1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Излезот од кризата е во концентрациона влада

Катерина Блажевска13 јули 2016

Во таа влада треба да бидат личности прифатени од четирите партии, но ниту еден од „четворката“, за да не се пренесе атмосферата на меѓупартиски судири, вели екс-претседателот на Собранието, Стојан Андов.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Тој е еден од најискусните политичари на македонската сцена - од значајни политички функции во поранешната СФРЈ, амбасадор, до претседател на првото повеќепартиско Собрание на независна Македонија. Во интервју за Дојче веле, Стојан Андов (80) зборува за актуелната политичка криза, како и за можностите за излез од најдолгата агонија на државата од нејзината независност.

ДВ: Либералната партија, чиј почесен претседател сте денес, во повеќе наврати понуди автентични предлози за излез од кризата, различни од хорските пеења на левицата и десницата. Колку таа различност е предност, а колку хендикеп во оваа поларизирана реалност?

Андов: Точно е дека Либералната партија има свои автентични понуди за излез од кризата, различни - како што велите. По основното прашање, отфрлање на режимот на Груевски, меѓу ставовите на ЛП и левицата нема разлики. Разликите, и тоа доста битни, се јавуваат кога е во прашање тактиката што треба да се примени во процесот на разрешување на кризата. Раководството на ЛП сметаше дека за успешно спроведување на Пржинскиот договор беше нужно од почеток да се тргне со прецизен план, а тоа за жал не го прифати и не го стори најголемата опозициска партија СДСМ. Ставовите и тактиката што требаше да се применат ЛП ги изложи во октомври 2014 година. Во тоа видување речиси во целина беа предвидени договорите од Пржино, но и потребната тактика како да се спроведат. За жал СДСМ ги игнорираше предлозите на ЛП. Ниту ги одби, ниту ги прифати, ниту пак на некој начин се осврна на нив. Да ви одговорам директно на прашањето. Различноста на предлозите на ЛП се предност и за неа и за сите оние кои навистина сакаат што побрзо да се разреши политичката криза во Македонија, а хендикеп е што лидерите на четирите потписнички на Пржинскот договор сосем го затворија кругот на дејствување и не ги интересира ништо што кажува или предлага некој надвор од тој круг. Тоа навистина е голем хендикеп на пржинскиот процес.

Грешките на опозицијата почнаа уште со инцидентот во Парламентот во 2012 година, тврди АндовФотографија: MAKFAX

ДВ: Од „црниот понеделник“ во 2012 година до денес, политичката криза се манифесираше и како правна, и институционална, и морална, а на пат е да се претвори и во економска. Претесен ли е Договорот од Пржино за санирање на сите овие аспекти, или проблемот е што во неговото спроведување потфрлија и домашните субјекти и странски посредници?

Андов: Сериозните потфрлања на опозицијата се јавија уште по настаните од 24 декември 2012 година. Тогашното раководство на СДСМ не застана цврсто, како безусловно барање, некој државен функционер да понесе одговорност, да биде казнет. По тоа прашање не требаше да се прифаќаат разговори со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи вината на Трајко Вељаноски беше евидентна: пред негови очи ги исфрлија новинарите од Собранието и опозициските пратеници од пленарната сала, а тој не презеде ништо. Ниту еден друг аргумент веќе не беше потребен опозицијата да застане на изјавата дека пратениците ќе учествуваат во работата на Парламентот дури по разрешувањето на тогашниот претседател на Собранието. Со тоа што СДСМ не постапи така, фактички го прифати принципот на неодговорност и неказнивост на функционерите од власта. Втора грешка беше што СДСМ тогаш како свое прво барање за да се вратат пратениците во Собранието - го постави распишувањето на предвремени парламентарни избори. Дополнителна грешка беше што тоа барање го услови со свое неучество на редовните локални избори, а потоа отстапи од тој став. За странските пријатели кои сакаа да ни помогнат, беше јасно дека во тие услови опозицијата нема ни јасно согледување на состојбите, ниту јасен план за непосредната иднина. Договорот од Пржино можеше да биде нешто појасен, но и таков каков што е можеше подобро да се искористи. Главна теза на Пржинскиот договор е ставот дека треба да се прекине мандатот на постојните пратеници со предвремени избори, бидејќи е очигледен фактот дека тие избори не беа кредибилни, а тековниот пратенички мандат е нелегитимен. Таквото значење на нужноста од предвремени избори беше потврдена и со ставот дека земјата треба да мине низ транзициски период, што значи целосна промена на начинот на владеење. Таквата суштина на Пржинскиот договор Груевски ја прифати и го потпиша Договорот. Но, во текот на преговорите за тоа како да се спроведе договорот, СДСМ немаше јасен план. Тоа особено се виде кога наместо СДСМ да предложи акциска програма за спроведување на наодите од Извештајот на Прибе, прифати четирите партии да водат разговори по тоа прашање врз основа на програма што ја подготвила Владата. Тие неколку грешки го доведоа СДСМ во тешка положба бидејќи процесот не одеше, а договорените избори, по предлог на СДСМ закажани за 24-ти април, можеа многу да ја продлабочат кризата. Се задржувам само на најважните прашања, а за посочените грешки воопшто не носат вина странските претставници. Тие можеби згрешија што заедно со предлогот за основање на СЈО не предложија и создавање некој вид на специјално судско одделение кој ќе суди по обвиненијата на СЈО, а тогаш таквиот предлог никој не го барал од странците.

ДВ: Се покажа дека заминувањето на Груевски од премиерската функција не е доволно за деконтаминирање на системот од метастазите на партизација и узурпација на институциите. Како да се спроведат суштински промени во мандат на истата политичка влада, која без оглед што остана без некои клучни министри, се уште држи темпо со старите практики и со симулирање реформи исклучиво на хартија?

Андов: Ако опозицијата се држеше директно до оценката дека е потребен транзициски период за отстранување на последиците од владеењето врз основа на некредибилни избори, тогаш не смееше да се прифати решение со кое Груевски заминува од функцијата, не затоа што на неа дошол на некредибилни избори и што владеел неодговорно, туку се измисли дека правиме нов систем на владеење што ќе важи од распишувањето до одржувањето на парламентарните избори, не само за овие туку и за сите други. Со прифаќањето на таа теза, опозицијата прифати заминувањето на Груевски од функцијата премиер да не биде казна, туку спогодба за некое ново системско решение. Затоа тој неначнат по заминувањето од премиерската функција, суштински ја вршеше таа функција, а изгледа ја врши и сега. Само се залажуваме дека е можно да дојде до суштински промени во земјата, ако не се покаже дека во практиката се враќа принципот на правда, пред се со напуштање на принципот на неказнивост на луѓето од власта. За таа цел треба да се обезбеди со активност од сите домашни политички фактори и со помош од меѓународната заедница СЈО непречено да си ја врши својата должност, а истовремено да се најде форма за специјален суд во рамките на постоечкиот систем, кој ќе одлучува по предметите на СЈО. Откако ќе почне да функционира таквиот спој, може да се очекува промена на политичката состојба во земјата. Откако ќе профункционира таквото правосудно решение, како што предлагаше ЛП во октомври 2014 година, треба да се формира концентрациона влада во која ќе бидат избрани личности кои ќе бидат прифатени од четирите партии, но во таа влада да не учествува ниту еден од раководните структури на спомнатите партии, за да не се пренесе во владата сегашната приземна атмосфера на меѓупартиски судири.

Тешко до излез без странска помошФотографија: MIA

ДВ: Со оглед дека домашните лидери не покажаа волја за дијалог за излез од кризата, дали единствено меѓународните инструменти за притисок (санкции) може да станат генератор за почеток на промени и каков ефект би предизвикале тие во сегашниот степен на масивна владејачка контрола врз општеството?

Андов: За жал, веќе стана неопходно посилно ангажирање на странскиот фактор во разрешувањето на кризата. Неспособноста на домашните политичари се покажа во тоа што Груевски и груевизмот за суштина на кризата го сметаат постоењето на опозиција во земјата. Според нив, ако нема опозиција нема криза. За жал, во слабеењето на способноста домашниот фактор да ја реши кризата донекаде учествува и СДСМ, каде уште не можат да се соберат сили со чие делување ќе се оневозможат слабостите во редовите на опозицијата, за кои веќе овде зборував. Напротив, од редовите на СДСМ во јавноста се пробиваат гласови во суштина многу слични на оние што ги добиваме од ВМРО- ДПМНЕ. Тие гласови не само што не прифаќаат предлози од другите опозициски средини, туку оние од тие средини што предлагаат вистински решенија ги напаѓаат како поголеми непријатели од ВМРО- ДПМНЕ. Апсурдно, но точно! Што се однесува до санкциите, тие ќе дојдат, а за жал последиците ќе ги сносиме сите. А како што изгледа, и сите имаме некоја одговорност за сегашната ситуација.

ДВ: Што може да донесе инсистирањето на опозицијата за брзи избори наесен, наспроти неизвесноста дали дотогаш ќе бидат обезбедени елементарни предуслови за фер - избори?

Андов: Определување на датумот на изборите не треба да биде приоритетна задача. Приоритетни треба да бидат оние политички потфати што јасно ќе навестат дека доаѓа владеењето на правдата, со основањето на СЈО и специјално судско одделение. Резултатите од нивната активност ќе почнат да ја враќаат довербата на луѓето во државните институции и тогаш може да се закажат избори.

ДВ: Според вас, кој е најефикасниот пат за институционална ревитализација на државата? Има ли, и кои се субјектите кои во овој момент може да започнат спроведување на таков сериозен државен проект?

Андов: Последиците од досегашното владеење на Груевски, но некои и од владеењето на неговите претходници во еден подолг период, не ги уверија нашите партнери дека Република Македонија има власт и администрација на која може да и се верува. Во конкретните услови непреченото дејствување на СЈО и на специјален судски оддел е најефикасен начин за институционална ревитализација на државата. Непосредни последици на нивното дејствување, ќе бидат брзото средување на приликите во полицијата, а потоа во инспекциските органи и во сите државни институции.

ДВ: Како граѓаните кои засега се изоставени од разговорите за излез од кризата, да се осигураат дека желбата за темелни општествени промени нема да се сведе само на промена на власта, туку пред се, на воведување високи професионални и морални принципи, отчетност и санкционирање на одговорноста?

Андов: Граѓаните ќе почнат да веруваат дека Македонија е нормална држава кога нема да биде дозволена неказнивост, пред се на оние кои ги водат државните работи. Неказнивоста на државните функционери, правосудството го сведува на гонење и осудување само на луѓето што се далеку од власта. Кои се тие граѓани што ќе му веруваат на такво правосудство? Затоа обрнувам внимание на ова од претходните одговори на моите прашања.

ДВ: Во сенка на политичката криза страда економијата. Со ова темпо на игнорирање на проблемите и енормните задолжувања, постои ли опаснност економијата да стане идната сфера која ќе предизвика нова радикализација на состојбите?

Андов: Македонската економија е многу зависна од странскиот фактор. Во нашите реформски потези и политики во голем дел учествуваат финансиски средства од меѓународните институции, пред се од ЕУ. Тие институции можат да простат грешки од незнаење, како и грешки од органи на власта ако се тоа многу ретки, затоа што такви има сегде. Но ако неодговорноста со ракувањето на финансиските средства што ги добива земјата е право на власта, како што е кај нас, тогаш кај нас е воспоставен систем во кој не веруваат странците. А зошто да ни даваат пари ако е така? Од друга страна запирањето на тој прилив тешко ќе ја погоди целата наша економија. Тогаш ќе видиме дека во основата на сите економски параметри на државата лежи нејзиниот статус во меѓународните односи и во интеграциските групации. Ние наместо да го подобруваме тој статус и еден ден да станеме полноправна членка на Унијата, со однесувањето на нашата власт го упропастуваме и тоа што сме го создале.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми