1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Изгорени до непрепознатливост

23 ноември 2021

Таков ужас досега не сум видел, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Рашков. Точниот број на жртвите ќе се утврди по идентификацијата. Македонскиот премиер Заев отпатува во Бугарија.

Bulgarien | Busunfall
Фотографија: BGNES

Јагленисани тела на над 40 лица кои патувале во македонски автобус, и седум преживеани, е епилогот на страотната сообраќајна незгода по која автобусот рано утрово се запалил на бугарската магистрала „Струма“, во реонот на селото Боснек. Според неофицијални информации загинале 45 или 46 патници од вкупно 52, но точната бројка допрва ќе се утврдува.

 

Според податоци што македонските власти ги добиле од надлежни институции во Бугарија, автобусот, припаѓал на автобускиот превозник „Беса транс“. Според неофицијални информации, во него имало и македонски и албански државјани.

Според Бгнес, меѓу загинатите имало 12 малолетници, меѓу кои и две близначиња. Во несреќата загинал и возачот. Преживеале 7 лица - 2 жени и 5 мажи, чија здравстена состојба се смета за стабилна и се сместени во болницата „Пирогов“.

Според неофицијални информации, патниците се враќале од Истанбул. Автобусот синоќа по 21 часот влегол во Бугарија преку граничниот премин Капитан Андреево, (на бугарско-турската граница), а сообраќајна незгода се случила утрово околу 3 часот на магистралата „Струма“ во насока Софија - Благоевград.

„Ова е човечка трагедија непозната по нејзините размери", изјави утрово заменикот главен обвинител, Борислав Сарафов.

Според него телата биле изгорени до непрепознатливост. На местото на трагедијата веднаш отпатувал тим од лекари по судска медицина. Првичните информации се дека меѓу настраданите немало бугарски државјани и се претпоставува дека се македонски државјани. За несреќата има две верзии: грешка на возачот, или ненадеен технички дефект.

Фотографија: BGNES

Преживеани седум лица

Седумте лица што ја преживеале несреќата, се во стабилна здравствен состојба.

„Во болницата „Пирогов“ се сместени седум лица, со изгореници на лицето и проблеми во горните дишни патишта. Двајца имаат и изгореници на рацете, а другите рани од посекотини“, изјавила проф. Маја Аргирова, началник на Клиниката за изгореници во „Пирогов".

Седмата жртва имала скршеница на надколеницата и била сместена на одделот за трауматологија. Според медиумите, најмладиот хоспитализиран патник имал 15 години.

„Луѓето се во тешка траума, изгубиле роднини, деца. Скокнале од прозорците на автобусот, па оттука им се повредите“, рекла Аргирова. Тие биле донесени во болница по 3 часот утрово.

По трагедијата на местото на несреќата пристигна премиерот на службената влада, Стефан Јанев, придружуван од повеќе соработници.

„Ова е една трагедија што многу не потресе", изјави Јанев, кој изрази сочувство до семејствата на загинатите и најави темелна истрага, со надеж дека ќе се извлечат поуки од овој случај.

„Сликата е ужасна, такво нешто не сум видел. Никој не може да каже колку се на број, ниту кои се, допрва треба да се идентификуваат“, изјави министерот за внатрешни работи", Бојко Рашков.

Според него, во моментов не се знае точната бројката на патници во автобусот, бидејќи наводно во конвој возеле четири автобуси, застанувале на постојки за одмор на патниците, и се смета дека можеби имало и префрлување на патници од еден во друг автобус.

Фотографија: Stoyan Nenov/REUTERS

Тешка делница

Првично се сметало дека во автобусот имало 52 патника. 

„На 31-иот километар од магистралата се случи сообраќајна незгода со автобус во кој патувале 52 лица, при што како последица избувнал пожар. Загинаа 45 лица“, изјавил веднаш по несреќата началникот на Противпожарната служба, Николај Николов.

Утрово на терен сѐ уште траат увидните и истражни дејства.

„Причините за несреќата може да се многу, може возачот да заспал,а може да има и друга причина. Од вчера врне, а оваа делница е една од најтешките во нашата земја. Има голем наклон, огромна денивелација", изјавил градоначалникот на Перник, Станислав Владимиров, на местото на несреќата.

Според бугарски експерти за патишта и сообраќај, оваа делница се смета за тешка. Цело лето таму се поправале дупки, често имало брзо возење и голем број сообраќајни несреќи.

Премиерот Зоран Заев рано утрово замина во Бугарија. За несреќата рано утрово бил информиран од бугарскиот претседател Румен Радев и од премиерот Стефан Јанев. Со него патуват и членови на неговиот кабинет, а кон истата дестинација се упатија и домашни надлежни екипи.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми