1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Ново проветрување на учебниците

ДТЗ
18 февруари 2021

По лавина реакции во јавноста, ќе се корегираат содржини кои се однесуваат на албанската заедница во С. Македонија. Договорот го постигнаа Царовска, Груби и Адеми

Deutschland Gütersloh | Coronavirus | Vorbereitung auf Schulbeginn
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Strauch

„Меѓу денешните македонски Албанци има и родови кои себеси се сметаат за староседелци. Главно тоа е македонско население кое во текот на турското владеење го примило исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив, понекаде има и понекој род кој потекнува од некогашните Турци, Роми или Черкези“.

Ова се наведува на 99 страница од учебникот по географија, којшто го изучуваат учениците од втора година средно образование. На страницата 103, пак, во истиот учебник има реченица „окупаторска Албанија на западна Македонија“. Веќе на наредната страница следи нов цитат во кој се наведува дека Албанците во Македонија се доселиле во различни периоди, почнувајќи од 1780 година. Но, она што се проблематизира изминатиов период е што во книгата се наведува дека „населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, плански, со помош на турската власт или на локалните аги и бегови“.

-повеќе на темата: Ревизијата на учебниците и визијата за мир

Овие неколку делови од учебникот по географија предизвикаа лавина реакции. По палењето учебници пред Министерството за образование и секојдневниот притисок во јавноста, вицепремиерот Артан Груби, министерката за образование и наука, Мила Царовска и пратеникот Арбер Адеми договорија да се прегледаат и да се исправат сите неправилности во учебниците за основно и средно образование. Проветрувањето на учебниците ќе започе токму од спорниот учебник по географија за втора година средно образование во кои дел од содржините ја навредија албанската заедница во земјава.

Ќе се прегледуваат сите учебници

Како што соопштија од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, во случајот со учебникот по географија ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебници, кој наведува дека учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ја навредува историјата, културата и вредностите на сите граѓани на Р.С. Македонија.

-повеќе на темата: Пингел: Бугарија не беше фашистичка држава, но ја окупираше Македонија

„Во текот на наредниот период, сите учебници ќе бидат прегледани со цел да се стави крај на овие појави, соодветно на недоследностите во овие учебници“, објави Груби на Фејсбук.
Реакцијата следи откако неодамна група млади Албанци пред Министерството за образование и наука запалија страници од учебникот по географија за кој сметаат дека содржи навредливи и невистинити содржини за албанската етничка заедница во земјата. Претходно, барање за да се повлече од наставата учебникот „Географија на Република Македонија за втора година – реформирана гимназија“, испрати Алијансата за Албанците во писмен допис до министерката за образование Мила Царовска. Во писмото потпишано од Омдер Ајдини, претседател на Младинскиот форум на АА, се наведува дека елементите во книгата, освен што се навредливи кон културата, историјата и другите вредности на Албанците, се и ксенофобични и придонесуваат за стигматизација и охрабрување на говорот на омраза.

-повеќе на темата: Ѓоргиев за ДВ: Има простор за подобрување и во македонските и во бугарските учебници

Па така, на страницата 99, според него, Албанците се претставени како опасност за државата каде што е наведено дека „Населувањето на нови Албанци во Република Македонија не е завршен процес, и тој се одвива и денес – почетокот на XXI век. Ваквото, на моменти неконтролирано, населување може на најразлични начини да им наштети на сите во Република Македонија“.
Проблематичен е и пасус којшто може да се прочита на страницата 104, а во кој се наведува дека „населувањето на албанското население во Македонија не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, планирано, со помош на турската власт или локалните аги и бегови, кои го дозволуваа доселувањето на албанско-муслиманското население. А ова ни кажуваат бројни автентични сведоштва. Македонците ги протерувале од родните села со многу сурови методи, како грабежи, киднапирања, убиства, физичко малтретирање – тепање, опожарување и слично“.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети  вчера изјави дека поранешните министри кои го водеа ресорот образование, не се уредници и лектори за да ги отстрануваат навредливите содржини од учебниците. Осврнувајќи се на учебникот по географија, Ахмети вели дека станувало збор за навреди и дека од таквите книги не треба да се учи. Учебникот е издаден во 2002 година, период кога ДУИ стана дел од Владата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми