1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Израел и заканите од Иран

Керстен Книп
2 мај 2018

Израел го обвинува режимот на имамите во Иран дека ја загрозува еврејската држава и зборува за „црвени линии“.

Syrien Explosionen erschüttert Damaskus
Фотографија: picture-alliance/dpa/XinHua/A. Safarjalani

Несигурност и шпекулации насекаде. Кој стои зад последните напади врз повеќе сириски воени бази, извршени со ракети со голема разорна моќ, кои предизвикаа и потрес на земјиштето? Во шпекулациите може да се слушнат многу можни одговори за тоа кој е одговорен. Можеби се Американците. Но можно е да се и Израелците. Според напис во „Јерусалем пост", сириските бунтовници велат дека е можно да се и Русите, бидејќи режимот на Асад и Иран на крајот не сакале да го исполнат планот на Москва, па Русија сега демонстрира сила.

Она што паѓа во очи, според „Јерусалем пост" е воздржаното известување на државната сириска новинска агенција САНА. Мора да има причина за тоа, смета весникот: „Тоа може да му даде можност на режимот да каже дека Израел стои зад нападите, а дека руската воздушна одбрана не била активирана и покрај уверувањата дека натамошни напади нема да останат без одговор."

Проширување на воената зона

Шпекулациите за најновите напади, во кои, според наводи на Сириската опсерваторија за човекови права, загинаа 276 борци, од кои повеќето - Иранци, покажуваат пред сè едно - дека војната во Сирија добива сѐ поголеми димензии. Сѐ помалку се ограничува на територијата на Сирија и сѐ повеќе се шири во други земји во непосредно соседство.

Хамас добива поддршка од Иран (фото: собир на приврзаници на Хамас во Газа, декември 2017.)Фотографија: Reuters/S.Salem

Израел е сѐ повеќе инволвиран. Таму со загриженост се следи како Иран го зголемува своето присуство во Сирија. „Иран во Сирија си гради нов фронт против Израел, како една отскочна штица за од таму да го освои Израел", вели израелскиот министер за правда Ајелет Шакед. „Израел нема да седи настрана и немо да посматра како Иран ја презема Сирија," рече Шакед во едно интервју за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг". Израелската војска во меѓувреме призна дека извршила околу стотина напади врз цели во Сирија.

Иран и неговата паравојска

Иран е присутен во Сирија со неколу групи милиции. Техеран сѐ повеќе ја користи војната во Сирија за да се подготви во однос на Израел, смета политикологот Пинас Инбари од Центарот за општествени односи од Ерусалим. Тој во разговор за ДВ вели дека тамошната влада избрала интелигентен пристап за да си ја оствари целта, а тоа е конфронтација со Израел. „Зошто Техеран да влегува во отворена војна со Изарел, кога тоа може да го направи преку својот арапски сојузник во регионот?"

Иран наголемо инвестира во Хезболах. Според извештај на магазинот „Форбс“, во моментов тоа се околу 800 милиони долари годишно. Со години Хезболах го проширува својот воен арсенал. Според израелскиот министер Шакед, оваа организација има над 120.000 ракети насочени кон Израел.

Верските разлики очигледно не играат улога во иранскиот план. На пример, сунитскиот Хамас, кој владее во Појасот Газа, добива голема поддршка од Иран – околу 70 милиони долари годишно. Ракетите кои од таму се испалени кон Израел не треба само да ги исполнат целите на Палестинците, туку мора да ги следат и насоките од режимот на имамите, кому не му одговара егзистенцијата на еврејската држава.

„Нема граѓани на плажа"

Либански жени во дел од Бејрут бомбардиран од Израел (септември, 2006 година)Фотографија: AP

Најважната претходница на Иран сепак е Хезболах. Во изминативе месеци Израел повеќепати гранатираше пунктови во Сирија, во кои според убедувањата на израелските тајни служби иранските трговци со оружје го снабдувале Хезболах. Додуша Хезболах во моментов не може да си дозволи војна со Израел, смета Пинас Инбари. Шиитската организација во моментов е зафатена со внатрешните борби за моќ во Либан, а и голем дел од силите им се сконцентрирани на војната во Сирија. Исто така, Иран сѐ повеќе се потпира и на останатите свои сојузници - покрај Хамас уште и на „Исламски џихад".

Сепак, не недостасува јасно предупредување не само во однос на Хезболах, туку и на цел Либан. Хезболах и либанската армија фактички не се разликуваат, изјави на почетокот на февруари израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман. „Нема да има слики како од втората либанска војна (во 2006 година) кои покажуваат како граѓаните на Бејрут си седат на плажа додека во Тел Авив паѓаа бомби. Тоа нема да се случи," рече Либерман.

Израелските „црвени линии"

За Израел продорот на Иран е огромен предизвик. И покрај тоа што САД реагираа на неодамнешната употреба на отровни гасови на режимот на Асад, во еден извештај на Институтот за национални безбедносни студии во Тел Авив, е нагласено дека сепак нападот е насочен исклучиво против употребата на хемиско оружје, а не да се собори Асад, ниту пак да се запрат Иран и Русија. „Израел останува сам во кампањата против консолидацијата на Иран и нејзините претставници во разурнатата од војна Сирија“, се вели во студијата.

Предизвикот е огромен. Бидејќи Иран, не само во Сирија, туку и во другите арапски земји, доби големо влијание. „Во меѓувреме се зборува за една 'американска полумесечина', којашто треба да го опфати целиот североисточен регион во Сирија и од таму да се прошири кон Јордан, за на тој начин да се создаде еден заштитен чадор“, вели за Дојче Веле експертот за Блискиот исток, Гинтер Мајер.

Западните земји сакаат Иран да се повлече од Сирија. Но за тоа да се постигне досега не е направено многу. Бомбите како одговор на употребата на хемиско оружје, кои поранешниот американски претседател Барак Обама ги нарече „црвена линија“, се досега најсилна реакција на западните сојузници. Од друга страна, Израел има други, подиректни приоритети. Сè на сè, самиот Иран е црвена линија, смета политикологот Пинас Инбари. „Бидејќи политиката е одговорност на целата држава - а не само на актуелната влада.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми