1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Израелско-палестинскиот конфликт им одговара (скоро) на сите

14 мај 2021

Единствените жртви како и секогаш се палестинското општество и некои сегменти од израелското, кои се спротивставуваат на репресивните и дискриминациски политики на Израел. Пишува Ивор Мицковски

Israel Sderot | Panzer feuert auf Gazastreifen
Фотографија: Ilia Yefimovich/dpa/picture alliance

Најновиот израелско-палестински конфликт кој деновиве експлодираше во Ерусалим и набрзо се прошири и во Тел Авив, Појасот Газа, Лод, па се до Негев би можело да го навести почетокот на Третата интифада или почетокот на деветата војна во 70 години помеѓу Израел и Палестинците. Актуелната криза можеби наликува на уште едно продолжение на бескрајниот политички и идентитетски судир помеѓу Израел и Палестинците, но локалниот и регионален контекст изобилува со нови елементи кои актуелниот конфликт го прават понепредвидлив и покофунзен од порано. Како почна најновото насилство и судир?!

Од почетокот на Рамазан пред еден месец Палестинците се судрија со израелската полиција која постави бариери пред Дамасковата порта со цел да ги спречи ифтарските вечери. Палестинците, особено помладите, тоа го сфатија како ограничување на нивното право на собир. Судирите ќе потрајат неколку дена дегенерирајќи во напади врз ортодоксните Евреи. Потоа ќе се вклучат ултраортодоксните еврејски екстремисти од супрематистичката група „Лехава“ – „Пламен“, кои ќе се судрат со Палестинците, нешто што на 22 април ќе кулминира во нивен марш низ Стариот град со извици „Смрт за Арапите“ и напади врз продавници предизвикувајќи преку 100 повредени. На 25 април полицијата ќе ја отстрани бариерата, но тоа нема да ги смири Палестинците.

Во исто време со инцидентите пред Дамасковата порта, ќе се распламтат судири и во населбата Шеик Џара каде на 28 палестински семејства, кои тука живееле со генерации, им се заканува насилно иселување затоа што една еврејска естремистичка организација полага сопствеништво над земјиштето на кое живеат. Околу прашањето, на 10 мај требаше да се изјасни и Врховниот суд, но пресудата беше одложена поради тензичната атмосфера.

Проблемот со Шеик Џара е дел од поголемиот судир помеѓу Израелците и Палестинците во Ерусалим затоа што е емблематичен пример за израелскиот обид да се јудеизира арапскиот дел на источен Ерусалим. Проблемот е дотолку поголем што Ерусалим за Евреите е главниот град на Израел, статус кој им беше признат и од САД за време на администрацијата на Трамп. За Палестинците и за меѓународната заедница источен Ерусалим е под окупација и Палестинците го бараат како иден главен град на нивната држава. Основниот суд веќе одлучи во полза на Израелците наведувајќи дека источен Ерусалим им припаѓал на Евреите уште пред војната од 1948 година. Палестинците се противат на одлуката и го бранат своето право да живеат тука, сметајќи се за легитимни сопственици на домовите изградени во овој дел од градот.

-претходни колумни од авторот: (Не)веројатноста од воен удар во Франција

Епицентарот на судирот потоа почна да се поместува кон Ридот на храмовите каде за последниот петок од Рамазан на 7 мај се собраа преку 70 илјади верници и во толпата луѓе почнаа да се појавуваат и зелените знамиња на Хамас. Полицијата ќе реагира со екстремна бруталност, фрлајќи солзавец и во џамијата Ал Акса, третото свето место на Исламот и да влегува со обувки во џамијата, на тој начин сквернавејќи ја. Ранети ќе бидат 205 Палестинци и 17 полицајци. На 8 мај судирите продолжуваат и бројот на повредени ќе порасне на 520. Минатиот понеделник тензиите ќе експлодираат по повод Jerusalem Day, денот кога Евреите го слават обединувањето на Ерусалим после војната од 1967 година. Хамас почнува да реагира на судирите со лансирање на ракети врз Ерусалим и Тел Авив додека израелската војска ќе возврати со бомбардирање на Појасот Газа. Израелските ракетни напади врз Газа досега оставија најмалку 67 жртви, од кои 17 деца. Околу 400 се повредени. Милитантите од Газа лансираа повеќе од 1.000 ракети кон Израел од почетокот на нападите во понеделникот попладне, при што беа повредени над 200 израелски цивили и убиени седум жртви.

Новата ескалација на насилства доаѓа во многу деликатен политички момент и за двата фронта и е потврда дека сите актери во приказнава имаат интерес од подигнување на тензиите.

Во Израел актуелниот премиер Бенџамин Нетанјаху не успеа да формира стабилна влада иако на мартовските избори, инаку 4-ти по ред во 2 години, освои релативно мнозинство. Популарниот „Биби“ е мајстор за подигнување димни завеси преку судири со Палестиниците и провокациите му служат за да го зајакне својот имиџ на силен лидер и да ги подели ривалите, да ги освои или едноставно да купи време околу неопределените во израелскиот парламент Кнесет. Нетанјаху во исто време мора да се соочи со намерите на администрацијата на Бајден која сака да ги рестартира нуклеарните преговори со Иран, нешто што на Израел не му одговара. Оттука, преку поддршка на екстемистичките сионистички организации и почеток на ново насилство, Нетанјаху верува дека ќе се задржи на власт додека во исто време ќе им ги помати сметките на Американците.

-претходни колумни од авторот: 100 дена Бајден – од транзиција кон трансформација

Ситуацијата не е ништо подобра ни кај Палестинците. Претседателот на палестинската управа Махмуд Абас на 29 април ги одложи на неопределено време изборите кои беа закажани за 22 мај и кои требаше да бидат први избори во последните 15 години. Откажани беа и претседателските избори закажани за 31 јули, со образложение дека виновен е Израел кој не гарантирал дека ќе дозволи да гласаат граѓаните на источен Ерусалим, како што стои во договорот од Осло од 1993 година. Во реалноста мотивите се сосема поинакви. Абас е загрижен што Фатах се подели на повеќе листи додека Хамас остана монолитен и со една единствена изборна листа. Во исто време Абас се соочува со длабока непопуларност, обвинувања за корупција, неспособност за раководење на односите со Израел, чиј всушност најголем клиент, колаборационист и полтрон е самиот палестински претседател и раководството на Фатах. Со одложување на изборите Абас всушност го одложи сопствениот пораз. Како што тврдат израелските и арапските коментатори, мошне веројатно е дека Махмуд Абас од својата енклава во Западниот Брег ја има поддржано насилната реакција на Палестинците во Ерусалим со цел да го придобие вниманието на Џо Бајден и да ги рестартира мировните преговори кои беа прекинати за време на Обама и дефинитивно напуштени од страна на Трамп.

Но, во своите лични политички калкулации Абас беше претркан од Хамас. Затворени во Појасот со кој владејат од 2006-та година, фундаменталистите од Хамас нагло интервенираа испалувајќи илјадници ракети кон Израел. Нивниот арсенал во минатото беше рудиментален и со слаб дострел, додека сега покажаа далеку поголем воен капацитет. На тој начин Хамас ја презеде иницијативата од рацете на Абас и сега тие го водат судирот со Нетанјаху. Иако кратките судири му одговараат на палестинскиот претседател, еден подолг конфликт или нова војна дефинитивно повеќе им одговара на Хамас, па и на самиот Нетанјаху. Премиер не се менува за време на војна. Како и да е, една продолжена криза или воен конфликт ќе го пренасочи вниманието од внатрешните проблеми на сите политички чинители и ќе им го продолжи политичкиот век на моќните луѓе во Тел Авив, Рамалах и Газа.

-претходни колумни од авторот: Германските Зелени во средба со историјата

Во регионален контекст, никој од клучните играчи не трпи штета од актуелниот конфликт. Почнувајќи од Иран како главен поддржувач на исламскиот Џихад во Газа и одржувач на тактичка врска со Хамас, Техеран со задоволство ќе дува во пожарот со цел да ја зајакне својата позиција како непоколеблив непријател на сионизмот и верен пријател на Палестинците. Судирот им одговара и на Хезболах во Либан и на проиранските милиции во Ирак кои имаат со што да го дефокусираат јавното мислење во Бејрут и Багдад од очајната социо-економска криза. Крвопролевањето му одговара на Ердоган кој го поддржува Хамас како султан на Истокот, лидер на муслиманскиот свет и автентичен бранител на исламските движења, наспроти арапските предавници на палестинската кауза како Емиратите, Саудиска Арабија и Египет кои влегоа во израелската орбита. Популистичката реторика на Ердоган му служи за да се претстави и како заштитник на светите муслимански верски места.

Улога која некогаш беше резервирана за Саудијците, кои пак денес, заедно со Емиратите и сите останати кои го потпишаа „Договорот на Абрахам“ и ги нормализираа односите со Израел се позаинтересирани за бизнис со Ерусалим отколку за конфликт. Египет и Јордан се во мир со еврејската држава веќе 42 и 27 години, надминаа две Интифади и безбројни израелски воени екскурзии во Газа или окупации на Западниот брег без кога било нивната структура на моќ да биде загрозена од јавното мислење кое ја поддржува палестинската кауза.

Ивор Мицковски, автор на текстотФотографија: Privat

Многумина се надеваа дека со доаѓањето на Бајден неговата администрација ќе ги игнорира или анулира Договорите на Абрахам, враќајќи некаква надеж во мировните преговори и формулата „Два народи-две држави“. Но, Вашингтон останува челичен сојузник на Израел во Блискиот Исток и Бајден нема намера да ги раскинува договорите кои релативно го стабилизираа регионот, но во исто време ја направија уште понеодржлива и потешка состојбата на Палестинците. Затоа, овие денови од Вашингтон не чувме ништо особено, освен еден општ повик до сите учесници да запре насилството и да се седне на преговарачка маса. Зафатен со домашните социјални и економски проблеми Бајден е позаинтересиран за договор со Иран отколку за израелско-палестинското прашање.

Ова за Бајден може да се претвори, односно, веќе се претвора во внатрешно-политичко прашање. Трамп не пропушти шанса да го обвини Бајден за кризата на Блискиот Исток, потсетувајќи дека во негово време владеел мир. Бајден ќе има проблем и во своите редови со Демократите кои се поделени помеѓу постарите генерации кои се произраелски настроени и помладите кои бараат прекин на традиционалната американска произраелска политика.

-претходни колумни од авторотНова Железна завеса помеѓу САД и Русија

Позагрижен во надворешната политика за долгорочниот судир со Кина, Бајден делува како изненаден од израелско-палестинската криза. Актуелната воздржана позиција на САД не делува одржлива на подолг период и доколку конфликтот се продлабочи можно е да очекуваме многу подрастични мерки.

Јасно е дека на домашните, регионалните или светските актери овој конфликт им одговара или не им предизвикува преголема штета. Единствените жртви како и секогаш се палестинското општество и некои сегменти од израелското, кои се спротивставуваат на репресивните и дискриминациски политики на Израел. Сепак, најмногу страда палестинската заедница која комплетно е столчена од се посилната израелска окупација и од неспособноста и корумпираноста на својот политички лидершип. Безизленоста за Палестинците, особено помладите генерации, станува неиздржлива и фрустрирачка, додека во исто време повеќе не се препознаваат во традиционалните организации и се во очајна потрага по нова идентификација која би им отворила нови животни патишта и хоризонти.

Наместо да гласаат на избори, палестинската младина од Западниот Брег и Појасот Газа се во ситуација да поставуваат барикади, лансираат ракети и бидат жртви на репресалии, да гинат за своите корумпирани политичари, да стравуваат од апсења, да извикуваат воени слогани кои само ќе ги оддалечат од некаква разумна политичка иднина и некаков траен мир.

Денес се слави прогласувањето на израелската независност, а ден потоа Палестинците и израелските Арапи ја одбележуваат Накба – палестинскиот егзодус после војната во 1948. Да се надеваме дека овие денови наместо причина за ескалација ќе дадат поттик за смирување на тензиите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми