1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Излегување на Косово од националната еуфорија

Ивица Петровиќ/сн5 август 2015

Под силен западен притисок Приштина го отвори патот кон формирање на суд за воените злосторства на ОВК. Дали е тоа чекор кон изградба на правна држава и почеток на помирувањето меѓу Косово и Србија?

Фотографија: DW/R. Breuer

Изгласаните уставни промени, кои го отворија патот за формирање на Специјален суд за злосторствата на УЧК на Косово, наидуваат на претпазливи реакции во Белград. Директорот на канцеларијата за Косово во владата на Србија Марко Ѓуриќ изјави дека тоа е само прв чекор кон формирање на тој суд, и оти најголем дел од работата допрва претстои. Србија не може да биде задоволна додека оние кои извршија злосторствата не бидат казнети, рече Ѓуриќ. Потпретседателот на владата и министер за трговија Расим Љајиќ смета дека усвојувањето на уставните амандмани за формирање специјален суд за воените злосторства на УЧК претставува важен чекор кон процесот на помирување, кој нема да се случи доколку сите не се соочат со злосторствата кои се направени на територијата на поранешна Југославија. Во Белград истотака се пренесуваат проценките оти првите обвиненија ќе бидат подигнати на почетокот на наредната година и дека на обвинителната клупа меѓу останатите ќе се најдат и поранешниот премиер на Косово Агим Чеку, сегашниот заменик премиер на Косово Хашим Тачи, како и актуелниот претседател на косовскиот парламент Кадри Весељи.

Излегување од националната еуфорија

Тука се повторува историјата, истакнува за ДВ, надворешно-политичкиот коментатор Бошко Јакшиќ. „Како што се противеше Србија на формирање на трибуналот кој би се занимавал со злосторства кои ги сториле Србите, бидејќи го толкуваа како антисрпски суд, на ист начин и во Приштина се одбиваше идејата за специјален суд. Ние можеме да мислиме за тие трибунали што сакаме, но нивната улога во регионалното помирување е важна, смета Јакшиќ. Бидејќи, соочувањето со вистината е предуслов за нормализирање на односите па макар тоа било и наметнато од седиштето на ЕУ. Мислам дека формирањето на тој суд ќе доведе до поцврста соработка меѓу Белград и Приштина, оти ќе придонесе за релаксирање на тензиите во меѓусебните односи и дека ќе биде од полза за косовските Албанци, од кои се очекува да излезат од периодот на национална еуфорија отворена со прашањето за независност пред 7 години, и оти поефикасно ќе ја градат сопствената правна држава.“

Строго контролирани процеси

Прашањето за специјален суд траеше предолго, оценува за ДВ Душан Пророковиќ, извршен директор на Центарот за стратешки алтернативи и очигледно е дека патот за формирање на судот е отворен под голем притисок од страна на САД и донекаде на ЕУ. „Поради тоа и судбината на тој суд и сите процеси кои ќе се водат таму се во рацете на Запад, а не кај косовските Албанци. Мислам дека поради тоа ќе има многу селективна правда, оти процесите ќе бидат строго контролирани и дека ќе бидат насочени кон поединци кои немале премногу контакт со западните служби и политичари за време на војната. Тоа ќе бидат некои припадници од среден ранг на т.н. УЧК и затоа мислам оти не станува збор за тоа дека пред тој суд ќе бидат процесуирани Хашим Тачи или Рамуш Харадинај.“

Душан Пророковиќ смета дека Западот извршил притисок да се формира судот, бидејќи, по процесот кој во Парламентарното собрание на Советот на Европа го водеше Дик Марти, стана невозможно да се сокрие целиот доказен материјал кој исплива на површина. „Едноставно, Западот на тоа мораше да реагира поради фактот дека низ логорите на смрт во северна Албанија и на Косово поминале не само државјани на Србија туку и странски државјани. Некаков одговор мораше да следи. За западните земји ќе беше многу непријатно ако посебниот суд беше формиран од страна на Советот за безбедност на ОН, бидејќи тој ќе беше под надзор и на Русија, Кина и некои други земји, а на овој начин тоа е избегнато.“

Поинаков од Хашкиот трибунал?

Искуството од Хашкиот трибунал покажува дека процесите во кои Албанците се обвинети за воени злосторства главно се завршувани соослободување на обвинетите, и оти беа проследени со застрашувања и ликвидирања на сведоци. Сега се поставува прашањето што би било поинаку на овој специјален суд од она што се случуваше во Хашкиот трибинал. Бошко Јакшиќ наведува дека многу работи можеби и нема да бидат поинакви. „Но, многубројните негативни искуства кои се случуваа во Хаг можат да му бидат само од полза на овој нов суд. Точно е оти и овој суд има една политичка димензија, како и сите претходни, но треба да се тргне од мотивот зошто тој се формира. Мотивот е да се расчистат разни работи, од нормализирање на односите, преку внатрешните работи на Косово, па се’ до воспоставување на правна држава и демократија и создавање функционална држава. Со тоа ќе се олесни не само процесот на евроатлански интеграции на Косово, туку и на целиот регион.“

Борци на ОВК во 1999 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Мал придонес за помирувањето

Помирувањето во регионот, кое станува заедничка точка во реакциите по повод овој но и слични настани, би требало да биде еден од резултатите на овој суд. Душан Прооковиќ смета дека новиот суд ќе придонесе за помирувањето онолку колку што придонесе и Хашкиот трибунал. „Мислам дека е тоа е оридинарна глупост со која се залажува нашата јавност. процесот на помирување може да тече онака како што течеше во Јужноафриканската Република, значи, како изворен процес кој ќе го покрене народот и институциите кои го претставуваат. Сѐ што се работи под странски притисок, како што се покажа во последниве 15 години, не само што не може да придонесе кон помирување туку и може да создаде многу повеќе проблеми отколку што веќе има“.

Бошко Јакшиќ истотака смета дека формирањето на специјалниот суд за злосторствата на ОВК нема спектакуларно да придонесе за помирувањето во регионот. Можно е дури а дојде до пуштање на слобода на некои челници на ОВК, ако воопшто бидат повторно процесуирани пред тој суд. Но, несомнено во одредени ситуации сепак ќе дојде до изрекување на казни, а секакво изрекување на казна е некакво колкаво-толкаво приближување кон правдата и вистината. Тоа се можеби некои мали чекори, ама во овој регион дури и малите чекори мора да бидат поздравени“, вели Јакшиќ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми