1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изми, минатизми и попатни национализми

29 март 2018

Крпеницата наречена „проширена и надградена владина коалиција”, во која веќе ретко ќе најдете еден единствен лик достоен да се смета и нарече либерален демократ, не е никаква случајност или производ на околностите.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Доколку би суделе според медиумското покривање на темата на неделата, јавноста би била доведена во недоумица дали во Македонија е во тек реконструкција на Владата или пак натпревар во докажување кој министер има посилен и повлијателен медиум за јавна харанга на ривалите, според тактиката - нападот е најдобра одбрана. Натпреварот е напнат, неизвесен, со блага предност на новинарите на Анѓушев пред пресовите на Тевдовски, на дружбата на Роберт Поповски пред онаа на Алаѓозовски, пата-пата трка меѓу Османи и Димитров како и фотофиниш помеѓу Заев и Шеќеринска. Сѐ на се, наместо одговорно достојнa дебата за постигнувањата и (не)успесите на оваа Влада по 10 месеци владеење, добивме ужасно примитивна галама од која единственото што може да се заклучи е дека не е битно колку те бива, туку колку новинари имаш на платен список. Што помалку успеси – толку повеќе новинари, претстава во која недостасува само Latas In Fabula.

Делумно, вината за оваа состојба оди на сметка на ВМРО-ДПМНЕ, Беса и Алијансата, кои поради ситнопрофитерски дилови со СДСМ и ДУИ тврдокорно одбиваат да си ја вршат сопствената работа и да поднесат барем една интерпелација во Собрание. Ако не против Владата во целост, тогаш барем против еден од свитата министри за кои инаку не престануваат да блујат отрови и паѓаат во скандализирани несвестици на самодокажување пред граѓаните. Поради што денес никој сериозен не обрнува внимание на нивните „опозициски” ставови, коментари и изјави проследени со евтини календарски трикови за купување време. Некој, ве молам, да го праша Мицковски зошто смета дека е полесно да се руши Заев на плоштад во мај, отколку барем да се обиде да собори еден единствен министер во Собрание во март?

Комплетна реконструкција

Но, таквата одговорност е сепак од споредна битност во споредба со гужвата пред сопствениот гол на владината камарила и мизансценските мотиви во позадина. Доколку повнимателно ги следите аргументациите на медиумските телали за (не)успешноста на одредени министри, ќе увидите дека аргументите се базираат на тоа кој од нив заслужува да биде сменет, но не и кој од министрите воопшто има постигнато барем некаков резултат. Логично, бидејќи доколку би било според вториот параметар, тогаш Владата, а не овој/оној министер, би требало да подлегне на целосна, комплетна реконструкција. И во склоп на тоа, дали треба да бидеме изненадени што во таа полемика нема ни збор за успешноста на Анѓушев во економијата, за резултатите на Шеќеринска во одбрана, за постигнувањата на Димитров во дипломатијата, за 369 цупкања во место на Османи? Недостатокот на овие дебати ги обезвреднува и дебатите за одбележаните министри од втор ранг кои немаат политичко-медиумски кумства, се премногу шкрти во честење или немаат пари за купување нарачани интервјуа, колумни и анализи.

Токму затоа тековната полемика содржи во себе некои други индикатори за помалку гласни и недоволно разјаснети состојби скриени во позадина на медиумските бури. Пред сѐ, медиумските меѓуминистерски кавги потврдуваат дека порано отколку што најавуваме и очекувавме, бумерангот фрлен првично кон ВМРО и ДУИ, сега со разорна сила се врти и движи во правец кон Бихаќка и потенцијално кон Зоран Заев лично. Зависно од тоа дали во дадената ситуација тој е во улогата на немоќен набљудувач или дискретен оператот од позадина.

Идеолошка шупливост

Состојбата во СДСМ е состојба на неизбежно премрежие како последица на напуштањето на идеолошката лева матрица. Во партија како СДСМ, каде „сите изми станаа минатизми” неминовна е субститутивната ерупција на клановштина, но и реставрацијата на „национализмот како единствен исклучок” од поморот на идеологиите (Џон Лукас). Идеолошката шупливост која доминира во Бихаќка веќе подолго време полека станува закрила за микро-буржујската клика од Скопје, која во име на борба против ДУИ и барањата на Албанците всушност се обидува да го компензира губењето на приматот во внатрешноста и тамошната популарност на Заев преку навраќање кон некои модели од минатото за кои допрва треба да се потврди дека се и неповратно свршен чин. Проблемот со овој приод на скопското крило на СДСМ е во тоа што Заев со неговото левичарство со десничарски шмек веќе ја има претркано скопската клика во копирањето на ВМРО-вската стратегија на десничарство со левичарски шмек. 

Други колумни од авторот: 

НАТО сега или НАТО никогаш

Анти-Стабилократска Еволуција

Ваквата поставеност во македонскиот политички кампус не е белег на автентична или иновативна карактеристика, колку што е логичен нус-ефект на целосната, комплетно манипулативна експлоатација на идеологиите, етницизмите, клерикализмите од страна на ВМРО и ДУИ. Поради што сегашните состојби во СДСМ толку неверојатно наликуваат на состојбите во албанскиот кампус пред појавувањето на Алијансата и Беса. Колку за кусо потсетување, подемот на овие две партии меѓу другото целеше кон рушење на ДПА, која како лажна опозиција го попречуваше директниот предизвик и загроза на ДУИ.

Состојбата е речиси пресликана во поставеноста на СДСМ како водителка на рушењето на ВМРО-ДПМНЕ, но без искрена намера за дотолчување на режимот кој тлее во исчекување делумно во ДУИ, делумно во ВМРО, делумно во самата СДСМ. Оттаму, разочараноста кон СДСМ денес е идентично по форма и суштина на разочарувањето на Албанците од Алијансата и Беса како копирајт киднапери на општограѓанскиот отпор. Подемот на интересот кај Македонците за трети опции (есенцијално демагошки путинофилства) се адекватно мимикрија на подемот на ердоганизмот кај Албанците, додека пак скопско-струмичките клановски локализми во СДСМ се македонски верзии на скопско-тетовските ривалства. Единствената дилема во очекување е дали Никола Димитров ќе продолжи во намерата да биде македонски Зијадин Села, судејќи според домашно и надворешно нескриената амбиција за сопствена портретизација како десничар прифатлив за СДСМ и заевист прифатлив за Курир и Република. Одговорот на таа дилема сепак не зависи од него лично, колку од намерата на Заев преку Димитров да си обезбеди доволно безбеден отклон од одговорноста за спорот со името или пак да ги држи сопствените ривали поблиску до себе и подалеку од сопствениот трон. Впрочем, кој друг освен самиот Заев знае и претпазливо памети од прва рака и искуство како се рушат лидери и станува калиф наместо калиф.

Доминација на привилегираната каста

Реконструкциите на министерствата според сегашниот терк не се и не треба да бидат третирани како особено значајни - камоли драматични - разврски сѐ додека бруто политиките се диктираат од нето интересите на неслужбените центри на моќ и непринципиелни меѓуклановски пазари. Онака како што разрешувањата на Чедомир Кралевски или Теута Арифи немаа никаков ефект врз владеењето на ВМРО-ДУИ, така и иди-ми-дојди промените на второ-категориските министри на СДСМ и ДУИ нема да имаат побитно влијание врз доминацијата на клановската под-премиерска братија како посткомунистичко Политбиро. Копирањето на административните пракси воспоставени од Груевски-Ахмети не можат да водат до поинакви епилози единствено поради тоа што сега се практикуваат од Заев и Шеќеринска во содејство со Али и Бујар. Но можат ефективно да го потврдат она што е сѐ повеќе извесно. Напуштањето на општествениот курс кој ја собори ВМРО и прифаќањето на тематската политичка школа и клановската федеративност на ДУИ адаптирана кон македонските прилики неминовно ја води СДСМ во истата рамка на фингиран национализам како најлесна монета за поткусурување во внатрепартиските борби за доминација. Но доколку мислите дека фингираниот национализам е најголемата опасност од тековната клан-рововска битка во Бихаќка, бидете убедени дека се лажете.

Други колумни од авторот: 

Зошто ни се срдиш, Америко?

Граѓани немет

Логиката на клановската борба за доминација редовно се базира врз зачувување на постоечкиот поредок и превласт на привилегираните. Во таа битка за премоќ, национализмот не е ниту приближно финалната цел, туку само инструмент со кој посакуваната финална цел – доминација на привилегираната каста - се држи во перпетуална состојба на статус кво. Состојба која како нус ефект неодминлливо води кон реставрација на политичкиот конзервативизам и илиберална демократија, но овојпат водена и диктирана од довчерашните пропоненти и бастиони на теоретскиот либерализам и лажните борци за „слобода ем демократија”. Крпеницата наречена „проширена и надградена владина коалиција” во која веќе ретко дека ќе најдете еден единствен лик (за партии и да не зборуваме) достоен да се смета и нарече либерален демократ не е никаква случајност или производ на околностите, туку предупредувачки аларм за реставрацијата на конзервативизмот во нашите редови – во име на спасот од конзервативизмот на ДПМНЕ.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми