1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извршителите хараат, граѓаните бараат спас!

Костадин Делимитов
7 ноември 2019

Законските измени не го средија хаосот со извршителите. Револтот кулминира со нови барања и протестни собири. За дел од експертите, оправдани.

Symbolbild Kredithai
Фотографија: picture alliance/dpa Themendienst/C. Seidel

Не стивнува револтот од работата на извршителите. Неполна година откако стапија во сила законските измени се` уште има сериозен проблем кај редица граѓани кои мака мачат да излезат од должничкиот вител. Последните податоци за 107.000 блокирани сметки, од кои над 80.000 се на физички лица се сериозен аларм. Со законските измени, се укинаа повеќе трошоци и се намалија наградите за извршителите, а за постарите предмети се укина и каматата. Сепак, ова според упатените воопшто не вовело ред, а ниту праведност како што ветувала власта: 

„ Новиот закон ги решава само новите долгови, намален е тарифникот, но проблемот е да се укине каматата и тоа да важи  ретроактивно и за долговите од 2011 година па наваму. Ако сака државата тоа може да го направи многу лесно со сите јавни претпријатија, да се избрише каматата и да се види што е главен долг. Тоа е барем лесно да се направи, бидејќи има илјадници апсурдни случаи за огромни суми за минорни долгови“, предупредува Маријан Ристевски, граѓански активист од организацијата „Стоп за извршителите“. 

Отпис за постарите долгови

Граѓанските организации бараат од Владата запирање на присилна наплата, ревизија на работата на извршители, нотари и доверители, враќање на работата на извршителите во судовите, како и утврдување на реален и нереален долг. Во знак на револт  в сабота, 09.11. ќе излезат на протест во центарот на Скопје од каде ќе упатат предупредувачка порака дека работите мора да се променат:

„Она што дополнително бараме е да се отпишат во целост и старите долгови кои во најголем дел се активирани откако со години биле чувани во фиоки по судовите и не биле процесуирани. Бараме и извршителите повеќе да не бидат приватни, туку да се вратат да работат во судовите. Нека работат за плата, а парите кои ги собираат ќе одат во буџетот. Така е во Германија, но и во многу други земји “, реагира Ристевски.

Фотографија: picture-alliance /K. Ohlenschläger

Граѓанските организации одамна имаат поднесено и предлог закон за отпис на постарите долгови. Но тој е заглавен во парламентот. Власта го поддржала, но само декларативно:

„Одржавме многу средби со премиерот, министерката за правда, а деновиве бевме и кај претседателот Пендаровски. Кај сите нив има волја и не поддржуваат, но еве нема ништо. А тоа им беше предизборно ветување дека ќе го решат. Очигледно е дека се во игра големи пари и интереси. Но крајно време е веќе да се стави крај на ова“, предупредува Ристевски. 

Заспано судство

Граѓаните реагираат, надлежните пак тактизираат. „Дојче веле" праша во институциите до каде е постапката и како се гледа на барањата но одговори не доби. Експертската јавност пак смета дека постои простор за законски корекции. За дел од нив барањата се издржани но се сомневаа дека се и лесно остварливи: 

„Барањата се апсолутно реални и издржани, а во крајна инстанца и неопходни во една  ваква долготрајна и се` уште високо актуелна состојба на хибернација на судско-обвинителскиот систем во нашата земја, кој, западнат во длабок зимски сон е ’најзаслужен’  за исходот и заклучоците од извештајот на германскиот експерт Рајнхард Прибе. Од друга страна, конкретните предлози и можни решенија околу извршувањето, мислам дека не се лесно и брзо остварливи, со оглед на ригидноста и фрагилноста на нашиот воспоставен општествено-политички систем и недостатокот од вистинска политичка волја за суштински реформи“ коментира економскиот експерт Александар Попоски.

Извршителите наплаќаат стотици милиони евра

01:05

This browser does not support the video element.

Извршителите да се вратат во судовите

Во однос на прашањето за организацијата и работата на извршителите како приватни ентитети или како државни службеници кои би биле дел од судскиот систем, Попоски објаснува дека во светот постојат различни решенија, а секоја земја го применува оној модел за кој смета дека најмногу и` одговара, се разбира, по целосна анализа на можното решение. Конкретно за состојбите кај нас, тој не гледа ништо спорно во барањето тие да се вратат во рамки на судовите, туку напротив: 

„Во овој момент, при вакви општествено-политички прилики, со ваков етички однос, ваква институционална култура и кодекс на однесување, сметам дека извршителите треба да се вратат во судовите, притоа, сегашните големи извршителски приходи/награди би се слевале во буџетот на државата, наместо овие крајно чувствителни процеси да се реализираат со нивни автохтони тарифници, кои денес наидуваат на големи и сериозни забелешки од страна на граѓанските организации.

Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Steffen

Токму поради овие недостатоци на приватната извршителска дејност, комбинирани со слабата правосудна и институционална рамка ги доведе извршителите во ситуација да ја сфатат својата позиција како шанса за брзо лично богатење, неводејќи сметка дали нечии права се погазени или целосно одземени, направија клановска мрежа во спрега со судската власт, со доверителите и обвинителите, а од друга страна, граѓаните да немаат лесно достапна правда и по долготрајно незадоволство и нивно евентуално излегување на протести. Или, во рамките на ваквата извршителска организација, под итно министерството за правда од каде што се делегирани извршителите, да најде законско решение за поширока и поригорозна контрола на работата на извршителите, притоа да не се избегнува одговорност и вината да не се пренесува на други институции“, смета Попоски.

Ветеното да се исполни

Според него, Владата треба да работи уште многу во овој домен за конечно да се воспостави силна правно-институционална рамка, но и уште еднаш да се направи суштинска измена на законот на извршување со целосна реализација на ветувањата на естаблишментот но и барањата на граѓанските организации:

„Сепак најважно- и за извршувањето и за целокупното општество, без воспоставување на правна држава и без владеење на правото, неправилностите при извршувањата може да продолжат, а проблемите и незаконитостите да останат нерешени и несанкционирани. За жал, можеме да констатираме дека извршителите, судската власт, обвинителството и доверителите, се во една дубиозна спрега од која, на среден и долг рок, државата може само да трпи штета. Мислам дека доколку ефикасно функционира судската власт и обвинителството кои соодветно ќе ги санкционираат незаконитостите на извршителите, граѓаните и граѓанските организации воопшто немаше да имаат потреба да се жалат и да организираат штрајкови против извршителите. Едноставно, проблемите ќе беа решени на суд. Правичен суд. По мерката на Прибе“, коментира Попоски.

Повеќе: 

Маѓепсан должнички круг - стотици илјади граѓани со блокирани сметки

Извршителите над законот - ќе им застане ли некој на патот?

Иако пред речиси две години влегоа на сила променетите правила за извршителите, сепак тоа влијаеше значително малку во однос на намалување на бројот на блокирани трансакциски сметки. Лани беа донесени измени на законот со кои се намалија трошоците во постапките пред нотарите и извршителите и тоа за најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити.

Во постапките пред нотарите овие граѓани се ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност, а нотарската награда е 10% од главниот долг, но не повеќе од 500 денари. И пред две години имаше релаксирање на работата на извршителите.

Вносен бизнис

За работата на извршителите и нејзиниот обем доволно покажува статистиката. За 13 години постоење од граѓаните и фирмите тие наплатиле 1 милијарда и 250 милиони евра. Нивниот бизнис растеше со годините. Па така во првата година, 2006, наплатата изнесувала 20 милиони евра, за лани да достигне 127 милиони евра. Најдоходовна била 2017 кога од граѓаните и фирмите биле наплатени 166 милиони евра. Колку од овие пари се долг, а колку камати и административни трошоци, тешко е да се дојде до официјален податок.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми