1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изолација на Украина не му е никому од полза!

12 октомври 2011

Пресудата со затворска казна за Јулија Тимошенко е негативен сигнал. Тоа ја оддалечува Украина од Европа, со која требаше да склучи договор за слободна трговска размена и за асоцијација.

Kommentar bulgarisch

Јулија Тимошенко, според пресудата на судот во Киев, ја оштетила државата со тоа што во улогата на премиер се согласила на помалку поволен договор за испорака на гас со Русија. Прашање е меѓутоа дали ваквиот критериум може универзално да се применува на водечките политичари ширум светот. Доколку тоа би станало обичај, тогаш затворите насекаде би биле полни со поранешни политичари и посебно со премиери. Притоа, на Јулија Тимошенко не и’ се префрла дека присвоила државни пари, туку нејзината вина, според судот, се состои во тоа што се согласила со повисока цена за испораките на земен гас од источниот сосед. Притоа мора да се каже дека земја како Украина, која е во потполност зависна од руските енергенси, во принцип има лоши карти во преговорите.

Така не е чудо што политичарите и експертите од Европа сметаат дека станува збор за монтиран политички процес против поранешната премиерка на Украина. Таа впрочем не е единствената која го почувствувала на своја кожа домашното правосудство. Министерот за внатрешни работи од нејзиниот владин кабинет, имено, веќе со години се наоѓа во затвор. Министерот за економија успеа да избега во егзил во Чешка. Дури и доколку овие политичари навистина го прекршиле словото на законот, сепак реториката со која се служи актуелната власт во Киев, кога станува збор за овие судски процеси, остава простор за впечатокот дека станува збор за обид да се криминализира и замолчи опозицијата во земјата.

Бернд Јохан, aвтор на коментарот

Ситуацијата е чувствителна и затоа што Украина е при крај на преговорите со ЕУ за слободна трговска размена и за асоцијација. Претседателот Виктор Јанукович постојано нагласува дека сака да ја приближи неговата земја кон европските вредности, но пресудата против Јулија Тимошенко го покажува спротивното и ќе ја оддалечи Украина од ЕУ. Сепак, преговорите за слободна трговска размени би требало да продолжат, бидејќи ако тие бидат замрзнати, Украина може да потоне во изолација, слична на онаа во која се наоѓа Белорусија и тогаш ЕУ ќе има само мали можности за влијание врз оваа голема земја.

Што се однесува до Тимошенко, се чини дека има уште простор за промена на пресудата. Постои виша судска инстанца, постои можност за ревизија на процесот, или пак за помилување. Претседателот Јанукович би требало да има и личен интерес за една од тие варијанти, бидејќи и тој мораше да попушти под рускиот притисок во преговорите во 2010 година. Тој навистина успеа да извлече подобри услови за испораките на земен гас, но затоа мораше за возврат да го продожи договорот за стационирање на руската црноморска флота на Крим за натамошни 25 години. Не е далеку од памет некоја од наредните влади во Киев да дојде на идеја да го постави прашањето дали притоа претседателот Јанукович не им наштетил на стратешките интереси на земјата!

Автор: Бернд Јохан

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета М. Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми