Израел гаѓан од три страни
24 август 2014Во израелски напад врз Појасот Газа денеска (24.08) беа убиени најмалку двајца Палестинци. Претставници на палестинските спасувачки екипи соопштија дека израелските авиони утринава го бомбардирале западниот дел на Појасот Газа. Притоа, повредени биле седум лица, од кои двајца подоцна им подлегнале на повредите.
Ракети од Сирија и Либан
Во текот на ноќта од Сирија беа испукани пет ракети врз Голанската висорамнина, која е окупирана од страна на Израел во 1967 година. Израелската армија соопшти дека ракетите паднале на различни места. Нема извештаи за штети или жртви. Израел во јуни, по еден напад од Сирија во кој имаше и жртви, бомбардираше позиции на сириската армија.
Само неколку часа претходно, од јужниот дел на Либан врз северот на Израел беа испукани две ракети. Погодена е куќа во Галилеја, соопшти израелското радио. Осум лица доживеале шок. Израел, според медиумите, поднесол жалба кај меѓународните трупи за набљудување Унифил во јужен Либан. Во текот на изминатиот месец Израел беше три пати гаѓан од радикални борци од Либан. За ваквите напади во минатото одговорност преземаше група која е поврзана со терористичката мрежа Ал Каеда.
Израелската армија соопшти дека во текот на вчерашниот ден од Појасот Газа врз Израел биле испукани најмалку 60 ракети. Гранатата, која во петокот уби едно четиригодишно дете во Израел, наводно била испукана од близина на училиште на Хамас.
Израел уништи зграда во Газа
Вчеравечер израелската армија фрли две бомби врз една зграда во градот Газа и ја срамни со земја висококатницата. Во нападот беа повредени 17 лица. Во зградата од 13 ката наводно живееле 44 семејства. Жителите биле два часа претходни со летоци и телефонски повици информирани за нападот и од нив било побарано да ја напуштат зградата. Израел претпоставувал дека во нејзе се кријат борци на Хамас и дека таа се користи како командна централа.
Египет и Абас бараат разговори
Египет од Палестинците и Израел повторно побара запирање на меѓусебните напади и почеток на преговори. Двете страни мора да ги продолжат разговорите, соопшти Министерството за надворешни работи во Каиро. Египетската влада досега повеќе пати посредуваше во конфликтот. Крај на борбите побара и претседателот на Палестинците Махмуд Абас. Тој на прес-конференција во Каиро рече дека страните во конфликтот мора да се вратат на преговарачка маса најбрзо што е можно. Само на тој начин може да се „спречи поголемо крвопролевање и уништување“. Претходно Абас разговараше со египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси. Абас во петокот во Катар имаше средба со шефот на Хамас Калед Машал. За содржината на овие разговори не е соопштено ништо.