1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Уметност

Изложба на реплика од бункерот на Хитлер во Берлин

НД/ дв
28 октомври 2016

Еден музеј во германскиот главен град постави реплика од бункерот во кој Адолф Хитлер ги поминал своите последни денови. Критичарите го обвинија кураторот на проектот дека ја сензационализира историјата.

Deutschland | Austellungseröffnung Führerbunker Hitlers Arbeits- und Wohnzimmer
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Klumm

Репликата на канцеларијата на Адолф Хитлер во Берлин беше отворена за јавноста во четвртокот, оддалечена околу два километри од местото каде се наоѓал вистинскиот бункер на нацистичкиот лидер.

Првите посетители на изложбата беа пречекани од реплики на бирото, каучот, часовникот, портретот од кралот Фредерик Втори и цилиндер со кислород кои се наоѓале во вистинската бункерска канцеларија на Хитлер. До собата која е сместена во поранешна скривница од воздушни напади може да се стигне со кратка прошетка од плоштадот Потсдамерплац. Изложбата е реконструкција на местото каде Хитлер си го одзема животот на 30 април 1945 година.

Реконструираната канцеларија на Хитлер е сместена во поранешна скривницаФотографија: picture-alliance/dpa/W. Klumm

На денот на отварањето на „Бункерот на берлинската приказна" - како што е наречена приватната иницијатива – се соочи со критики од некои други институции. Од музејот „Топографија на теророт“ кој се наоѓа во близина и во кој се документирани воените злосторства извршени од националсоцијалистите, изјавија дека изложбата со бункерот е обид за правење шоу.

„Ние ја објаснуваме историјата, ја документираме и се држиме до фактите. Затоа не можеме да поддржиме такви продкуции“, изјави портпаролот на музејот Кај-Уве Дамарос за германската новинска агенција ДПА. „Ние не се занимаваме со сензационализам“, додаде тој.

Кураторот на изложбата, Виланд Гибел, изјави дека целта не е да се „креира шоу за Хитлер“. Тој изјави дека репликата на канцеларијата е достапна само за посетители кои се дел од приватна тура низ друга скривница од време на војната, која била изградена за 3.500 луѓе, а до крајот на војната обезбедила засолниште за 12.000 лица. Тој додаде дека фотографирањето на изложбата не е дозволено.

Часовник, книги и други артефакти се поставени на работната маса на ХитлерФотографија: picture-alliance/dpa/W. Klumm

Нема обележја на нацистите

Хитлер се повлекол во својот подземен бункер, наречен „Фирербункер“, во централен Берлин на почетокот на 1945 година додека силите на Алијансата напредувале на германската теритроија. За време на последните месеци од војната, додека советската армија напредувала на запад кон главниот град на Германија, подземниот комплекс служел како главен штаб на нацистичкиот режим.

Во бункерот, Хитлер се оженил со Ева Браун кратко пред двајцата да извршат самоубиство. Целиот комплекс бил уништен по војната во обид да се отстранат сите обележја на Третиот рајх. Денес, целиот простор е исполнет со паркинг места и една незабележлива плакета на која е објаснето за што се користел просторот претходно.

Посетителите можат да видат макета на бункерот на Хитлер кој бил изграден помеѓу 1943 и 1944 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/W. Klumm

Според Адам Керпел-Фрониус, од Меморијалниот центар на убиените Евреи од Европа, има голем интерес за автентичните историски места.

„Не мислам дека тоа е лошо“, изјави тој за ДПА. „Од секогаш постоел страв дека (оригиналниот бункер) ќе стане свето место за неонацистите. Но тоа не се случува. Секој што доаѓа во Берлин и се интересира за историјата знае дека постоел ‘Фирербункерот', но сите се изненадени кога ќе дознаат дека на тоа место денес има само паркинг.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми