1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Излез на годината - Алибаба на берза!

Миријам Браун / Елизабета М. Фиданоска8 септември 2014

Бизнисот на Алибаба би можел да се опише како мешавина од она што го прават Амазон и Ибеј со Пејпал и Гугл. Кинескиот интернет гигант денеска излегува на берзата. Тоа е најголем технолошки излез на берза на сите времиња.

Фотографија: picture-alliance/dpa

На Волстрит се горди што најголемиот излез на берзата во историјата ќе се реализира токму тука. Честопати ИТ-фирмите ја избираа конкурентската берза, на само неколку милји северно - технолошката берза Насдак. „Откако излегувањето на Фејсбук на берзата заврши со дебакл, на Алибаба овде му е можеби подобро“, оценува трговецот на Волстрит, Џејсон Вајсберг.

Во финансиската метропола се многу добри сеќавањата на техничките проблеми при досега најголемиот технолошки излез на берза, оној на Фејсбук пред две години. Социјалната мрежа тогаш доби 16 милијарди долари. Сега Алибаба сака да генерира 4 милијарди долари повеќе, што би значело дека тоа би бил најголем излез на берза во историјата.

Оној кој го купува Алибаба ги добива Кајмански острови

Волстрит всушност не е прв избор на Алибаба. Уште во 2007 година интернет гигантот славеше излегување на берза, тогаш во Хонгконг. Шест години подоцна концернот е повторно на ист курс: „Алибаба сега за пазар ги избра САД, затоа што овде може да си ја задржи структурата“, објаснува Скот Кеслер, ИТ-аналитичар во Стандард и Пурс Капитал ИК во Њујорк. Според Кеслер, тоа во Хонгконг не било можно.

Фотографија: Getty Images

Тоа е така, затоа што Алибаба е т.н. „Variable-Interest Entity“, еден вид друштво со специјална инвестициска цел. Оној што купува акции на Алибаба, не добива удел во концернот, туку добива сопственост врз „филијала“ на Кајмански острови. Тука се влеваат само добивките на Алибаба. Со тоа се настојува да се избегнат кинеските закони, според кои странци не можат да поседуваат актива во една кинеска фирма.

Ваквата процедура веќе функционираше во минатото и за други кинески фирми, на пример за Баиду, кинескиот Гугл. Со неговите акции се тргува на Насдак од 2005 година. Има и други примери, вели Кеслер. Ваквиот тренд на добивање меѓународни инвеститори е почнат уште во 1990-тите.

Инвеститорите речиси немаат право на соодлучување

Предмет на критика е еден спореден ефект на ваквата претприемачка структура - инвеститорите речиси немаат никакво право на соодлучување. Основачот на Алибаба, Џек Ма и неколку други партнери одлучуваат за повеќето од половината членови на Надзорниот одбор.

Фотографија: http://alibabagroup.com

Деловните бројки на Алибаба се повеќе од впечатливи. Гигантот околу 80% од својот обрт го остварува со интернет-трговија во Кина. Обртот во моментов изнесува околу 300 милијарди долари годишно. Во 2020 година тој, како што се проценува, ќе биде поголем од обртот на Велика Бритнаија, Јапонија, Германија, Франција и САД заедно. Енормна големина и тоа и покрај фактот дека до моментот кога Јаху презеде една четвртина од Алибаба за кинескиот концерн на Запад не знаеше речиси никој ништо.

„На американските интернет фирми или фирми со социјални медиуми им е често тешко да работат во Кина, да се етаблираат и да бидат успешни“, објаснува Скот Кеслер. Токму социјалните мрежи делумно се воопшто недостапни. Тоа е пречка за американските фирми, но создава огромни можности за кинеските фирми. Само на Таобао, место за тргување кое му припаѓа на концернот Алибаба, се активни околу седум милиони продавачи и купувачи. Тука се продава се‘ - од облека до упатства за оригами.

Проблем со фалсификати

Таобао на средината од летото се најде на насловните страници поради тоа што трговците нуделе фалсификувана стока. „Кинеската клултура на фалсификување и незаситноста на американските потрошувачи по евтина стока доведува до ваков проблем“, изјави за американската телевизија Боб Баркиеси од меѓуанродното здружение кое презема мерки против фалсификување „ International AntiCounterfeiting Coalition“.

Џек Ма, основач на АлибабаФотографија: picture-alliance/dpa

Алибаба, кој има околу 800 милиони понуди на своите страници и 500 милиони корисници, реагираше веднаш на критиките - ако некој понудувач на луксузна стока сака да отвори онлајн-продавница на Алибаба, веднаш ќе бидат отстранети од понудата артиклите кои се фалсификати.

И сето тоа во време кога концернот од Далечниот Исток мора да биде убедлив не само за инвеститорите, туку и за институцијата задолжена за надзор на берзите СЕЦ (United States Securities and Exchange Commission). Берзанскиот проспект, откако беше доставен до СЕЦ, мораше да биде променет три пати.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми