1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел најави нови градби на палестинска територија

ЖА/миа/дв/дпа5 јуни 2014

На формирањето заедничка палестинска влада на Фатах и Хамас, Израел реагира со градење на над илјада нови станови во окупираните палестински територии, на Западниот Брег и во Ерусалим.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Израелскиот министер за градење домови Ури Ариел објави денеска дека започнал тендер за изградба на 1.100 нови станбени единци во еврејските населби на Западниот Брег и 400 станови во источен Ерусалим, кои меѓународната заедница ги смета за окупирани и анектирани палестински територии.

Оваа одлука, како што рече министерот Ури Ариел, претставува одговор на формирањето на новата палестинска влада на национално единство во којашто по помирувањето влегуваат досега ривалските палестински движења Фатах на палестинскиот претседател Махмуд Абаз, коешто го контролира Западниот Брег, и исламистичкото движење Хамас, коешто ја има контролата врз другата палестинска енклава, Појасот Газа, а кое не го признава постоењето на државата Израел и се смета за терористичка организација.

„Ја поздравувам одлуката на соодветен начин да се одговори на палестинската терористичка влада. Израел има право и задача да гради низ земјата“, изјави Ариел, кој доаѓа од националистичко верската партија Еврејско огниште, на која се блиски доселениците.

Во објавата на тендерот се наведува дека треба да се изградат станови во населбите Ефрат, Бетар Илит, Гева Бинјамин, Ариел, Алфе Менаше и Гиват Зеев, на Западниот Брег, и во Рамат Шлом, кварт во источен Ерусалим.

Во понеделникот во Рамала на Западниот брег беше инаугурирана новата палестинска влада составена од независни влијателни личности и технократи, коишто ги поддржува и Хамас. Формирањето на новата влада го поздравија Европската унија, Русија, Обединетите нации и САД, што предизвика огорчување кај Израел.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот изјави дека е „длабоко загрижен“ поради одлуката на САД да не ги прекинува односите со новата палестинска влада, којашто ја има поддршката од исламистичкиот Хамас.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми