Израел и спорот околу религиозната одмереност
1 ноември 2014Јехуда Глик се залагаше за еврејски Рид на храмовите. Тоа за него значи - Рид на храмовите без џамијата Ал-Акса и Златната џамија, кои се едни од најважните исламски светилишта. Јехуда Глик на интернет страницата на својата организација „Верници за Ридот на храмовите“ напиша дека на Ридот не смее да има веќе „пагански“ места. Само тогаш на Ридот би можел да се изгради нов, трет еврејски храм. Многумина Палестинци на делата на Глик гледаат како на неподнослива провокација. Во средата вечерта палестински атентатор врз рабинот и десен активист испука повеќе куршуми. Глик беше тешко повреден. Неколку часа подоцна атентаторот беше убиен од страна на израелските безбедносни сили.
Атентатот ја подгрева и онака вжештената атмосфера. Министерот за економија Нафтали Бенет изјави дека со нападот е пречекорена „црвената линија од крв“. Израелските власти поради загриженост од нови безредија во четвртокот ги затворија приодите кон Ридот на храмовите, кој е еден од најважните светилишта на исламот. Претседателот на Палестинците Абас тоа го окарактеризира како „објава на војна“. Вечерта приодите беа повторно отворени.
Остри дебати
Злосторството наново ги разгорува двете дебати кои во Израел се водат одамна - дебатата за можна трета палестинска Интифада и за идентитетот и самопоимањето на израелската држава. Израел е држава на Евреите, значи религиозно дефинирана држава. Што значи тоа за општеството и политиката на земјата и како изгледа соживотот на секуларните, ортодоксните, ултраортодоксните и екстремистичките Евреи?
Поблицистот Аврахам Бург пред извесно време за „Економист“ напиша дека стравува оти Израел религиозно зацврстува и дека верскиот фундаментализам се шири се‘ повеќе. За тоа тој го обвини „агресивното и воинствено рабинство“, кое стреми кон еврејство од времето пред просветителството и политичко-културната Модерна. На конзервативните рабини, според Бург, им се приклучуваат Евреите кои себеси се гледаат како национални активисти и кои сметаат дека Западниот Брег е само нивен. Двете групи се исклучително успешни: „Ортодоксниот естаблишмент и доселениците на Западниот Брег ја земаа еврејската демократска држава како заложник и ја злоупотребуваат.“ Двете групи профитираат и од стравот што многумина Израелци го чувствуваат поради политичкиот развој во соседните земји. Фундаменталистичкиот ислам, имено, доби на сила со оглед на постојаните протестни движења во последните 3,5 години.
„Внатрешна војна“
И авторското дуо Јувал Елизур и Лоренс Малкин во книгата „Внатрешна војна“ од 2013 година предупредува на опасноста од екстремниот еврејски фундаментализам. Дуктусот на книгата го оцртува веќе поднасловот: „Опасноста од ултраортодоксните за демократијата и нацијата“. Израел, како што пишуваат двајцата автори, не се наоѓа само во надворешна војна со Палестинците, туку и во внатрешна војна, која се води меѓу секуларните и радикалните ортодоксни Израелци.
На ваквите тези се спротивставува публицистот Даниел Гордис. Државно-религиозното Велико рабинство на многу ортодоксни верници не им остава можности за интелектуално соочување со конкурентските ставови, зашто наводно тоа не е добро за развојот на религијата. Но Гордис истовремено укажува дека постои модерно, умерено еврејство. Се‘ додека мнозинството Евреи живее во отворени општества со голем „пазар“ на идеи, тогаш „имаме повод за надеж дека еврејската традиција на воздржаност ќе се пробие и дека ќе се задржи интелектуалната остроумност и моралната префинетост, кои толку долго време беа знак на препознавање на еврејството“, му одговара Гордис на Аврахам Бург.
Рабинот и борец за човекови права Арик Ашерман не е воопшто сигурен дека тоа навистина и ќе се случи. Израелската политика со години беше претолерантна кон екстремистичките доселеници, вели тој во разговор за ДВ. „Тие раснеа во атмосфера во која веруваа дека можат да прават што сакаат, зашто на своја страна со години ги имаа израелските безбедносни сили. Освен тоа, тука се и радикалните рабини кои пишуваат екстремистички текстови.“
Ако ова движење досега им го отежнуваше пред се‘ животот на Палестинците на Западниот Брег, од пред извесно време тоа е активно и во самиот Израел. Есктремистичките Израелци не преземаа мерки само против Палестинци, туку и против левичари, против армијата и полицијата, како и против христијани, вели Ашерман. Големото мнозинство Израелци ги отфрла радикалите, убеден е тој. Мнозинството ја согледува опасноста што произлегува од нив. „Има еден рабински коментар кој вели: ’Немој да мислиш дека рака која удрила не-Евреин ќе се плаши да удри Евреин’. Токму тоа се случува во моментов.“