоубиство. Но, за некој кој размислува да се убие и кој е веќе во „суицидален развоен процес“, медиумските текстови би можеле да бидат капката која ја прелива чашата.

Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Hooper

Новинарскиот кодекс сугерира „воздржаност“ при известување за самоубиства, но таква директива не постои кога станува збор за терористички напади. А последиците се фатални.

Што треба да пишуваме?

„Веќе постојат први истражувања кои укажуваат дека терористичките напади се имитираат. Кога во медиумите интензивно се известува за терористички напади или крвопролевања тоа доведува до други напади“, вели Тил. Медиумските извештаи би можеле да бидат капката која ја прелева чашата кај веќе радикализираните личности или кај оние кои до тој момент биле амбивалентни. Во САД веќе постои нацрт кодекс за новинари кои известуваат за масовни убиства.

Но, не е битно само како се известува за терористичките напади, туку и колку. Тоа е многу јасно во студијата на Мајкл Џетерс. „Ние мораме квантитативно помалку да ивестуваме, тогаш ќе гледаме и помалку напади“, вели експертот. Тоа значи не само помалку фотографии, помалку воведници, помалку емоционални зборови, туку и генерално помалку текстови, вели тој.

Џетер има уште една теорија поради која повеќе текстови водат кон повеќе напади. „Тука би можело да се работи за целосно рационален план на терористичките организации кои го користат моментот на големо медиумско внимание и поради тоа едноставно вршат уште неколку напади“.

Без разлика дали е во прашање Вертеровиот ефект или рационално планирање, секој текст на терористите им ја дава бината која ја посакуваат. И новинарите помагаат во тоа да се шири стравот и да се регрутираат идни атентатори. Со тоа, споделуваме дел од вината за нови напади во кои умираат луѓе.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми