1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Излезот на Грција од еврозоната и последиците

Петер Хиле/ Ж. Ацеска7 јануари 2015

Дали е Грција преслаба за еврото? Повторно се разгоре дебатата за излез на Атина од еврозоната, а Берлин долева масло во огнот. Но, ваквото сценарио би имало тешки последици по Германија.

Фотографија: picture-alliance/dpa/Panagiotou

Ако Грција се прости од еврозоната, би можел да избувне брзоширечки пожар, да дојде до распад на еврозоната, а Германија во рок од осум години би загубила над 130 милијарди евра. Ова го предвидуваше студија на фондацијата Бертелсман во 2012 година.

Денес, излезот на Грција од еврозоната, барем според канцеларката Ангела Меркел, веќе не е табу. „Шпигел“ на викендот објави дека Меркел и министерот за финансии, Волфганг Шојбле, се убедени-излезот на земјата од еврозоната која должи над 320 милијарди евра, е - поднеслив.

Многу, многу скапо, но не и за банките

А стравичното сценарио кое го предвидуваа експертите? Од студијата во 2012 година, некои работи се променија, истакнува Јоахим Фриц-Фаннаме од фондацијата Бертелсман.

„Политиката и Европската централна банка се обидоа да направат се‘ што може да се замисли за да подигнат што повисоки бедеми за јакнење на еврото. Но, сепак, катастрофа не се исклучува целосно.“

Имено, тешко предвидливо е како би реагирале пазарите на капитал на банкрот на Грција. Во секој случај, државен банкрот, најверојатната причина или последица на излез на Грција од еврозоната, нема да има катастрофални последици само по Грците. Ќе бидат погодени и германските банки. Навистина, побарувањата на германските банки кон грчките должници во меѓувреме се силно намалени, тврди Сојузот на германксите банки. Грчката држава, претпријатијата и граѓаните на германските банки им должат околу 24 милијарди евра. Претежен дел од оваа сума отпаѓа на државната банка за поддршка и обнова, КфВ.

Пари во пламен

„Грчкото напуштање на еврозоната нема посебно да ги уплаши германските банки. Но, последиците за германските даночни обврзници ќе бидат повисоки отколку предвидените во 2012 година. Зашто, зголемени се државните гаранции. За граѓаните-даночни обврзници, тоа може да биде многу, многу скапо,“ истакнува Јоахим Фриц-Фаннаме.

Германската држава моментно гарантира за кредитите дадени на Грција во висина од 50 милијарди евра.

„Овие пари, кои се во опасност од ’пожар’, на краткорочен план нема воопшто веќе да ги видиме, во најдобар случај, можеби долгорочно“, вели Томас Штраубхаар, професор по меѓународни економски односи на универзитетот во Хамбург. Грција, вака или онака, нема да може да ги отплати своите долгови, сеедно дали ќе остане или ќе ја напушти еврозоната. „Трошоците за Германија се исто така гигантски“.

Каде уште гори?

А опасноста од ширење на пожарот? Таа одамна не е толку голема како во 2012 година, кога се шпекулираше за излез од еврозоната и на Шпанија, Португалија и Италија, велат експертите. Ако Грција вистински ја напушти еврозоната, не се очекуваат речиси никакви влијанија врз другите европски земји, вели на пример Михаел Шредер од Центарот за европски економски истражувања во интервју за Дојчландфунк.

Но, не е целосно исклучено истапувањето на Грција од еврозоната да има опасен ефект за други послаби евро-држави, вели Јоахим Фриц-Фаннаме од фондацијата Бертелсман. Затоа, тој предупредува од наново заживување на дебатата за грчко откажување од еврото.

„Во спротивно, повторно ќе стоиме пред истите аргументи како во 2012 година: претпазливост-домино ефект и последователно рецесионо дејство врз целокупната светска економија.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми