1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел и Хамас пред нова војна

Б. Георгиевски/СН/дпа/ап/ртр15 ноември 2012

Вчерашното убиство на воениот командант на милитантното движење Хамас од страна на Израел повторно ги зовре страстите во Појасот Газа. Се заканува нова рунда од децениската војна.

Фотографија: Reuters

Советот за безбедност на ОН доцна синоќа одржа итна средба посветена на состојбата на Блискиот исток, но не беше договорена никаква акција, надвор од вообичаените протоколорни заклучоци.

Палестинските власти и повеќе арапски земји побараа остра осуда на израелските акции во Појасот Газа, но мнозинството во Советот за безбедност го потврди правото на Израел на самоодбрана.

Израел вчера започна нова масовна офанзива против милитантите на Хамас во Појасот Газа откако во изминатиот период оттаму беа испукани голем број ракети врз израелска територија. Главна цел на вчерашниот напад беше воениот командант на Хамас, Ахмед ал Џабари, кој беше убиен откако врз неговото возило беше испукана прецизно наведувана ракета.

Уште најмалку 13 лица ги загубија животите, меѓу нив и три деца, а стотина се повредени во континуираните напади на израелската армија.

Фотографија: MOHAMMED ABED/AFP/Getty Images

Страв и паника во Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа најави дека армијата е подготвена да ги прошири акциите против Хамас во Појасот Газа. Нетанјаху изјави дека Израел не може да ги толерира постојаните ракетни напади врз своја територија. Извори во израелската армија соопштија дека се размислува и за копнен напад. Министерот за одбрана Ехуд Барак изјави дека операциите во Газа се далеку од завршени. Тој оцени дека му е зададен тежок удар на Хамас со тоа што биле уништени голем дел од постројките за лансирање на ракети со голем дострел.

Палестинските власти, пак, бараат итна реакција од меѓународната заедница.
„Уште еднаш меѓународната заедница е сведок на подмолен израелски напад“, оцени палестинскиот претставник во ОН, Ријад Мансур.

„Израелските сили во овие моменти се мобилизираат. Страв и паника се шири меѓу палестинските цивили“, рече Мансур.

Како одговор на нападите, од Појасот Газа на израелска територија во текот на ноќта биле испукани повеќе од 80 ракети.

Загриженост во меѓународната заедница

Фотографија: picture-alliance/dpa

Иако засега нема никакви конкретни мерки, со исклучок на вербалните осуди, во меѓународната заедница владее страв дека нападите се вовед во втора војна во Појасот Газа. Во 2008 година, Израел на сличен начин, најпрво со воздушни напади започна голема офанзива која траеше со месеци и заврши со копнена операција во Газа. Во акциите загинаа повеќе од 1.400 Палестинци.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун во текот на ноќта телефонски разговарал со израелскиот премиер Нетанјаху и со египетскиот претседател Мохамед Мурси. Бан изразил загриженост поради развојот на состојбата и го повикал Израел на умерена реакција. Египет во меѓувреме го повлече својот амбасадор од Тел Авив и повика на одржување итна седница на Арапската Лига. Со Нетанјаху разговарал и американскиот претседател Барак Обама, и притоа го повикал да се избегнат евентуални цивилни жртви во нападите.

Загриженост изрази и официјален Берлин. „Со голема загриженост ги следиме случувањата. Не смее да се дозволи да дојде до нова спирала на насилство, и ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми